(ВИДЕО) Кој стои зад дивоградбата што им го наруши мирот на пензионерите во Чаир

October 14, 2023
5 mins read

Општинската власт успеала да ја запре изградбата на објектот веднаш зад пензионерскиот дом во Чаир, за кој нема издадено одобрение за градба. Сака и да го казни инвеститорот, но засега не знае кој е

МВР првично соопшти дека градбата ги имала сите потребни документи, за сега да ретерира со многу порезервиран став

Ново градилиште за помалку од еден месец никна на улицата Џон Кенеди во скопски Чаир. Почнуваат да се гледаат и контурите на објектот, а свежото лепче и пијалокот оставени во близина сведочат дека некој овде неодамна имал ужинка. Сега градилиштето е затворено по пријава од соседството по што Општината констатирала дека се гради на диво.

Градилиштето нема никаква информативна табла, што значи дека не се знае ниту кој е инвеститорот, ниту кој е изведувачот на градежните работи.

Веднаш до него е пензионерскиот дом „Лика Чопова“. Пензионерката Родна Стојческа 16 години живее тука, но вели – нелагодност каква што почувствувала последниот месец, не памети откако е вселена.

„Тоа беше барака за намештај. Кога почнаа да рушат, јас морам да отворам прозорец воздух да влезе, глувци ми се пикнаа, едвај сум ги очистила, отворам промаја вака за да искочат. Галамат во 6 и пол саат доаѓаат тука, не можеш да спиеш. Дење, ние сме учени да си одмораме, не можеш да одмораш од галама, од бучава, камиони трештат, прашина, ниту можеш да отвориш. До оградата ни влегоа веќе…“

вели Родна Стојческа – станарка на пензионерски дом „Лика Чопова“ – Чаир.

Родна Стојческа

Со становите на приземјето во пензионерскиот дом, станарите користат и мали дворови. Градилиштето е буквално до нивната ограда.

„Еве, само оградата гледаш. Он нема право до оградата да дојде, треба најмалце 2 метра да оди натаму, а не во оградата…“,

вели Стојческа.

Низ својот дел од дворчето со страв се движи и пензионерката Рада Кајсторовска, љубителка на цвеќе. Вели дека поради копање без контрола биле оштетени цевки, па се појавила вода.

„Почна водата да тече, ова се надолу виси, не смеевме да штрабнеме понатака, да растуриш алишта, цвеќе, ред ми рече, тоа е мое, док сум жива е мое. Никој нас не не праша, само се редеа мајстори, викотница – чукотница, не можеш да легнеш да спиеш, до 8 саат си работеа луѓето.

360 СТЕПЕНИ: Денски работеа?

Денски, скришум, се мењаа по 2-3 саати. Ако слушне дека некој ќе дојде, одма се разидуваат мајсторите, не можеш да ги видиш“,

кажа Рада Кајсторовска -станарка на пензионерски дом „Лика Чопова“ – Чаир.

Рада Кајсторовска

Пријава за она што се случува на терен стигнала до полицијата. Исказ давале и пензионерите од домот.

„Дојдоа двајца полицајци, ни се легитимираа дека се пратени за да видат што се дешава, една жена даде изјава, после јас ги викнав кај мене, своерачно ја напишав изјавата, она што сум видела и што сум чула, го кажав, се потпишав дека не е во ред. Утре кога ќе става фасада кај ќе влезе. Тамам да направи и внатрешни тераси, како ќе мачка, како ќе прави? Не ми е јасно. Овде сите се загрозени, ако он има дозвола, нека се појави“,

вели Радмила Савиќ – станарка на пензионерски дом „Лика Чопова“ – Чаир.

Радмила Савиќ

Инвеститорот не се појавува, а непознат е и за Општината. На местото на градилиштето порано имало барака, но очигледно е срушена со намера да се гради нешто друго. Според Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, за оваа локација има маркица за објект за индивидуално домување, oдносно приземје, плус два ката, плус поткровје.

извадок од Детален урбанистички план

Но, никој не се обидел легално да стекне одобрение.

„Јас мислам дека или не се добро информирани или преку оваа градба сакаат да добијат нешто повеќе од она што им следува со деталниот план. Тука е целата работа, што они одбегнуваат да почнат нешто што е легално, можеби тенденцијата е да направат некој спрат повеќе, што од друга страна ја загрозува целата негова инвестиција бидејќи утредента нема да има ниту еден документ да има ако тргнале на таа база“,

вели за „360 степени“ градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.

Случајот е тема во јавноста, па за телевизија 21 од Министерството за внатрешни работи минатата недела одговориле дека полицијата утврдила оти правниот субјект кој градел ги поседувал сите дозволи за градба. Тргнувајќи од овој одговор, се обративме до МВР со прашање да дообјаснат кој правен субјект и какви дозволи конкретно има, со оглед на тоа што надлежната Општина вели дека градилиштето е диво. Но, за „360 степени“ од МВР дадоа сосема друг одговор. Велат дека целокупниот службен материјал е предаден во Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и доколку се утврди прекршување на законите ќе биде поднесена кривична пријава до Обвинителство. Кој гради и какви дозволи има, не добивме одговор.

„Не е точно дека има уредна (н.з. документација), Јас ви тврдам дека нема, бидејќи да имаше тоа ќе беше подобро и за мене, немаше јас цел ден да се бавам со моиве сограѓани, со инспекторатот, со новинари, значи навистина ви тврдам дека немаат документација и пак велам имаат право да градат во таа маркица, но треба да ги поминат сите процедури“,

вели градоначалникот Ганиу.

Висар Ганиу – градоначалник на Општина Чаир

И додека Општината трага по инвеститорот, а полицијата се проверува самата себе, податоците од Катастарот даваат друга слика. Парцелата до пензионерскиот дом во Чаир го носи бројот 4527 и е со површина од 667 квадратни метри. Од нив, 407 квадрати се земјиште под зграда, односно земјиштето под бараката која била на тоа место, а останатите 260 м2 се водат како градежно изградено земјиште. Целото земјиште, според документите од Катастарот, е во сопственост на Република Македонија.

Но, на истата парцела 4527 е запишан и објект, односно бараката за која говорат соседите. Според документите од Катастарот, бараката била легализирана во 2014 година. Како што покажува имотниот лист за неа, таа гласи на име на извесен Седат Адем. Сумирано, објектот добил приватен сопственик преку легализација во 2014, а земјиштето под и околу него сѐ уште се води како државно.

На 30 мај годинава Седат Адем склучил преддоговор за купопродажба со фирмата АВАНТИ СИСТЕМ ДООЕЛ, кој е прибележан во имотниот лист во Катастар на 7 јуни. Но, имотот останал на име на Адем, најверојатно затоа што не е потпишан и реализиран договор или, пак, не е завршена даночната постапка во Град Скопје. „Аванти систем“ преку е-маил ги прашавме – дали по преддоговорот е склучен и договор за купопродажба? Дали „Аванти систем“ стои зад градбата и доколку да, зошто градат на диво? Одговор оттаму сѐ уште нема.

податоци од Катастар

Иако според документите од Катастарот сопственик на земјиштето е Република Македонија, од Општина Чаир велат дека сопственикот на објектот, со неговата легализација, стекнал право и го откупил и земјиштето под и околу него. Локалната власт остана на овој став и откако им предочивме дека податоците во Катастарот покажуваат нешто друго. Поради тоа, за Општина Чаир станува збор за дивоградба, но не на државна земја.

Бидејќи сепак станува збор за нелегална градба, Општината Чаир ќе го казни инвеститорот. Со оглед на тоа што не знаат кој е, ќе го чекаат 15 дена сам да достави жиро-сметка за да си ја плати казната.

„Ние знаеме поранешнава парцела кој беше, меѓувреме го продале, и има друг сопственик таму. Но, пак ви велам, дека ние како општина немаме ингеренции да одиме и да ги бараме луѓето дома, бидејќи не сме Министерство за внатрешни работи. Ние чекаме 15 дена за овој записник што го имаме донесено, ако не се појави никој го даваме записникот во обвинителството, потоа обвинителството одлуката којашто ја носи треба да ја спроведува министерството за внатрешни работи“,

тврди Ганиу.

И додека се трага кој стои зад најновиот упад во просторот во Чаир, првите соседи – пензионерите од домот „Лика Чопова“ може да останат и без дневна светлина.

Пензионерски дом „Лика Чопова“ – Чаир

„Сите не затвора, ние сме на милости немилост, не значи ако сме пензионери, дека живееме во пензионерски домови да не игра некој како што сака. Без дозвола како смееш да градиш? Ајде јас да направам нешто без дозвола, одма ќе ми дојдат ќе ми рушат“,

„Сакаме да седиме тука, да готвиме, да излезам во дуќан, продавница, тоа е најнормално. Овде ни ред, ни поредок има, ни закон ни законишта, ништо нема“,

реагираат станарите од пензионерскиот дом.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Османи: Северна Македонија не смее да го пропушти возот за ЕУ

Следно

Забранетата колумна од Фокус за еден владин ,,сељачина” излезе во јавноста

Latest from Blog

Хуманоста, желбата да се помогне и да се сплоти доброто во човекот е водечка сила која компанијата Зегин традиционално ја истакнува на Водици

Бог се јави, Навистина се јави! Водици е денот кога водите стануваат лековити. Големиот Христијански празник Водици, Богојавление и оваа година беше поддржан од компанијата Зегин. Покрај минусните температури повеќе од 220

Започна второто полугодие иако дел од родителите бараа продолжување на распустот

Денеска започна второто полугодие за учениците во основните и средните училишта и покрај тоа што дел од родителите во текот на викендот на социјалните мрежи бараа негово пролонгирање поради ширењето на грипот.

ЕП ќе расправа на прва пленарна седница за 2025 година

Првата пленарна сесија на Европскиот парламент оваа година започнува денеска и ќе трае до четврток  во Стразбур, при што европратениците ќе разговараат за програмата на шестмесечното полско претседавање со Советот на ЕУ

Мицкоски ги почна работните средби во САД, Трамп дочекан со огномет во Вашингтон

  Почнаа средбите на Мицкоски во Вашингтон. Веднаш по пристигнувањето во САД Поради инаугурацијата на новиот претседател Трамп, премиерот остварил средба со Крис Павловски, Американецот со македонско потекло сопственик на компанијата Рамбл,
Go toTop