Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата
Групата на граѓански организации за реформи во правосудството Блупринт, денеска на прес-конференција соопшти дека се повлекува од процесот за изработка на новиот Кривичен законик.
„Со оглед на целосната состојба каде се дава легитимет на нелигитимното, Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности“,
порачаа од Блупринт групата.
Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата.
„Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото“,
истакна Цветановска.
Во ваква ситуација и состојба, додаде таа, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки.
„Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека ‘плаќа дупло’“,
посочи Цветановска.
Таа исто така нагласи дека и нивната одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт-предлогот за Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка е тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на нов Кривичен законик.
„Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупцијата. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“,
додаде Цветановска.
На новинарско прашање дали може нешто да се смени во однос на Кривичниот законик, Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ рече дека со измените коишто веќе се донесени и стапени на сила, последиците ќе ги трпат и граѓаните и владеењето на правото.
„Враќање назад од таа ситуација нема, односно застарувањето на предметите каде што се опфатени со овој Кривичен законик, дополнително со новиот Кривичен законик додадени се измени во поглед на тоа да се додаде повторно враќање на кривичното дело за јавни набавки, меѓутоа тоа ќе биде закон којшто ќе биде во иднина. Во овој момент за актуелните процеси ќе се применува овој закон, односно овие измени“,
рече Петковска.
На прашањето дали може во скоро време да се очекува донесување на новиот Кривичен закон, Жарко Хаџизафиров од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека по затворање на текстот тој ќе биде предаден на Министерството за правда, од таму во Владата и дека за помалку од месец дена, во октомври се очекува финализирање на текстот.
Во однос на прашањето поврзано со укинатото кривично дело „злоупотреба при јавни набавки“ и што ќе се случи со тие што во моментов ги злоупотребуваат јавните набавки и дали има членови по кои обвинителството може нив да ги гони, одговорот беше дека обвинителството може да постапува по член 353, меѓутоа казните што се пропишани се значително пониски, се водат по скратена постапка, не се водат истрагите во обвинителство, суди судија поединец и станува збор за едно лесно кривично дело за разлика од претходно.
Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Владата ги утврдила измените и дополнувањата на седницата одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа.
Работната група која подготвува нов Кривичен законик соопшти дека во новиот Кривичен законик нема да се дозволи неказнивост за злоупотреба на службената должност при јавни набавки, а тоа ќе се регулира со посебен член.
Со неодамнешните измени на Кривичниот законик отпадна досегашниот став 5 од член 353 од КЗ, кој гласеше: „Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.
ИЗВОР: 360stepeni.mk