Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повтори партискиот став во однос на Законот за амнестија дека треба да се повлече од собраниска процедура.

Нашиот став е јасен, познат, условите се тие. Тој закон треба да се повлече. Вака како што се борат да ги амнестираат криминалците, наркодилери, насилници, изнудувачи итн., помагатели во оној случај грозоморен „Монструм“, да се бореа за државата немаше да бидеме последни според стандардот и први по инфлацијата, но за жал, оваа Влада ги интересира се само не народот и државата. Но, повторно ќе кажам е што добрата вест е дека ова ќе трае уште неколку месеци, веќе не се години, месеци се во прашање, недели се во прашање, а потоа треба да се свесни дека ќе има одговорност. Треба да се соочат со одговорност, рече Мицкоски на новинарско прашање по посетата на Општина Кисела Вода.

Претходно тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Законот за амнестија кој е во процедура по скратена постапка, а доколку се случи власта да го стави со европско знаме најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти Собранието.

Не го коментира Предлог законот за помилување, што го достави до Владата Министерството за правда, посочувајчи дека „не го виделе“, а во однос на предлог законот за игри на среќа кој е во собраниска процедура смета дека е злоупотребено европското знаменце и очекува реакција од претставниците од ЕУ и САД.

Сведоци сме изминативе денови со кои луѓе се уортачиле во овој бизнис. Јавноста е сведок со кои луѓе се уортачиле во овој бизнис, така што единствено европско за нив во случајов и проамеричко е тоа што ги предаваат националните интереси на македонскиот народ и Македонија. Но, кога станува збор за бизнис, за коцкање и слично тогаш немаат проблем да се уортачат со луѓе коишто се на црната листа на САД и да си тераат бизнис. Така што, ценам дека злоупотребата на европското знаме уште еднаш треба да биде коментирана од европски претставници иако и од нив не очекувам премногу, вели Мицкоски според кого единствен фактор на влијание врз власта се токму претставниците на меѓународната заедница.

Прашан за став во однос на очекувањата идната година платите на функционерите да се зголемат за дополнителни 400 евра поради зголемената просечна плата која се исплаќа во текот на годината, Мицкоски рече дека „идната година ќе има нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе донесе нов правилник на исплата на плати и нивелирање на коефициентите и нова методологија“.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.