(ВИДЕО) ЕУ може да се прошири и пред 2030 година, вели француската министерка за Европа

August 29, 2023
4 mins read

„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат“ – порача од Блед француската министерка за Европа, Лоренс Бун

Следното проширување на Европската Унија со нови земји членки може да се случи и пред 2030 година, а она што е потребно дотогаш е ЕУ да се реформира себеси, но реформи се потребни и кај земјите кандидатки.

Ова го изјави француската министерка за Европа, Лоренс Бун, на една од денешните панел-дискусии на Бледскиот стратешки форум.

Пораката на Бун е во контекст на процесот на реформи и прашањето за проширувањето на ЕУ и доаѓа еден ден по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од истиот настан во Блед, кој како одредница до кога ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување ја наведе 2030 година, но и ден по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, на годишниот состанок со француските амбасадори, кој рече дека Европската Унија треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето.

„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да сме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Мислам дека тоа се нашите задачи“,

рече Бун.

Францускиот претседател Макрон вчера не објасни како ќе функционира Европа со повеќе брзини, но рече оти е ризично „да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи“. Изјавата на Бун може да се толкува и како своевидно објаснување на ставот на Макрон.

Претседателот на Француската Република, Емануел Макрон / Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

 „Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини“,

рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори, пренесе „Дојче веле“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во вчерашниот говор на самитот во Блед рече дека до 2030 година двете страни – ЕУ и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на Европската Унија, што беше поздравено со аплауз од присутните. Тој истакна дека ЕУ треба да ги зајакне врските со земјите кандидатки за да стане посилна и побезбедна и затоа, како што нагласи, сега е време да се справиме со предизвикот на проширувањето.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел

„Да, верувам дека вака сега треба да ги нарекуваме земјите со потврдена ЕУ перспектива, идни земји членки. Време е да се соочиме со предизвиците со јасност и искреност. Патот кон ЕУ за Западен Балкан започна пред повеќе од 20 години. Самитот во Солун во 2003 година ја потврди европската перспектива на Западен Балкан. Но, бавното темпо на ова патување во ЕУ разочара многумина. И во регионот… и во ЕУ. Се согласувам со канцеларот Шолц кога вели дека Европа мора да ги исполни своите ветувања. Така што, сега проширувањето повеќе не е сон. Време е да се оди напред. За да бидеме веродостојни, верувам дека мора да зборуваме за времето и домашната задача. И јас имам предлог. Додека ја подготвуваме следната стратешка агенда на ЕУ, мора да си поставиме јасна цел. Верувам дека мора да бидеме подготвени – од двете страни – до 2030 година за проширување. Ова значи дека следниот долгорочен буџет на ЕУ ќе треба да ги вклучи нашите заеднички цели. Ова е амбициозно, но неопходно. Тоа покажува дека сме сериозни“,

рече во своето обраќање претседателот на Европскиот совет.

Тој во својот говор се осврна и на ставовите на францускиот претседател велејќи дека се согласува со него оти би било фундаментална грешка ако ЕУ не се реформира пред следното проширување.

„Да бидеме искрени, понекогаш го користевме недостатокот на напредок на идните земји членки за да избегнеме да се соочиме со сопствената подготвеност. Сега мора сериозно да го разгледаме капацитетот на ЕУ да апсорбира нови членки. Оваа идеја понекогаш е погрешно сфатена како скриена пречка за пристапување“,

рече Мишел.

Моментот од говорот на претседателот на Европскиот совет, вицепремиерот за европски прашања на С Македонија, Бојан Маричиќ, го оцени како сериозна пресвртница во политиката на Европската Унија кон проширувањето.

Според Маричиќ, првпат по претходното проширување државите кандидатки имаат временска одредница која официјално лице на ЕУ ја поставува како можен термин за наредно проширување.

„Станува збор за следно проширување со нови членки во 2030 година. Тоа е многу важен сигнал од Европската Унија, кој ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега оваа година, сите напори за кои ни велат дека брзаме, всушност, се оправдани и сакаме да го фатиме возот и да ја фатиме оваа можност што ни се дава и беше соопштена во Блед“,

вели вицепремиерот за европски прашања во изјава за МИА од Блед, каде што заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваат на самитот.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не го делат истиот ентузијазам. Од опозициската партија денеска го кажаа својот став во однос на изјавите на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и онаа на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ставајќи ги во два спротивставени агли. Според ВМРО-ДПМНЕ, од изјавите може да се оцени дека нема „апсолутно никакви“ гаранции за натамошнио пат на земјава кон Европската Унија.

„Од една страна, ја имаме оваа изјава (на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел н.з.), а од друга страна ја имаме изјавата на Макрон кој вели дека Европската Унија прво треба да се реформира, па потоа да прима нови членки и ова е само потврда за она што го говориме дека нема апсолутно никакви гаранции и дека дури и да се направат овие отстапки Македонија ќе продолжи на патот кон Европската Унија. Грешката на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања кои сега не може да ги исполни“,

рече портпаролката марија Митева која го пренесе партискиот став, одговарајќи на прашања од медиумите.

Ставот на Мишел од владејачката СДСМ денеска го пречекаа како силен политички сигнал за ново проширување во 2030 година и повторно ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е време да се донесат државнички одлуки, во контекст на уставните измени.

 „Овој многу важен сигнал од ЕУ ние мора да го искористиме. За нас како држава која ги започна преговорите и која го привршува скринингот е дополнителна причина зошто не смееме да ја пропуштиме оваа шанса. Обидите за блокади на ДПМНЕ не смееме да дозволиме да се случат. Не смееме самите да се блокираме на патот кон ЕУ. Затоа е потребно е да донесеме важни, државнички одлуки за промена на Уставот и да продолжиме без натамошни пречки во ЕУ. Не се точни, односно лажни се тезите на ДПМНЕ и Мицкоски дека ќе имало нови барања за нови промени на уставот. Јасно е се дефинирано во Преговарачката рамка, со одлуката за уставните измени ние го продолжуваме европскиот пат а тоа е потврдено од сите 27 земји членки на ЕУ“,

порача денеска пратеникот во Собранието и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Porsche го претстави најмоќниот Cayenne на сите времиња

Следно

Извлечени двојките за воведното коло во македонскиот фудбалски Куп

Latest from Blog

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по

Грција: Суспендирани над 10.000 ученици поради употреба на мобилен телефон на настава

Од почетокот на учебната година во Грција, поради употреба на мобилен телефон за време на наставата суспендирани биле 10.700 ученици, според министерот за образование, религија и спорт на Грција Кирјакос Пиеракакис, јави

Еден месец по смртоносните поплави, Шпанија се обидува да се опорави од големиот степен на уништување

Напорите за опоравување продолжуваат во јужна Шпанија, еден месец по разорните поплави во кои загинаа 230 лица, јавува Анадолу. Во Валенсија, регион најтешко погоден од поплавите на 29 октомври, оштетени беа над
Go toTop