(АУДИО) Обвинителите го отфлиле, како беспредметно, германското вештачење за пожарот во модуларната болница во Тетово

August 18, 2023
5 mins read

Иако експертизата на германските вештаци беше направена на барање на Јавното обвинителство, самите обвинители, како што наведува ИРЛ, го завеле вештачењето како доказ, без да образложат за што е доказот, а потоа бараат судот да не го прифати предлогот на одбраната да биде повикан и сослушан германскиот вештак. Освен оценката дека е „беспредметен“, обвинителите се спротивставуваат на барањето наведувајќи дека со тоа одбраната само се обидува да го одолговлечи судскиот процес

Обвинители од скопското јавно обвинителство барале Судот во Тетово да го отфрли предлогот на одбраната да биде сослушан вештакот што го изготвил германското вештање за пожарот во модуларната болница со образложени дека тоа е „беспредметно“ за овој случај.  

Остатоците од модуларната болница во Тетово по пожарот во кој загинаа 14 луѓе / Фото: Архива

Ова може да се слушне од тонскиот запис што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), направен на едно рочиштата од судскиот процес за трагедијата, во кој им се судеше на двајцата тогашни директори и доктор во тетовската болница.  

Иако експертизата на германските вештаци беше направена на барање на Јавното обивнителство, самите обвинители, како што наведува ИРЛ, го завеле вештачењето како доказ, без да образложат за што е доказот, а потоа бараат судот да не го прифати предлогот на одбраната да биде повикан и сослушан германскиот вештак. Освен оценката дека е „беспредметен“, обвинителите се спротивставуваат на барањето наведувајќи дека со тоа одбраната само се обидува да го одолговлечи судскиот процес. 

Објавениот аудио запис, како што наведуваат од ИРЛ, е од судското рочиште одржано на 2 март 2023 година во Основниот суд во Тетово. Тој ден како застапници на обвинението биле двајцата обвинители од скопското јавно обвинителство, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, делегирани од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.  

Тонскиот запис

На почетокот на аудио записот, кој е во траење од 5 минути и 25 секунди зборува адвокат на одбраната на обвинетиот Флорим Бесими, кој бара да се сослуша вештакот од форензичкиот институт на сојузната криминалистичка служба на Германија кој ја изготвил експертизата.  

„Во насока на економичност на постапката, одбраната истакна предлог за сослушување и на вештото лице Силке Цокс од форензичкиот институт на Сојузната криминалистичка служба во Германија којшто фактички е изготвител на службената експертиза нарачана од страна на Јавното обвинителство , којшто дава конкретнти околности по однос на настанување на пожарот и други околности. Одбраната смета за целисходно да Судот го извести овој институт да достави покана со цел да го обезбедиме и да го сослушаме во оваа постапка особено што видно од самата експертиза доставени се целосни податоци за адресата на овој форензички институт како и имјел адреса што би го скратил рокот на доставување на поканите“,

наведува одбраната.  

На предлогот на одбраната на Бесими се приклучуваат и останатите бранители.  

По ова, според објавениот запис, со приговор се јавува еден од двајцата обвинители (според машкиот глас, станува збор за Дејан Петрески) и вели:  

„Обвинителството на ваквиот предлог на одбраната на обвинетите приговара и не се согласува од две основни причини. Првата и основна предлагањето и изведувањето на таквиот доказ во оваа кривична постапка е беспредметно, во однос на околноста на којашто одбраната на обвинетиот Флорим Бесими ја предложи е надвор од предметот на обвинение. И втората причина е тоа што ваквиот предлог е со единствена цел и намера да се одолговлечи текот на оваа кривична постапка“ 

Извадок од транскрипт од судското рочиште одржано на 2 март 2023 година / Извор: ИРЛ

На приговорот веднаш реагира одбраната, оценувајќи ги како неосновани наводите на јавниот обвинител дека одбраната има намера да го одолговлечи судскиот процес.   

„Значи овој доказ, службена експретиза е доставен од страна на Јавното обвинителство. Сите знаеме на очиглед на цела јавност, цела држава и сите органи се пофалија дека меѓународна експретиза ќе биде изготвена по однос на овој предмет. Ние се согласуваме и веруваме дека во оваа експертиза и констатациите коишто се наведени во оваа експертиза, во голема мера ќе го расветлат настанот. Зошто јавното обвинителство се противи на сослушување на сведок, односно на вешто лице коешто Јавното обвинителство го има предложено овој доказ и изготвена службена експертиза врз основа на барање на самото Јавно обвинителство тоа оставам сами да процените. Меѓутоа одбраната инсистира на расветлување на целокупниот настан и сметаме дека овој доказ и овој сведок, односно вештак мора да биде сослушан со оглед на транспаретноста за којашто се залага одбраната на првообвинетиот“.  

Судијата, Јордан Велковски го одбива предлогот на одбраната, нотирајќи дека таквиот наод (германското вештачење) е без значење за предметот на обвинението.   

„Судот донесе решение, предлогот на одбраната за сослушување на вештото лице од Република Германија се одбива со оглед дека постојат доволно докази во врска со настанатиот пожар. И таквиот наод е без значење за предметот на обвинението. Ќе повторам уште еднаш дека не е предмет на обвинение зошто избувнал пожарот. Значи неколкупати го повторив и претходно, па и денеска, навлегуваме во нешто што не е содржина на предметот на обвинението“ 

Во продолжение можете да го преслушате тонскиот запис што го објави ИРЛ:

Заклучоците на германските вештаци

Според документите кои ги објави ИРЛ во документарниот филм насловен „Убиство во Тетово“, германските вештаци се екплицитни во заклучоците.  Првата причина за експресното ширење на пожарот, според нив, е присуството на голема количина кислород во комбинација со полиуретан или пур-панелите од која била изградена болницата. Втората причина е отуството на противпожарни прегради кои би спречиле понатамошно проширување на огнот или, во најмала рака, би го отежнувале ширењето, чие вградување, пак, е законска обврска согласно стандардите за безбедност. И третата причина е отворената конструкција на градбата во поткровјето каде што штетниот гас можел непречено да се меша со кислородот и да се прошири насекаде за многу брзо време. 

Во текстот во кој е објавен тонскиот запис од рочиштето, од ИРЛ потсетуваат на реакцијата на републичкото јавно обвинителство откако беше објавен документарниот филм. Во неа Јавното обвинителство ги отфрли и ги демантираше наводите во филмот, оценувајќи ги како „груба манипулација со информации, со очигледна цел за неосновна дикредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината“. 

Во соопштението, објавено на 14 август, од Јавното обвинителство беше наведено и дека не се точни наводите на ИРЛ дека германското вештачење не било предложено како доказ во постапката. 

  „Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно“,

беше наведено во соопштението на Јавното обвинителство.  

Од ИРЛ велат дека нивниот тим го следел судењето во Тетово и ги добил сите судски записници и аудио снимки од рочиштата и тие биле основа во документарниот филм да се изведе аргументот дека ова вештачење не било земено во предвид. 

На 5 јуни оваа година Основниот суд во Тетово изрече пресуда за пожарот во модуларната болница кој се случи на 8 септември 2021 година,  а во кој животите ги загубија 14 луѓе. Обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово, за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, добија условни казна од една година и шест месеци, доколку во наредните три години да не го повторат делото.

Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи. На Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Сончево и топло, попладне во западните делови дожд и грмежи

Следно

Обилни врнежи од дожд предизвикаа поплави во Јужна Германија

Latest from Blog

Агенцијата на ОН за палестински бегалци: Газа се соочува со најинтензивно бомбардирање од Втората светска војна

ИСТАНБУЛ (АА) – Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денес соопшти дека Газа се соочува со најинтензивно бомбардирање на цивили од Втората светска војна, јавува Анадолу. По повод одбележувањето на Меѓународниот

Тошковски: Жестоко и сурово ќе одговориме на било какво сценарио за дестабилизација на Македонија

Сакам да упатам порака со сите оние кои што се на ум да предизвикаат било какво сценарио за дестабилизација на Македонија, жестоко и сурово ќе одговориме на било какви обиди. Впрочем, тоа

Мицкоски: Осуда за сквернавењето на македонското знаме, ќе одговориме најжестоко на секој обид за дестабилизација

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска зборуваше за вчерашниот инцидент каде што во главниот град се сквернавеше македонското знаме, на денот на прослава на албанското знаме. „Најостро го осудувам, сепак претставува чин на агресија,

Панче Тошкоски: Жестоко и сурово ќе одговориме на вакви дејствија што подгреваат меѓуетнички тензии

„Има најави и обиди кои ќе подгоруваат меѓунационална нетрпеливост, како што веќе сме најавиле и ова е доказ дека тоа се случува, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски по вчерашниот настан

Николоски: Нема да дозволиме Пошта да колабира заради приватни интереси

Ќе се избориме да ја одржиме Македонска пошта и нема да дозволиме приватните интереси да ја уништат државната пошта, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во поткастот Бизнис Муабети. -Пошта
Go toTop