Во филмот насловен „Убиство во Тетово“, во копродукција на ИРЛ и МТВ, се открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерство за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање, по што Владата му ја доверила надлежноста на Министерството за здравство. Лицетот кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство заминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници
Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба
Од Јавното обвинителство денеска преку соопштение реагираа на наводите во документарецот на ИРЛ, оценувајќи ги како груба манипулација со информации
На 5 јуни оваа година Основниот суд во Тетово изрече пресуда за пожарот во модуларната болница кој се случи на 8 септември 2021 година, а во кој животите ги загубија 14 луѓе. Обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово, за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, добија казна од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи. На Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.
Поранешните директори на болницата, Бесими и Етеми, се гонеа бидејќи не поставиле уреди за гаснење пожар. На докторот Вучевски, пак, му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането. Односно на обвинетите им се судеше за кривичните дела непочитување на здравствените прописи за време на пандемија и дела против сигурноста на пациентите.
Причината за пожарот во модуларниот објект, кој како и на други места во склоп на болниицте, беше изграден за згрижување на пацинети болни од ковид, беше лоциран во краток електричен спој во продолжен кабел на кој биле вклучени дефибрлилатор, мобилен телефон и уште еден апарат.
Но, дали има подлабока причинско-последична врска со самото избувнување на пожарот и неговото брзо ширење кое за само неколку минути го голтна целиот објект и дали има други одговорни за целиот случај? Наодите до кои дошле во својата истрага синоќа во документарецот со наслов „Убиство во Тетово“ емитуван на Националната телевизија МТВ ги објави тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Почнувајќи од самиот оглас на Владата, односно на надлежните министерства за избор на изведувач на проектот за изградба на модуларните болници низ државата, меѓу кои и таа во Тетово, до истрагата на обвинителството за случајот, ИРЛ отвори нова димензија за целиот случај која правосудните органи, како што се вели во доклументарецот, досега не им ја понудија на македонските граѓани. Иако веднаш по трагедијата излегоа со такви најави и ветувања, особено шефот на обвинителството, Љубомир Јовески.
Новинарите на ИРЛ, повикувајќи се на документи и сведоштва до кои дошле, го одмотуваат клопчето околку целиот случај и трагаат по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
Ова прашање, според ИРЛ, но и според впечатокот кај пошироката јавноста, остана неодговорено, а објавениот документарец нуди индиции дека надлежните не си ја завршиле работата до крај, иако пред себе имале доволно материјал и ангажиран кадар да го сторат тоа.
Имено, како што потсетува ИРЛ, на истрагата за пожарот во модуларната болница работеа петмина обвинители – тројца од тетовското и двајца од скопското основно јавно обвинилество. Уште петмина обвинители, заедно со државниот јавен обвинител Јовески, формираа стручен тим за да ја надгледуваат истрагата и да водат сметка за нивните колеги да донесат квалитетна правда.
Беше отворена и втора истрага од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) под водство на обвинителката Елизабета Јосифоска. Тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, најави дека ќе се проверува тендерската документација за да се открие дали можеби постоело злостроничко здружување и евентуални други елементи кои основната истрага не би можела да ги покрие.
Вештачења
Еден од документите до кои успеале да дојдат новинарите од ИРЛ е наодот од вештачењето на германските форензички експерти. Тие, преку меѓународна правна помош, беа ангажирани да изготват вештачење и да ги утврдат причините и другите околности околу пожарот.
Иако работата на германските експерти беше посочувана во јавноста, па и од самиот државен обвинител како доказ дека се води професионална и независна истрага, нивното вештачење никогаш не ја виде светлината на денот. Не беше објавено во јавноста, а германските експерти не беа повикани за сведоци во судскиот процес во тетовскиот суд.
„Доволна проценка дека обвинителството постапува објективно во овој случај треба да биде и фактот дека обвинителството побара меѓуинародна правна помош од германски експерти за да извршат вештачење на конкретниот настан“,
ќе каже Јовески на 28 април 2022 година, се потсетува во филмот.
Како што се посочува во документарецот, во рамките на истрагата ќе се нарачаат три вештачења – едно од вештак електроинженер од Тетово којшто требало да ја вештачи електричната инсталација на модуларната болница, друго од крим-техниката на Министерството за внатрешни работи и трето од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Тимот на ИРЛ го добил досието на обвинителството од извор кој имал службен пристап до него. Овој извор помогнал новинарите да дојдат до искази, сведочења, но и најважно – сите вештачења, меѓу кои и германското – докази клучни да се разбере како модуларната болница изгоре за само неколку минути.
Македонските крим-техничари (од МВР) констатирале дека пожарот избувнал од спој создаден во продолжен кабел на кој биле приклучени дефибрилатор, мобилен телефон и уште еден апарат. Високи државни службеници потоа ќе ѝ реферираат на јавноста дека кабелот е крив, реченица која, како што велат од ИРЛ, „ќе стане симбол на колективното разочарување дека правдата е можна”.
Но, како од една искра за само четири минути изгоре целата болница?
Германските вештаци се експлицитни во заклучоците. Првата причина за експресното ширење на пожарот, според нив, е присуството на голема количина кислород во комбинација со полиуретан или пур-панелите од која била изградена болницата. Втората причина е отуството на противпожарни прегради кои би спречиле понатамошно проширување на огнот или, во најмала рака, би го отежнувале ширењето, чие вградување, пак, е законска обврска согласно стандардите за безбедност. И третата причина е отворената конструкција на градбата во поткровјето каде што штетниот гас можел непречено да се меша со кислородот и да се прошири насекаде за многу брзо време.
„Крајно сум изненаден во тендерска документација да пишува да се користат сендвич-панели од полиуретан. Малку потешко доаѓа до горење на полиуретанот, меѓутоа доколку се створат услови, околности за горење на истиот, значи истиот материјал после тоа многу брзо согорува. Не е само пожарот ризик за луѓето туку и чадот во случајот произведен од горење на пурпанели, содржи и токсични материјали“,
вели градежниот инженер Неџат Бајрами за ИРЛ.
Другото вештачење кое фрла сериозен сомнеж околу самата изградба на модуларната болница е она на електроинженерот, направено по наредба на тетовското јавно обвинителство.
„Можам да констатирам дека целокупната постапка за изведување на електричната инсталација од почеток па до крај не е согласно прописите и правилниците кои што се потребни за ваков тип на работа. Целата постапка на изведување на електричната инсталација во модуларниот објект не е реализирана со голем број на документи коишто се потребни за ваков тип на работа“,
вели во својот исказ вештото лице Ирфан Шаќири, доктор на технички науки.
Неговите наоди, според ИРЛ, откриваат огромни пропусти – објектот воопшто не требало да биде ставен под напон, инсталацијата е евтина, несоодветна за болница и е поставена во целосно незаконска процедура.
Шемата за електричната инсталација ја правел вработен во „Брако“ кој немал овластување од Комората
Она што го согледале ноивинарите од ИРЛ од ова вештачење е дека електричната инсталација била инсталирана од фирмата „Брако“, истата компанија која била и изведувач на објектот. Според наводите, вработениот во „Брако“ кој ја правел шемата на електричната инсталација работел без потребното овластување од Комората на овластени архитекти и инженери. Се користеле несоодветни кабли, а не бил тестиран ниту ормарот со осигурувачи за да се потврди дека се е правилно изработено. Вештакот за спорно го наоѓа и тоа што ЕВН не го приклучувала објектот, туку тоа го правеле вработените во тетовската болница. Вештакот ќе даде мислење дека постои причинско-последична врска помеѓу поажрот и изведбата на инсталацијата и доколку автоматските осигурувачи функционирале не би требало да се случи палење на кабел. Како што навел тој, според ИРЛ, многу е тешко да се предзвика пожар од електрична куса врска во добро дизајнирани и изведени електрични инсталации.
Дека објектот бил под напон и во него имало струја додека тој веќе бил во пламен, а пожарникарите се обидуваат да го изгазнат пожарот, сведочи и еден од нив.
„Нешто е сомнително околу таа работа дека било каков мал спој, би требало склопката во милисекунда да исклучи. Има една снимка каде што ќе видите дека кога моите колеги пуштаат вода, а целата болница е во пламен, се јавува една експлозија во таблата за струја. Значи и при толку изгорена инсталација сè уште имало струја“,
вели пожарникарот
Во видеото за кое зборува тој можат да се слушнат пожарникарите како среде гаснење на огнот, гледајќи искри, велат – „оди, запри ја струјата, струјата нека се запре“.
Вештачењето на електроинженерот и вештачењето на германскиот форензички тим, според сторијата на ИРЛ, кажуваат дека кабелот се запалил поради несоодветна електрична инсталација изведена од „Брако“ и дека болницата изгорела пребрзо поради несоодветната градба и несоодветните материјали. Овие докази обвиниителите ги имале уште во првите три месеци по пожарот, но сè уште немале осомничени иако собрале завидна документација и испрашале околу 50 сведоци, меѓу кои и раководно лице од „Брако“.
Поранешната обвинителка Лејла Кадриу, која била дел од тимот обвинители што го истражувал пожарот, но подоцна била остранета поради суспензија за друг предмет, случајот го квалификува како четиринаесеткратно убиство.
„Многу е жално ова, многу е жално. Четиринаесеткратно убиство. Јас го викам убиство, затоа што некој со умисла не градел како што треба и не го спровел законот. Да градиш без елаборат за електрична енергија, да градиш без елеборат за противпожарна заштита. Нарачавме вештачење, сослушуваваме сведоци. Потоа требаше да се испита кој е инвеститорот и кој е изведувач на работите. Во текот на истарагата произлезе дека елаборат за електрична енергија немаше овој што беше изведувач на работите. Работеле по некоја шема, но елаборат нема. И елаборат против пожар, тој е исто така изостанат. Не може да се дозволи да се гради без да почитува Законот за градба. Јас бев таа што донесе наредба да се изготви вешто мислење од експерт по електротехника и кога дојде вештачењето беше наведено дека причинско-последична врска за настанување на пожарот е лошо инсталирана електрична инсталација, а знам дека се отвори тема кога дојде првото вештачење дека треба да се направи уште едно по предлог на колегите од Скопје. Да се направи на Електротехнички факултет во Скопје“,
вели обвинителката Кадриу за ИРЛ.
Задачата на вештаците од Електротехничкиот факултет била да испитаат дали електричната инсталација во модуларната болница е во согланост со техничката спецификација и дали е изработена согласно македонските законски прописи. Нивната контстатција била дека „Брако” ги запазиле сите стандарди во согланост со барањата на Министерството за здравство, како нарачател.
„Не може да има две спротивни вистини. Има само една вистина. Доколку Електротехнички факултет имал спротивно мислење задолижтелно морало да се направи и трета експертиза. Кога се спроведува истрага, мора да се знае како дошло до тоа. Ако е причинско-последична врска за настанување на пожарот лошо инсталирана електрична енергија, обвинението треба да оди кон тоа – кој ја подготвил спецификацијата, кој бил одговорен, кој го објавил огласот, кој го спровел. Каква одговорност може да има медицинскиот директор или економскиот директор затоа што нарачателот на работи, извршитрелот на работи не го спровел законот и изградил незаконито. Нарачател е Влада, изведувач на работите е „Брако“. Причинско-последична врска за настанување на пожарот е лошо инсталирана електрична енергија. Значи, тоа е таа група која подлежи на одговорност“,
вели Кадриу.
Што е со истрагата на ОЈО ГОКК? За да одговори на ова прашање екипа од ИРЛ била на разговор со актуелниот шеф на ова обвинителство Ислам Абази и со обвинителката Елизбета Јосифоска. Впечатокот што го добиле е дека самиот шеф на ОЈО ГОКК не е запознае доволно со случајот и дека постапката се одвива многу споро, ако воопшто нешто се превзема.
Авторката на спорната тендерска документација заминала од Здравство во „Брако“
Посебен дел од приказната на ИРЛ е течењето на самата тендерска постапка за избор на изведувач на модуларните болници кои беа изградени покрај неколку здравствени установи во земјава за време на ковид-пандемијата. Докумнетите за тендерската постапка тимот на ИРЛ ги добил, исто така, од извор свиркач од една од институциите надлежни за постапката.
Трошоците се покривале од различни програми – како грант од швајцарската влада, државни пари, заем од Светска банка, а надлежни биле различни министерства. Парите за првата болница, којшто беше изградена до Клиниката за инфективни болести, оделе преку Министерството за локална самоуправа.
Дека нешто не е во ред први се посомневале од Министерството за локална самоуправа. Кога завшрил тендерот, тогашниот министер Горан Милевски сакал да се осигура дека се било изведено законски, па направил увид во документацијата. Открил повеќе проблематични и незконски сегменти со што била доведена под сомнеж целата постапка, велат од ИРЛ.
Од Министерството за локална самоуправа алармирале дека повеќето понудувачи немале јасна слика што се бара со техничката спецификација. Потоа имале забелешки за проектот и констатирале дека Комисијата за избор фаворизира одредени понудувачи. Поради утврдените недоследности тендерот бил поништен.
„Ваквата техничка спецификација ја довело комисијата да постапи спротивно на член 109 став 2 од Законот за јавни набавки каде што при проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способност на понудувачите и при евалуација на понудите, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација, а не како во случајот дополнување на понудите со додатни елементи, како што е вклучување на демонтажа, климатизација итн. За што се создава сомнеж дека во ваквиот случај може да довело до создавање предност во корист на одреден економски оператор со користење на бараните појаснувања или дополнувања“,
се наведува во одлуката за поништување на постапката на Министерството за локална самоуправа.
Тогаш Владата му ги одзема ингеренциите на Милевски и надлежноста му ја пренесува на Министерството за здравство, со кое тогаш раководи Венко Филипче. Ова министерство ќе го спроведе истиот тендер, на идентичен начин, со истата техничка спецификација и повторно ќе биде одбрана фирмата „Брако“.
„За многу градови овие модуларни болници значат обновување на болничкиот капацитет после повеќе децении“,
ќе изјави тогаш Филипче, потсетува ИРЛ.
„Брако“ до тогаш нема искуство во градење на големи мобуларни градби на болници, а за да победи на ваков тендер се потребни референци како доказ. Сепак, доклументите до кои дошол истражувачкиот тим на ИРЛ покажуваат дека на „Брако“ не му ни требале вакви референци затоа што ова воопшто не бил тендер за градење времен објект – болница, како што најави министерот Филипче, туку тендер за набавка на стоки. Па така, се барале засебно прозорци, врати, панели, се било на парче. Со ова сите постоечки прописи и стандарди биле заобиколени, се вели во документарецот, бидејќи техничката спецификација од Министерството за здравство, која била изготвена како набавка на стоки, „им дала алиби на институциите да се преправаат дека тоа што на хартија не се запишани како објекти не поделжат под Законот за градење и Законот за здравствена дејност“.
Ова, како што се забележува во документарецот, по пожарот во тетовската модуларна болница во медиумите постојано ќе го споменуваат и тогашниниот министер за здравство Филипче и тогашниот премиер Зоран Заев.
„И сите знаеме дека државата не градеше со одобрение за градба, статики, локациски услови, како што се градат сите болници. Овде имаме времени модуларни контејнери и за нив имате примопредавање, немате употребна дозвола. Кога давате времен објект, поставување на маси пред кафулето или ресторанот, немате одобрение за градба, имате решение за поставување“,
потсетува ИРЛ на изјавата на Заев дадена на 20 септември 2021 година.
Со ова не се согласува градежниот инженер Неџат Бајрами.
„Илузорно е да се каже дека модуларна градба не треба да ги задоволи минимум пропишаните критериуми за една градба. Доколку една модуларна градба е предвидено да се користи како болница, значи за неа важат построги критериуми при изработка на техничка документација. Самата намена – болница, значи дека би требало да бидат згрижени и неподвижни пациенти што ги крева условите и критериумите за изградба на ваков тип на градба, а најмалку една болница, независно дали е модуларно изградена. Значи, не може толку едноставно да се каже дека ние времено градиме градба, а притоа истата е опасна за луѓето“,
вели Бајрами за ИРЛ.
Документите од изворот на ИРЛ, како што се наведува во документарецот, го содржат можеби и најважниот доказ кој директно покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба.
Додека во позадина министерот и изведувачот воделе дискусија како да ги подобрат стандардите, јавно Филипче изнесува спротивни ставови, се вели во филмот.
„Тоа е целата документација за набавка… И сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки при реализација на вакви објекти“,
изјавил Филиче на 10 септември 2021 година.
И изведувачот „Брако“, задолжен за монтирање на модуларните болници во земјава, меѓу кои и таа во Тетово која изгоре до темел, ќе излезе со идентични тврдења дека немало никакви грешки при изградбата на објектот.
„Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани, проверени за што, впрочем, е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светска банка како финансиер на проектот, а преку проектната едница на Минисерството за труд и социјална политика“,
се наведува во соопштение од „Брако“ од 9 септември 2021 година, односно еден ден по пожарот.
„Јас апсолутно мислам дека се безбедни и во сертифиркатите и во тоа што споменав дека го анализиравме практично се сите тие сертификати за квалитет и огноотпорност од сите производители и од страна на контролата и тоа е буквално за секое едно парче коешто е таму вградено“,
изјави Филипче на 10 септември 2021 година.
Но, тогаш се јавува новововедениот надзор на овие објекти кој ќе заклучи дека со оваа техничка спецификација не може да се обезбедат ниту минимум законски стандарди, меѓу нив и оној за отпорност од пожар на вградените материјали кој треба да трае од еден до два часа. Надзорот наведува дека ќе мора да се направи нова спецификација и во неа да се предвидат други материјали, да се воведе за прв пат елаборат за пожар, да се направи нов проект и се што е задолжително согласно законите, а што претходно не било направено.
За ова министерот Венко Филипче и изведувачот ќе потпишат анекс-договор со кој цената за изградба на модуларните амбуланти ќе порасне за околу 15 отсто. Јавноста за ова никогаш нема да дознае затоа што, како што се тврди во докумнетарецот, Министерството за здравство го сокрило анексот од Бирото за јавни набавки кое е надлежно да ги објавува сите договори на институциите.
Ова го отвора прашањето кој ја изработил спорната техничка спецификација – документ, кој според ИРЛ, е централниот проблем во овој случај.
По неколкумесечни преписки со министерствата и жалбени постапки, раскажуваат новинарите на ИРЛ, конечно дошле до одговорот. Лицето потпишано на техничката спецификација е архитектот Вања Андонова. По истражувањата на нејзиниот професионален бекграунд, ИРЛ дошле до информации дека дел од кариерата Андонова поминала во Општина Зелениково и подоцна во Министерството за транспорт и врски. Без оглас и со преземање, на барање на министерот Филипче, таа во 2018 година доаѓа во Министерството за здравство на позиција архитект, односно во Проектната единица за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи.
Според документите до кои долша ИРЛ, Андонова ја изготвува техничката спецификација за модуларните објекти за која се вклучиле повеќе аларми од институциите. Обидите на новинарите за разговор со неа, за да ја раскаже својата страна на приказната, останале безуспешни, а од Министерството за здравство одговориле дека таа не работи таму повеќе од една година.
Но, потрагата по Вања Андонова добила сосема неочекуван тек. Таа од Министерството за здравство заминала да работи во „Брако“.
Што велат од Јавното обвинителство?
Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница ги отфрлаат наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Во врска со изнесите тврдења во документарецот на ИРЛ и бројните прашања од новинарите за она што го имплицира сторијата денеска одговорија преку писмено соопштение.
Оттаму велат дека во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации, со очигледна цел за неосновна дикредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината. За тоа наведуваат неколку примери:
„Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно. Неосновани се информациите за наводна спротивставеност на вештачењата. Имено, и вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое, исто така, јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот“,
се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Исто така, целосна невистина изнесена во емисијата, велат од Јавното обвинителство, се и наводите во врска со правната квалификација на делото, односно тврдењето дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница.
„Напротив, во самото обвинение, кое обвинителството им го достави на новинарите на ИРЛ, стои дека двајца од обвинетите ‘иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница во Тетово, па се до денот на настанување на пожарот во модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар’ со што сториле дело – тешки дела протви општата сигурност по член 292 став 4 во врска со член 288 став 4 во врска со став два 2 од Кривичниот законик, додека третиот обвинет како одговорно лице дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од ковид 19 како придружници, во модуларната болница и се товареше за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на пандемија по член 206 став 1 од Кривичниот законик“,
велат од Јавното обвинителство на С Македонија.
Оттаму посочуваат и дека ниту еден доказ во предметот не укажува на кривично дело убиство.
Ваквата правна оценка за настанот дава поранешен јавен обвинител (Лејла Кадриу н.з.) која по поведена дисциплинска постапка беше разрешен од Советот на јавните обвинители поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Тој факт, кој сериозно ја доведува во прашање кредибилноста на соговорникот, новинарите свесно одбегнуваат да и го презентираат на јавноста, велат од Јавното обвинителство.
„Нагласуваме дека за целиот овој настан, особено за тендерот за набавка на сите модуларни болници, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се води уште еден предмет, кој неоправдано свесно беше маргинализиран во новинарското истражување. Во овој предмет интензивно се преземаат дејствија на проверки, поради кои Обвинителството не е во можност да објавува детали. Меѓутоа, наспроти тврдењата изнесени во емисијата, во тој предмет се уште постапува истиот јавен обвинител“,
се вели во соопштението.
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово, се вели понатаму во реакцијата, најостро демантира дека одбил интервју за споменатата емисија со образложение дека тоа му било забрането од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, пак, одбивајќи го барањето за интервју, појасни дека со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, секој негов јавен настап би претставувал влијание на текот на судската, а не на истражната постапка, бидејќи во моменот кога беше упатена поканата, во предметот веќе беше донесена првостепена пресуда, на која обвинителството вложи жалба, како на висината на изречената санкција, така и на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Сепак, како доказ за посветеноста и транспарентноста во работењето на Јавното обвинителство и јавните обвинители кои постапуваат во предметот, на новинарите од ИРЛ им беа овозможени повеќе брифинзи со различни јавни обвинители, а им беше понудено и да ги испратат писмено сите прашања кои ги имаат во поглед на овој предмет. До објавата на емисијата, такви прашања до обвинителството не беа испратени“,
велат од Јавното обвинителство.
За да се спречи ширењето на невистини и манипулации за овој трагичен настан, од јавното обвинителство информираат дека државниот јавен обвинител Љубомир Јовески му наложил на основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово да ја дополни жалбата со барање до Апелацискиот суд за јавна седница на која уште еднаш пред целата јавност ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка.
„Јавните обвинители кои темелно и одговорно го истражуваа овој случај своите докази ги презентираа и ќе ги презентираат пред надлежните судови. Впрочем, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во ковид болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите“,
се вели соопштението на Јавното обивнителство на РС Македонија.
Во продолжение можете да го погледнете целиот документарец на ИРЛ:
ИЗВОР: 360stepeni.mk