(ВИДЕО) Џон Малкович од Скопје побара „бланко“ поддршка за филмскиот град, повторно без можност за новинарски прашања

July 27, 2023
4 mins read

Холивудскиот актер вечерва зборуваше дека проектот за филмски студија „Стоунбриџ“, во кој тој е еден од партнерите, ќе ја стави Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, ќе го сврти меѓународното внимание кон домашните таленти, но и ќе отвори илјадници работни места и ќе даде економска иднина како на земјава така и на регионот привлекувајќи странски инвестиции од Запад. Додека бараше поддршка за проектот, тој не одговори на ниту едно новинарско прашање ниту пак откри детали во која фаза е реализацијата

Анализата на проектот која лани ја направи „360 степени“ покажа дека групата чиј дел е Малкович и која бара да стане стратешки инвеститор за да им бидат намалени многу од трошоците, всушност сака да гради и деловно-станбен комплекс на Качанички пат, веднаш до касарната „Илинден“. Пред неколку месеци, директорот на Технолошко-индустриските зони, Јован Деспотовски, изрази негативно мислење за проектот велејќи дека групата сака прво да продава станови, па да гради филмски студија

По Охрид, Скопје е вториот град што холивудскиот актер Џон Малкович го посети за време на неговото прво патување во земјава. Во Охрид тој се претстави пред публиката на „Охридско лето“ со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, а она за што ПР-службата на фестивалот не му дозволи да зборува таму, го кажа вечерва во Скопје.

Проектот за градење филмски град во земјава наречен „Стоунбриџ студиос“ (Stonebridge Studios), вест која пред една година ја возбуди домашната јавноста, беше причина Малкович вечерва во винаријата „Камник“ да се обрати пред македонските новинари. Без детали за проектот, но и без можност за новинарски прашања, американскиот актер побара поддршка од јавноста за ова да стане успешна приказна која самиот ја нарече „златна шанса за сите Македонци“.

„Можеби сте слушнале за тоа?“,

рече актерот во шега на почетокот на неговата изјава.

Тој е еден од партнерите во студиото „Стоунбриџ“. Уште едно звучно име кое стои зад проектот е актерот Мет Дилон, а тука се и ко-основачот на студиото Ерик Брнс и претседателот Иван Видаковиќ, српски бизнисмен. На тројцата, нарекувајќи ги партнери, Малкович им се заблагодари, а пред да побара поддршка за проектот за филмски град, зборуваше за убавините на Македонија.

„Како актер сум патувал надалеку и нашироко. За време моите патувања запознав многу земји кои оставија неизбришлива трага на мене. Секако, Северна Македонија е едно од тие посебни места. На ова патување, од прва рака го видов огромниот потенцијал и талент што оваа земја го поседува. Цврство верувам дека проектот ’Стоунбриџ Студио‘ е златна шанса за сите Македонци. Овој потфат не е само за изградба на филмско студио. Тој претставува конвергација на уметноста, креативноста и економскиот раст. Ја претставува иднината и ќе донесе илјадници нови работи места и ќе послужи како фундамент за нова, посветла економска иднина за сите Македонци“,

рече Малкович.

Според него, проектот ќе ги отвори вратите кон светот на можностите и на целиот Балкан ќе привлече странски инвестиции од Запад и пошироко. Меѓународното внимание, зборуваше актерот, ќе биде насочено кон извонредниот талент што се наоѓа во земјава.

Уверувајќи дека со проектот Македонија ќе се впише на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, актерот не сподели детали во која фаза се наоѓа реализацијата, но на крајот од неговата посочи дека вечерва се прославува основањето на студиото.

„Кон сите поединци кои помогнаа во реализацијата на проектот ’Стоунбриџ студиос‘ ја упатувам мојата искрена благодарност. Вашата непоколеблива посветеност и поддршка го прават овој сон реалност и благодарен сум на секој од вас. Вашата издржливост, топлина и непопустлив дух ме инспирираат. Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам и да придонесам за овој дел од светот што многу ми значи. Вечерва се собираме во прекрасната винарија ’Камник‘, не само да го прослави основањето на студиото ’Стоунбриџ‘ туку и да го прославиме духот на единството и соработката што не зближија“,

рече актерот.

Неговата изјава тој ја заврши со порака дека филмскиот град ќе значи наследство кое не само што ќе влијае на филмската индустрија туку и ќе остави траен печат во срцата на сите кои ќе ја запознаат магијата на Северна Македонија, а и ќе ја променат иднината на земјата.

Малкович на македонската јавност преку видеопорака ѝ се обрати и лани давајќи и ветар во грб на целата оваа инвестиција. „360 степени“ степени тогаш се обиде да стапи во контакт со него и со останатите инволвирани, а меѓу оние што застанаа пред нашата камера беше српскиот бизнисмен Иван Видаковиќ кому американскиот актер вечерва му се заблагодари и го претстави како претседател на „Стоунбриџ студиос“. Тој тогаш сподели дека првите контакти ги оствариле во време кога премиер беше Зоран Заев и откри дека планот е да инвестираат меѓу 200 и 250 милиони евра.

Додека Малкович вечерва зборуваше само за проектот „Стоунбриџ студиос“ без да навлегува ќ во детали, уште минатата година стана јасно дека оваа инвестиција не се состои само од градење на филмски град туку дел од неа е и технолошки парк за што инвеститорите бараа проектот да се прогласи за „стратешка инвестиција“ и да се стекне со бројни поволности.

Од увидот во проектот што го имаше „360 степени“, замислата беше овој технолошки парк да се гради веднаш до касарната „Илинден“, покрај Качанички пат, на празна, но атрактивна парцела. Според бизнис-предлог, 44% од просторот ќе биде изграден со деловни објекти, 29% со хотели, а 27% со станбени згради.

Јавноста неколку месеци остана лишена од информации до каде е проектот, сè додека  кон крајот на март годинава директорот на Технолошките индустриски развојни зони Јован Деспотовски во гостување на ТВ 24 не обелодени дека интересот на инвеститорите бил прво да градат станбени згради, а дури потоа филмски студија за што тој рече дека не гледа зошто таков проект би требало да стане „стратешка инвестиција“.

Со јавна реакција инвеститорите се јавија преку компанијата регистрирана во земјава „СТП Капитал Партнерс Холдинг“ одговарајќи му на Деспотовски оти не е точно дека сакаат прво да градат згради и да продаваат станови, туку дека целта е да добијат статус на „стратешка инвестиција“ за да започнат со изградба на филмските студија и останатите содржини. Меѓу тие останати содржини, како што река, има ексклузивни станови за сместување на филмските уметници по нивни вообичаени стандарди, на ИТ извршните директори и ИТ номади од целиот свет, како и станови за сместување на странските студенти кои би се образувале во горенаведениот универзитетски центар.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

ВИДЕО: Специјалците апсат на Градски

Следно

Овој јули веројатно ќе биде најтопол во историјата

Latest from Blog

Хорор во Белгија: Фудбалер ограбен, а неговиот колега сними се (ВИДЕО)

Светот станува сериозно небезбедносно место. Кој би рекол дека ќе дојде време среде Брисел, белгиската престолнина во сред бел ден, професионален фудбалер во случајов на тимот на Ројал Унион да биде извлечен

Се зголемува бројот на загинаа во земјотресот што го погоди југозападниот дел на Јапонија

Според Премиерот Санае Такаичи, во земјотресот досега загинале 13 лица , тој воедно истакна дека спасувачите се во „трка со времето“. Спасувачките напори се во тек во трговски центар каде што многу

Делови од Скопје денес без вода и струја

Делови од Скопје денес (29 јули) ќе останат без водоснабдување и електрична енергија поради закажани интервенции на водоводната и електродистрибутивната мрежа, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи, повикувајќи се на известувањата

Се огласи и Блатер: Инфантино многу се дружи со Трамп, никој нема право да ја продава нашата игра!

Поранешниот претседател на ФИФА Јозеф Блатер, кој долги години беше на претседателското столче во Светската куќа на фудбалот, се јави со коментар по шокантните најави дека ФИФА има план да продадва удели

Д-р Даниловски за Западно нилската треска: Осумте регистрирани случаи се видливиот дел од една епидемиолошка „санта мраз“

„Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западно нилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем. Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко
Go toTop