Во Бугарија се празнува Илинден, опозицијата ја обвини власта за попустливост кон С Македонија

4 mins read

Со пригодни изјави, пред почетокот на денешното заседание на бугарскиот парламент, пратениците од владејачката коалиција ја одбележаа 120-годишнината од Илинден, односно од Илинденско-преображенското востание, како што се нарекува во Бугарија

Сенка врз нивниот „патриотски“ настап фрлија претставниците на опозицијата. За нив, владејачката коалиција е лицемерна бидејќи зборува за бугарските национални идеи, а во пракса ги урнисува водејќи попустлива политика за „македонското прашање“

Претседателот Румен Радев смета дека Илинден е еден од важните фактори кои водат до решавање на проблемите поврзани со утврдувањето на историската вистина и зближувањето меѓу Бугарија и С Македонија. Ако имаме заедничка историја, желба за дијалог, разбирање и доверба, несомнено е дека ќе имаме заедничка европска иднина, вели бугарскиот претседател

Со пригоден тон, говори полни со навраќања на собитијата од 1903 година од ракурсот на бугарската историја, но и со сериозна доза на самокритика за неуспесите во поглед на „македонското прашање“, пратениците од владејачката коалиција ја одбележаа годишнината од Илинден, односно од Илинденско-преображенското востание, како што се нарекува во Бугарија.

Востаниците беа карактеризирани како бугарски херои, а востанието како „крик за човечки права и за правда кон цивилизираниот свет од најоддалечените краишта од мајката Бугарија“.

Пратеникот на коалицијата Продолжуваме со Промените-Демократска Бугарија (ПП-ДБ), Христо Даскалов, кој прв говореше, целото свое обраќањето го посвети на настаните и случувања од тој период нагласувајќи ја важноста на востанието за бугарската историја.

Христо Даскалов, ПП-ДБ

„Илинденско-преображенското востание е круна на бугарското народноослободително движење. Основа за тоа е бројот на востаниците. Над 26 илјади, а и фактот дека освен Бугари, учество земаат и претставници на други групи, како Власи и гркомани. Решението за организирање на востанието е донесено на Солунскиот конгрес на ВМОРО, тогаш под името ТМОРО, со која раководи Иван Гарванов. Местото на одржување на Конгресот има дополнителна симболика бидејќи тоа е Солунската бугарска гимназија, од која се изнедриле многу од бугарските револуционери во Македонија. На Смилевскиот конгрес е решено востанието во тој округ да започне на 20 јули, на денешниот ден, на Илинден. За почеток на дејствијата во Одринско, на Конгресот во Петрова Нива, одреден е 6 август – Преображение, а Серскиот округ решава да се крене на востание подоцна, на 14 септември – Крстовден. Сеќавањето на подвигот е жив. Жртвите дадени за ослободувањето не се бесмислени. Треба да се сеќаваме на нивната саможртва и да ја чуваме и заштитуваме Бугарија. Тоа е аманетот и заповетта што ни ја оставија хероите од Илинден, Преображение и Крстовден 1903 година“,

рече пратеникот од ПП-ДБ, Христо Даскалов

По него говореше и пратеникот од редовите на ГЕРБ-СДС, Тома Биков. Тој, исто така, го истакна значењето на Илинден, но во неговото обраќање порача дека Бугарија дури сега, по два века од кога е разделена од Македонија, има огромна можност да биде фактор кој ќе придонесе двете соседни земји конечно да станат дел од една геополитичка и една цивилизациска зона, од Европската Унија.

Тома Биков, ГЕРБ-СДС

„Настаните, како Илинденско-преображенското востание се знак дека бугарското општество и бугарската нација биле и се подготвени да ја платат цената на слободата. Востанието е само еден миг од таа епоха на бугарско национално осознавање и на бугарско национално ослободување. Бугарската национална идеја не е исцрпена во целост, напротив, во некои нејзини сегменти таа доживува неуспех и нанесува тешка национална траума која трае до денес. Поради таа национална траума, ние сме толку многу чувствителни на темата Македонија. Таа тема не можеме да ја одминеме ни денес, кога наместо да имаме браќа, како што сакаме да се нарекуваме, од двете страни на границата ние најчесто сме проблематични соседи. Илинденско-преображенското востание наместо настан околу кој ќе се обединиме, кој заедно ќе го празнуваме и ќе ги чествуваме хероите кои очигледно е дека се заеднички, штом ги почитувани од двете страни на границата, се претвора во поле за дебата. Ние треба да си го направиме есапот и да утврдиме – зошто бугарската идеја пропадна, доживеа неуспех. Бугарската национална идеја сега има нова димензија и таа е многу јасна. Бугарија и Северна Македонија, кои 200 години беа разделени, да бидат дел од една геополитичка и една цивилизациска зона. Бугарија има историска шанса да ја урне таа граница и ние треба да бидеме на висината на таа задача, да ја осмислиме и да знаеме која е нашата цел. Ниту нашите цели ниту средствата за нивно остварување не може да бидат оние од пред 100 години. Тие треба да одговараат на ова време, за да го оствариме нашиот национален идеал, кој може да ја смени формата, но не и суштината“,

истакна Биков.

Сенка врз „патриотските“ настапи, како што ги нарекоа, фрлија пратениците од опозициската Има таков народ (ИТН). Од партијата на Слави Трифонов ги обвинија дека се лицемери бидејќи говорат за бугарските национални идеи, а во пракса ги урнисуваат водејќи попустлива политика за „македонското прашање“.

Тошко Јорданов, ИТН

„Многу е лицемерно на вакви денови да се кажуваат вакви зборови од политички партии кои се однесуваат сосема спротивно од тоа што го говорат. За Илинденско-преображенското востание зборуваат ПП и ГЕРБ, двете партии кои заборавајќи го националниот интерес го спуштија ветото кон С Македонија, навистина е лицемерно. Не знам дали знаете, но тоа востание, луѓето кои живееја таму, Бугарим а не Македонци и Тракијци, се обидувале да се присоединат со Бугарија. Тие не се Македонци и Тракијци. Ужасно помпезно е да се зборува за цивилизациски избор, за одење кон Западот или кон западноевропските вредности. Бугарија цивилизациски никогаш не и припаѓала на источно-азиската култура. Ужасно е грдо во оваа сала да се гласа против споменот и делото на луѓето кои застанаа и се бореа и загинаа во Илинденско-преображенското востание, а во исто време да ги величате и да се обидувате да направите некоја чудна паралела со сегашната реалност и иднината на Северна Македонија во Европската Унија. За нивно пристапување. За нив нема место во ЕУ сè додека не почнат да го исполнуваат договорот и особено од исклучително лошата Преговарачка рамка. Неа немаше ниту да ја има ако не бевме ние од ИТН бидејќи бевте подготвени да го симне ветото без никакви услови. Затоа не чукајте др в гради и не правете се патриоти бидејќи не сте. Најголем дел од вас ниту во главите не сте Бугари. Такви се, на пример, канаѓанецот Кирил Петков, неговата Весела Чернева, па можеби и целата ваша пратеничка група. Вие немате поим што се случило на Илинденско-преображенското востание“,

подвлече Тошко Јорданов од ИТН.

И Радев со честитка за Илинден, очекува Бугарите во С Македонија да станат рамноправни граѓани

Своја честитка за празникот објави и бугарскиот претседател Румен Радев на официјалниот фејсбук-профил. Според него, Илинденско-преображенското востание е симбол на непокорниот бугарски дух и претставува морално знаме на борбата за човекови права, достоинство и слобода. Токму врз тие стремежи, како што пишува Радсев, е изградена и Европската Унија.

„Денес одбележуваме 120 години од тој значаен настан за нашата историја и од нас зависи дали тој ќе биде еден од важните фактори кои водат до решавање на проблемите поврзани со утврдувањето на историската вистина и зближување меѓу Бугарија и С Македонија. Ако имаме заедничка историја, желба за дијалог, разбирање и доверба, несомнено е дека ќе имаме заедничка европска иднина. Верувам дека државното раководство на С Македонија ќе се раководи токму од ова за да ја овозможи уставната и сеопфатна рамноправност на Бугарите во државата“,

потенцира Радев.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

(ВИДЕО) Агелер по ставањето на Камчев на ,,црната листа”: Ние нема да апсиме, но интересно е да се видат следните чекори

Следно

(ВИДЕО) Агелер: Злоупотребите на Камчев се и предавство на граѓаните на оваа земја

Latest from Blog