Како Мала Речица се пресели во владина зграда во центарот на Скопје

July 18, 2023
4 mins read

Партијата ДУИ вчера ги употреби просториите на Министерството за политички систем за средба на партискиот лидер Али Ахмети со европските дипломати од т.н. Вајмарска тројка

Од Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска велат дека ќе го разгледаат случајот и ќе преземат соодветни мерки, ако се утврди дека просториите на Министерството за политички биле употребени за партиски цели на ДУИ

Во 21:59 часот синоќа медиумите во земјава добија електронска пошта од адресата на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Партијата и нејзиниот лидер одржале средба со т.н. „Вајмарска тројка“ (државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лоренс Бун, германската министерка за Европа, Ана Лирман, и министерот за европски прашања на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк) која е во посета на земјава.

Во партиското соопштение се пренесуваат и пораките на лидерот на партијата, Али Ахмети.

Фотографија од средбата на ДУИ со Вајмарската тројка во Министерството за политички систем

„Тој нагласи и дека ДУИ останува постојан чувар на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, кои се склучени со поддршка на меѓународниот фактор и се сржта на мирот, напредокот и европската перспектива на земјата“,

пишува во партиското соопштение од средбата.

До тука нема ништо спорно, бидејќи со групата дипломати се сретна и партијата ВМРО-ДПМНЕ заедно со нивните коалициски партнери и тие испратија свое соопштение. Разликата во средбата на ДУИ со европските гости се гледа на фотографиите. Состанокот со партијата ДУИ и нивниот лидер не е во партиското седиште во Мала Речица, во други партиски простории на ДУИ или во некој хотел, туку во просториите на Министерството за политички систем.

Одвојување на партијата и државата – што беше тоа?

Ова не е прв пат Демократската унија за интеграција да ги користи просториите на Министерството за политички систем, со кое патем раководи нивниот кадар Артан Груби, за партиски цели. Но, за тоа малку подоцна во текстот.

Проблемот што простор на Министерството за политички систем се користи за партиски потреби на ваков начин, за „360 степени“ го објаснува Миша Поповиќ од Институтот за демократија, чија специјалност се темите антикорупција и политичка култура.

„Користењето на простории на Министерството за средби во име на партијата не оди во полза на принципите на поделба помеѓу партиите и државата. За вакви средби Клубот на пратеници е логичен простор, бидејќи е простор и во корист на мнозинството и опозицијата и со тоа дом на претставници од повеќе партии.

Во суштина, проблемот не е каде физички ќе се среќаваат, затоа што во некои услови може да е практично гостите да ги остварат сите средби на едно место (па и министерство). Проблемот е кога одреден простор, кој е на јавна власт, станува место за средба на партија во која членува раководителот на институцијата. На тој начин партијата добива привилегирана позиција во однос на останатите“,

вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Водејќи се од оваа теза, „360 степени“ се обрати до Министерството за политички систем. Поставивме повеќе прашања во врска со тоа што во нивните простории се одржа партиска активност. До објавувањето на текстот, не добивме одговор. Ниту, пак, на интернет-страницата на Министерството има известување дека се оддржала средба на министерот Артан Груби.

Груби вети дека нема да му се повтори, ама…

Не е кратка листата на настани кои се случија во зградата на Министерството за политички систем, а за кои се испостави дека се спорни. Ќе потсетиме на некои.

На 4 јануари 2021 година Али Ахмети прослави роденден во штотуку отворените простории на Министерството за политички систем. И не само тоа, туки никој од присутните не ги носеше тогаш задолжителните маски. На крај, добија казна по 20 евра.

Во март годинава Артан Груби објави фотографии како си подава топка со сопартијците во просториите на министерството кое го води. Ја нарече „анти-стрес дружба“.

Министри на ДУИ си додаваат топка во просториите на Министерството за политички систем

За ваквите постапки на Груби и на ДУИ, но и средбите што Али Ахмети и тогаш ги имаше во просториите на Министерството, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет и потоа го испрати до Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска. По јавните настапи на претседателката на ДКСК, Артан Груби се обиде да го објасни присуството на Ахмети, но кажа и дека ќе гледа да не му се повтори.

Артан Груби, Министер за политички систем (5 мај 2023 година)

„Господинот Ахмети е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Јас сум во секојдневен контакт со него, секојдневни средби. Така што, има реализирано средби и дел од парламентарното мнозинство, владината коалиција има состаноци тука и со премиерот. Не гледам некоја голема одговорност, но ако е толкав голем проблем ова, ќе видиме да не се повторува тогаш“,

изјави министерот за политички систем, Артан Груби, на 5 мај 2023 година.

Што сега?

Како и пред неколку месеци по нејзината преписка со Артан Груби, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, останува на истиот став.

„Ако целта на средбата била средба со политичката партија, сметам дека не е соодветно да биде во просториите на Министерството за политички систем“,

вели Ивановска.

Разликата, овој пат, е што смета дека е потребно да се побара поголема одговорност, бидејќи очигледно претходните мерки не дале резултат.

„Бидејќи веќе сме постапиле за таков предмет и сме го доставиле до кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, која даде изјава дека постапила и дала опомена, сметам дека мерката опомена очигледно не била доволна и потребно е повикување на поголема одговорност“,

изјави претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

На прашањата упатени до Кабинетот на вицепремиерката Грковска, од таму одговорија:

Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење

„Користењето службени простории за партиски цели е спротивно на Кодексот и не е во согласност со политиките на одвојување на партијата од државата“.

Па, во таа насока, велат дека случајот ќе биде разгледан. Зависно од заклучокот, можни се и мерки.

„Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење ќе го разгледа овој случај и доколку се потврди дека просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците биле користени за партиски цели, ќе преземе мерки предвидени со Кодексот, односно ќе изрече опомена за негово прекршување и ќе го извести претседателот на Владата“,

велат од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Во завршна фаза изградбата на новиот мега парк „Даме Груев“ во општина Ѓорче Петров 18.7.2023

Следно

Костадиновска-Стојчевска: Без разлика на сите нови модерни алатки, незаменливо е чувството кога држите книга в рака

Latest from Blog

Притвор за три лица осомничени за предизвикување национална омраза

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три полнолетни лица за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1

Сиљановска Давкова за инцидентите со знамето: Повикот за разум, толеранција и дијалог е клучен во вакви моменти

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова преку социјалните мрежи ги осуди вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме, беше осквернавено македонското знаме. Како што напиша Сиљановска Давкова на својот профил

Казни од 2,2 милиони евра за грчки компании поради лажни попусти

реку специјалната дигитална алатка за откривање лажни попусти што ја користат ревизорските служби на Министерството за развој на Грција, биле откриени 14 компании кои во изминатите седмици се обиделе со лажни попусти

Турскиот претседател ја нагласи потребата од развивање прецизни, трајни и долгорочни политики за миграцијата

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја нагласи потребата да се пристапи кон миграцијата од сеопфатна перспектива и соодветно да се развијат прецизни, трајни и долгорочни политики, јавува Анадолу.

ОН: Над 60 милиони жени и девојки принудено раселени се соочуваат со висок ризик од родово насилство

ЖЕНЕВА (АА) – Агенцијата за бегалци на Обединетите нации денес алармираше поради огромниот скок на ризикот од родово базирано насилство врз жените и девојчињата принудени да бегаат со оглед на тоа што
Go toTop