Додека работиш филм, и ти самиот си во филм

July 17, 2023
3 mins read

Додека работиш филм, и ти самиот си во филм, ги преживуваш емоциите на сите ликови и заедно со нив тагуваш и се радуваш, вели режисерот Гоце Цветановски, чиј дебитантски долгометражен филм „Бизнисот на задоволството“ премиерно ќе биде прикажен утре, на 18 јули, на затворањето на 22. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ во 21 часот во паркот зад Младнски културен центар (МКЦ).

Освен премиерата во паркот зад МКЦ ќе има и изложба на фотографии од филмот, од Маја Аргакијева и Марко Угарковиќ.

Приказната следи новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Филмот ја третира темата на трговија со жени, од гледна точка на главните ликови кои се обидуваат да ја раскринкаат криминалната мрежа.

Жанрот е трилер, а сценариото е дизајнирано да го држи гледачот во неизвесност до самиот крај. Се обидов да вметнам што повеќе гламур и црн хумор во приказната, како контраст на сериозноста на темата, вели Цветановски во интервју за „Република“.

„Бизнисот на задоволството“ на Цветановски беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „In the Palace“ во Софија, каде беше и светската премиера. Филмот се снимаше за време на пандемијата на ковид-19. Играат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, првпат е кинематографер на долгометражен игран филм. Продуценти се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Иако првично беше најавено дека светската премиера на „Бизнисот на задоволството“ ќе биде на Фестивалот во Палм Бич, Цветановски решил да го повлече.

Филмот го повлеков од Палм Бич, поради тоа што во последен момент се откажаа кино проекциите и имаше само онлајн прикажувања. Сакав светската премиера да биде во кино сала и пред жива публика, па затоа одлучив да почекам селекција на друг фестивал, вели Цветановски.

Инаку за самиот процес на снимање, тој го памети како еден од највозбудливите авантури во животот.

Слаѓана Вујошевиќ, фото: Марко Угарковиќ

Додека работиш филм, и ти самиот си во филм, ги преживуваш емоциите на сите ликови и заедно со нив тагуваш и се радуваш. Снимањето во пандемија беше дополнителен предизвик, но дури и тоа го паметам како позитивно искуство. Тогаш сфатив дека кога си фокусиран и посветен на она што го правиш, ништо не може да те запре. Не би сакал да заборавам ниту еден момент од снимањето, но би сакал да заборавам некои делови од пост-продукцијата, каде што се соочувавме со проблеми од техничка природа, кои се најголем непријател на креативноста, објаснува Цветановски, кој е и сценарист на филмот.

Првично, работниот наслов на филмот беше „Денот на жената“.

Откако имавме затворени проекции во Кан и Берлин за професионална публика, заедно со дистрибутерите одлучивме дека ни треба попровокативен и поатрактивен наслов. И не само насловот, го сменивме и постерот и трејлерот. Според реакциите од публиката, испаѓа дека бевме во право, додава Цветановски.

Муса Исуфи, Дамјан Цветановски и Исмаил Касуми. Фото: Маја Аргакијева

Според Цветановски, имаат најави за прикажување на „Бизнисот на задоволството“ на неколку Фестивали, а филмот ќе биде прикажуван во наредните месеци во повеќе земји ширум светот.

Јас секогаш публиката ја ставам на прво место. А со таа публика, барем надвор од земјава, најмногу се остварува контакт токму преку филмските фестивали. Секој филмски фестивал си има своја специфичност и своја публика, и секоја селекција на фестивал е огромен успех. Точно е дека на некои фестивали селекцијата на филмови не е наменета за широката публика, но верувам дека секој автор сака неговиот филм да биде гледан и ценет од што поголем број гледачи, вели Цветановски.

Гоце Цветановски, режисер: Кога си фокусиран и посветен на она што го правиш, ништо не може да те запре / фото: Маја Аргакијева

За добар филм треба култивирана публика, а денес е тешко таа публика да се извади од бункерот во кој е скриена пред налетот на тривијалноста. Го прашавме Цветановски дали се согласува со оваа констатација.

Последниве години доживеавме и преживеавме една ситуација која се граничи со научна фантастика, и која нè затвори сите нас во домовите и нè оддалечи едни од други. Но, од друга страна, ни даде и можност малку да застанеме, да го успориме ова модерно и пребрзо темпо на живеење, и да размислиме околу тоа што ни е важно во животот. Во таа смисла, се надевам дека публиката ќе се врати на културните настани кои можат целосно да се почувствуваат само како групно доживување: концерти, театарски претстави, и се разбира, кино проекции. Секако дека е поудобно и поефтино да се гледа филм во комфорот на сопствениот дом, но чувството е сосема поинакво кога го гледаш на големо платно, во темница, и во оптимални технички услови. Тривијалноста секогаш била и ќе биде опасност, но култивираната публика не смее да остане затворена во бункер, бидејќи животот е сега и овде, вели Цветановски.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Маја Аргакијева и Марко Угарковиќ

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Пеколно лето и во Кина: Измерени рекордни 52,2 степени

Следно

На утрешната владина седница Бектеши ќе ги образложи сите документи и судски одлуки за спојување на концесиите за рудникот, најави Тренчевска

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop