Преспанскиот и договорот со Бугарија го скроиja и списокот за лектири – без „Црно семе“ и „Црнила“. Вакви или слични наслови објавија дел од медиумите во земјава, кревајќи тензија дека потајно се ревидира наставата согласно меѓународните договори кои во изминативе години ги потпиша земјава. Медиумските текстови, пак, покренаа лавина реакции на социјните мрежи
Фактите, сепак, се дека во гимназиите „Црно семе“ била и останува лектира, а „Црнила“ е дело за обработка и тоа е непроменето веќе 21 година. Има промена во четврта година во стручното образование, каде што „Црнила“, но и други домашни и странски дела веќе не се за обработка, за сметка на воведувањето современи автори како Венко Андоновски, Драги Михајловски, Гоце Смилевски. За „Црно семе“, од Бирото за развој на образованието велат дека останува лектира за стручното образование, иако тоа не го пишува во програмата
Од пред четири години на интернет-страницата на Бирото за развој на образовнието (БРО) стои „новата“ програма за наставата по македонски јазик за четврта година во средните стручни училишта. Зборот „нова“ е во наводници бидејќи се поминати четири години откако таа програма е на сила и е на увид на сите засегнати.
Нејасно е кој деновиве го фрли првиот камен на неа, но тој веќе предизвика лавина. А на лавината, се чини, се „насанкаа“ многумина – па дел и пцуеја по социјалните медиуми, други обвинуваа за предавство, трети – дека целта е бришење на македонскиот идентитет.
„Црнила“ никогаш не ни била лектира
Програмите за македонски јазик по кои работат учениците во средното образование може да ги најде и да ги види секој. Зборуваме во множина бидејќи има една наставна програма по македонски јазик и литература за гимназиите, а друга за стручните училишта. Тоа, барем во последните децении, отсекогаш било така.
Ако се погледне програмата за македонски јазик и литература за гимназиско образование, која датира од 2002 година и оттогаш е непроменета, ќе се види дека во неа се наведени „дела за обработка“, односно книги или делови од книги кои се работат на час и „лектири“.
Кај лектири се наведени следниве дела:
- Херман Хесе – „Демијан“;
- Франц Кафка – „Процес“;
- Џером Д. Селинџер – „Игра во `ржта“;
- Ташко Георгиевски – „Црно семе“;
- Исмаил Кадаре – „Генералот на мртвата војска“;
- Избор од македонскиот расказ и од најновата македонска лирика.
Овој список значи дека „Црнила“ на Коле Чашуле ниту била ниту е дел од списокот лектири за четврта година од гимназиското образование. И тоа е така веќе 21 година. Лектира е само романот „Црно семе“ на Ташко Георгиевски.
Драмата „Црнила“ на Чашуле се изучува меѓу делата за обработка. Во програмата, во делот ДРАМА, е наведена заедно со Томе Арсовски – „Парадоксот на Диоген“ и Горан Стефановски – „Диво месо“.
Или, сублимирано, „Црно семе“ била и останува лектира за четврта година во гимназиите. „Црнила“ е дело за обработка во гимназиите, во групата со другите големи современи македонски драмски автори.
„Црно семе“ и „Црнила“ и претходно не биле лектири во стручното образование
Кога е во прашање стручното образование, директниот одговор за лектирите и делата за обработка е малку посложен. Причината е што во „новата“ програма од 2019 година за македонски јазик и литература за четврта година во стручните училишта воопшто не се наведени лектирите, како што било претходно.
Директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи, потврдува дека не ги ставиле лектирите во програмата, но дека се дадени насоки – истите лектири од гимназиското да се користат и за средното стручно.
„Со оглед на тоа што одредени дела (како што е ‘Црно семе’) третираат историски прашања, тие се обработуваат како задолжителни четива, во рамки на часовите предвидени за обработка на лектири“,
вели Хасипи.
Одговорот на Хасипи значи дека „Црно семе“ е лектира и во средното стручно образование, спротивно на реакциите во јавноста. Но, од Бирото за развој на образованието не можеа да ни дадат формален документ дека тоа е навистина така. „360 степени“ разговараше со професори и со ученици од средни училишта низ Скопје, кои ни пренесоа различни искуства.
Ученичка во средно уметничко училиште, која годинава беше матурантка, ни изјави дека делото „Црнила“ го обработувале, но не и „Црно семе“. Професорка по македонски која предава и во стручно училиште, пак, ни тврдеше дека го обработуваат „Црно семе“ како лектира. Друга професорка рече дека се држи до она што е напишано во програмата, а таму нема лектири.
Можеби најдобар пример за сè што се случува на терен е списокот на лектири на училиштето „Михајло Пупин“ за учебната 2021/22 година.
Таа учебна година, учениците од насоката Електроника и енергетика, имале шест лектири и 11 дела за обработка. Тоа е согласно старата програма од 2008 година. Како што може да се види од списокот, ниту „Црно семе“ ниту „Црнила“ биле лектири уште во 2008 г., туку „дела за обработка“.
Учениците, пак, од насоката КТА-профил работеле по „новата“ програма од 2019 година. Тие немаат список на лектири, туку тоа е оставено на „договор со предметниот наставник“. Тоа значи дека изборот на лектири е на наставникот, кој ако смета дека е соодветно, може да го избере „Црно семе“, а и „Црнила“.
Андоновски, Михајловски, Смилевски… на местото на Чашуле, Георгиевски, Солев, Арсовски…
Во „дела за обработка“, пак, има девет наместо претходните 11 наслови. Освен што програмата е скратена, точно е и дека во неа повеќе ги нема делата „Црнила“ и „Црно семе“ кои ги имало во програмата од 2008 година. Но, точно е и дека меѓу делата за обработка нема и голем број други дела, како „Разкази“ и „Зора на аголот“ на Димитар Солев, „Големата вода“ на Живко Чинго, „Парадоксот на Диоген“ на Томе Арсовски, па „Раскази“ и „Вујко Вања“ на Чехов, „Судбината на човекот“ на Шолохов, „Митот за Сизиф“ на Ками. Наместо нив, место добиле современи македонски автори. Така, меѓу делата за обработка, сега има место за Славко Јаневски, Гоце Смилевски, Драги Михајловски и Венко Андоновски.
Еден од професорите што ги контактиравме вели дека, на пример, Чашуле не е избришан од програмата, но и дека, на некој начин, му е намалено значењето.
„Коле Чашуле се спомнува во делот ‘македонска драма’, но тоа се обработува чисто информативно час-два, колку да ги запознаеме учениците со драмата. Ако сакаме, можеме да го обработуваме делото ‘Црнила’, никој не ни брани, но во програма го нема“,
ни посочи професорот.
Ја најдовме и старата програма од 2008 година за македонски јазик и литература за средно стручно образование и ја споредивме со онаа од 2019 година. Самите се уверивме дека кај дела за обработка, во програмата се директно наведени насловите „Црно семе“ и „Црнила“. Во онаа од 2019, имињата на делата не се наведени, но таму и понатаму се имињата на Ташко Георгиевски и Коле Чашуле.
Од Бирото за развој на образованието велат дека тоа не значи цензура на делата на овие автори и посочуваат дека меѓу активностите се охрабрува компарација на романите или драмите на значајни автори, темите кои ги обработуваат во своите дела, читање извадоци од драмите и друго. Тоа што не се наведени конкретни дела, додаваат, не значи и дека се забранети.
На крајот на краиштата, објаснуваат од Бирото за развој на образованието, сите домашни и странски препораки одат во насока на намалување на обемот на часови од општи на сметка на стручни предмети, кога е во прашање средното стручно образование. Дополнително, постојано постои дилемата кај сите што учествуваат во креирањето на нови програми да се вментат и современи автори.
Така, нема никаква конспирација што има и помалку дела за обработка и што некои дела се сменети. Учениците во средно стручно ќе добиваат сè повеќе часови со стручни предмети и во иднина бидејќи тоа е целта на таквите училишта – да произведат специфичен кадар. А, во програмите по македонски јазик и литература сè повеќе ќе има место за автори како Венко Андоновски, Драги Михајловски, Гоце Смилевски, но затоа се намалува просторот за други автори, не само за Чашуле и Георгиевски.
А зошто ги нема во матурскиот испит?
Една од иницијалните каписли за овој „скандал“ со лектирите беше oбјава на анонимна професорка на социјалните мрежи. За волја на вистината, таа не споменува ниту договори со соседите ниту цензура. Но, писанието ја нема предвид и широката слика, која се обидовме да ја опишеме во редовите погоре.
„Делата ‘Црно семе’ и ‘Црнила’ не се застапени во модуларната програма по предметот Македонски јазик во средните стручни училишта. Иако овие дела се обработуваат според програмата за гимназиите, тие нема да бидат застапени во матурскиот испит, кој е ист за сите средни училишта. Односно, прашањата за матурскиот тест по македонски јазик треба да бидат усогласени според она што е еднакво застапено во програмата за сите видови училишта. На некој начин, овие две дела се ‘факултативни, незадолжителни’ за учениците во гимназиите, бидејќи нема основа да се најдат во матурскиот испит“,
гласеше изјавата на анонимната професорка по македонски јазик во средно стручно училиште од Скопје, на која се повикуваа оние што „фрлаа камења“ по Министерството за образование и Владата.
Од Бирото за развој на образованието, но и од други упатени извори, ни потврдија дека прашања од „Црно семе“ и „Црнила“ не се нашле на матурскиот испит. Но, на матурскиот испит не се нашле прашања и од други дела, што домашни, што странски. За тоа има две причини.
Прво, оваа генерација матуранти бараше „скратен“ матурски испит. Голем дел од нивното средно образование го поминаа од дома, за време на ковид-19, а изгубија доста и со заканите за бомби. Барањето им беше одобрено, па многу теми/дела годинава беа исклучени од испитот.
Втората причина е што во земјава има еден и единствен матурски испит и покрај тоа што има две програми – една за гимназиско, а друга за стручно образование. „Новата“ програма за средно стручно образование почна да се применува скалесто, односно прво како пилот-проект во неколку училишта (2021/2022 г.), па потоа во сите (од 2022/2023 г.). Во матурскиот испит влегуваат само темите и делата кои целосно се поклопуваат и за гимназиите и за стручните училишта.
Така, поради разликите, во испитот немало место не само за „Црнила“ и „Црно семе“, туку и за многу други.
Ова прашање, на единствен матурски испит, е нешто што одамна треба да се смени, брифираат од БРО и потсетуваат дека во предлог-измените на Законот за средно образование се предвидува во иднина да има два матурски испити – еден за гимназиите, еден за стручните училишта. Измените, сепак, се заглавени. Па, прашање е дали и кога ќе има два посебни испити. А со тоа, можеби, и помалку панични реакции.
ИЗВОР: 360stepeni.mk