Јасната порака, во име на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, ја испорачаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка. Шаленберг, Липавски и Влаховски уверуваат дека не се дојдени во Скопје да се мешаат во внатрешните работи, туку да помогнат во процесот и да пренесат што може да се случи ако уставните измени останат заглавени во меѓупартиските пресметки
„Ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период, да биде исфрлена од ЕУ-патот“, изјави шефот на австриската дипломатија
Тројца министри на три земји членки на ЕУ дојдоа во Скопје со една порака – заокружување на процесот на уставни измени. Шефовите на австриската, чешката и словачката дипломатија, ополномоштени и од високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, денеска, на серија средби и со претставници на власта и со претставници на опозицијата се обидуваат да го поттурнат заглавениот политички дијалог за, како што ја нарекуваат, стратешката цел – продолжување на пристапувањето кон ЕУ, чија идна динамика зависи од уставните измени.
„Доаѓаме со едноставна и силна порака, а тоа е порака на охрабрување – нема време за губење, би сакале да продолжите со неопходните уставни измени за да продолжите со преговорите за членство. Да се одложи усвојување на амандманите значи да се одложи пристапувањето. Би било штета, откако истрчавте еден тежок маратон, да се сопнете на последната пречка. Ако постоечкиот ќор-сокак продолжи, Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период, да биде исфрлена од ЕУ-патот. Од друга страна, исполнувањето на уставните измени, кои владата наскоро ќе ги поднесе, конечно ќе ја отвори вратата за почеток на пристапните преговори, што е неповратен процес. Треба да се биде политички одговорен и да се имаат предвид државните, а не партиските интереси. Тоа што е на маса е единствениот договор. Нема друг, моментот за дејствување е сега. Не се мешаме во внатрешните работи на земјата, решението може да дојде само од Северна Македонија. Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, од Прага или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред. Не треба да се заборави геополитичката ситуација, Русија е голема закана за безбедноста на Западен Балкан и не престанува да работи на негова штета…“,
изјави Александер Шаленберг.
Неговиот чешки колега направи паралела меѓу членството во НАТО и членството во ЕУ. „Приближувањето и конечното зачленување во Унијата значи просперитет“, изјави Липавски.
„Тука сме да ги охрабриме сите политички фактори, да ги преземат неопходните чекори за земјата да влез во ЕУ. Јас постојано велам – НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Го посакувам истото за Северна Македонија. Ние земјата ја сметаме за дел од европското семејство и едноставно, процесот треба да се заврши. Разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека ќе може да се надмине преку преговори“,
изјави Јан Липавски, министерот за надворешни работи на Чешка.
Според словачкиот министер, Унијата во целост сака Северна Македонија да се врати на позицијата регионален лидер во евроинтеграциите. Затоа, Влаховски побара постигнување консензус меѓу партиите за прашањето на уставните измени.
„Ќе се сретнеме со најразлични политички претставници на Северна Македонија за да помогнеме да се изгради национален консензус за најитната стратешка цел – зачленување во ЕУ. Целата Унија препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори, тоа се виде преку успешниот скрининг кој ќе заврши во ноември и потоа ќе треба да се отвораат преговарачките кластери и поглавјата. Ова е време кога треба да бидете самоуверени и да ги спроведете сите реформи за да успеете во преговорите. Треба сега да станете локомотива, пример, кој ќе се следи. Се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме, како пред две децении, да станете лидер на Балканот во ЕУ-интеграциите“,
вели Мирослав Влаховски, министерот за надворешни работи на Словачка.
Домаќинот на европската министерска тројка, Бујар Османи, се согласува дека сегашниот момент земјата не смее да го испушти и дека Македонија не смее да излезе од, како што ја нарекува, „брзата европска лента“. „Ќе направиме историска грешка“, вели Османи.
„Се соочуваме со отпор наметнат од дел од претставниците на опозицијата, би рекол ирационален отпор зашто уставната измена, што како обврска ја презедовме, ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување. Можеби зборот измена е погрешен, можеби треба дополнување да се користи, бидејќи само се дополнуваат неколку заедници со што се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава. Европа се наоѓа во турбулентно време, кога ЕУ-интеграциите стануваат безбедносно прашање. С Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во групата земји кандидати кои имаат отворени прашања и за кои ќе нема брза трака за пристапување. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека на која многу тешко се вративме…“,
вели Османи.
Најави дека во наредните денови предлог-измените на Уставот ќе поминат на влада и дека набрзо ќе се најдат пред пратениците кои, како што рече, ќе бидат пред изборот дали земјата да продолжи кон ЕУ или да остане блокирана.
ИЗВОР: 360stepeni.mk