(АНАЛИЗА) На „огнените“ од ДУИ им останува само формирање нова партија

3 mins read

Демократската унија за интеграција вчера избра ново раководство во 14 ограноци, со што од партијата дополнително беа „истребени“ симпатизерите и членовите на фракцијата позната како „огнена група“

Аналитичарите Сефер Тахири и Џелал Незири немаат исти ставови за кредибилноста на процесот завршен вчера, но се согласуваат по едно прашање – треба да се очекува формирање нова партија од досегашните фракционери во ДУИ

Владејачката Демократска унија за интеграција ги заврши внатрепартиски избори. Процесот беше еден, но до јавноста беа испратени две пораки кои произлегоа од партијата. Едната, на лидерот Али Ахмети и актуелното раководство околу него, дека ДУИ прави први демократски избори во историјата. Другата порака беше на т.н. „огнена група“, фракција на незадоволни членови и сега веќе поранешни партиски функционери, која тврди дека сè е фарса и дека изборите се против Статутот на партијата.

Фаворити на членството или на раководството?

Во последните денови од мај 2023 година Бујар Османи даде интервју за „360 степени“. Едно од прашањата до него беше – дали Беким Незири ќе биде новиот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир? Османи употреби дипломатски речник и одлуката ја препушти на процесот и на членството. Вчера токму Беким Незири стана претседател на чаирскиот огранок. Ја презеде фотелјата на Изет Меџити, еден од лидерите на „огнените“.

Аналитичарот Џелал Незири смета дека тоа што вчера го направи ДУИ е новитет, особено кај албанскиот политички блок.

Џелал Незири.

„Не гледам дека некој ги оспорува резултатите, така што најверојатно биле коректни. Само ‘огнените’ го оспоруваа целиот процес како нестатутарен, но од април годинава реално тие не се веќе дел од ДУИ“,

вели Џелал Незири за „360 степени“.

Дека внатрепартиските избори во ДУИ биле демократски се согласува и аналитичарот Сефер Тахири. Но, додава тој, не значи и дека биле кредибилни.

Сефер Тахири

„Иако формално беа избрани на демократски начин, изборот на кандидати дојде од врвот на партијата. Сметам дека се гласаше по директива на раководството на ДУИ, што не е некоја нова практика имајќи го предвид нивото на внатрепартиската демократија“,

вели Сефер Тахири за „360 степени“.

Каква порака тогаш испраќа ДУИ со новите претседатели? Тахири вели дека секој е заменлив.

„На пример, во Чаир се менува Изет Меџити со поранешниот висок функционер Беким Незири. Сметам дека пораката е јасна кон ‘огнената група’, дека ќе се наоѓаат замени за нивните позиции во партијата“,

вели Тахири.

Не е многу различен ставот и на Џелал Незири.

„Со овие избори ДУИ расчисти со фракциите. ‘Огнените’ не се веќе дел ниту на партиската хоризонтала, т.е. на ограноците откако им беше покажана вратата во централните тела на партијата“,

вели Незири.

„Развод“ наместо помирување

А сè изгледаше многу поинаку пред нешто повеќе од шест месеци. Откако подолго време гласно се шепотеше за незадоволство на скопските ограноци на ДУИ, особено од развојот на кариерата и моќта на Артан Груби, лидерот Али Ахмети повлече навидум компромисни потези. На 15 октомври 2022 година „огнените“ добија репрезентативност во највисоките партиски тела.

Но, Али Ахмети во ниту еден момент не посегна сериозно против Артан Груби, а „огнените“ не го заборавија тоа барање. Па само неколку месеци по привидното помирување во Мала Речица, односите во партијата се заострија до исклучување.

На почетокот на годинава Изет Меџити ја официјализира фракцијата, која ниту партискиот статут ниту партискиот лидер не ја одобруваа. Без амин од лидерот, „огнените“ почнаа да носат политички одлуки, како на пример да влезат во коалиција со Данела Арсовска во Советот на Град Скопје.

Па, сепак, има ли можност сè да заврши со помирување? Има ли шанси миротворецот да биде човекот што го менува Изет Меџити во партиската фотелја во Чаир – Беким Незири?

„Не верувам дека може да има помирување. Разликите се толку големи што една таква разврска е многу малку веројатна“,

вели Џелал Незири.

„Мислам дека помирувањето меѓу ‘огнените’ и ДУИ како партија не може да се постигне. Мислам дека поделеноста е подлабока, политичка секако, но и мислам дека личните анимозитети се на високо ниво“,

вели Сефер Тахири.

Значи ли тоа дека вчерашните избори, со кои Али Ахмети ги отстрани „огнените“ од последните партиски функции, значат и „развод“ во ДУИ?

„Јас мислам дека секој внатрепартиски процес во Македонија, особено во последните години, кој резултирал со фракција, на крај бил нова политичка партија. Така, мислам дека процесот што го минуваше ПДП, потоа ДПА ќе го помине и ДУИ. И мислам дека е сосема природен политички процес, после дејствувањето на оваа политичка партија веќе 21 година на политичката сцена“,

вели Сефер Тахири.

„Верувам дека да – ‘огнените’ ќе пристапат кон формирање нова партија уште од септември. Иако формално не се исклучени од ДУИ, нивниот простор за дејствување внатре во партијата е стеснет до минимум. Јас мислам дека ова беше посакувано сценарио и на ‘огнените’, кои очигледно, меѓу другото, имаат и големи идеолошки разлики и следствено на тоа и целосно различни стратешки цели“,

вели Џелал Незири.

Неколку дена пред внатрепартиските избори, во интервју за весникот „Лајм“, Изет Меџити беше прашан дали е можно „огнените“ да формираат нова партија. Тој одговори: „Прашајте ме после 2 јули“.

„360 степени“ денеска (3 јули) го побара Меџити и му го постави истото прашање. Ни одговори: „Сите опции се отворени“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Фон дер Лајен: Невозможно е да се замисли ЕУ без Западен Балкан

Следно

Путин ја губи контролата над својот народ, вели украинскиот претседател Зеленски

Latest from Blog