Гир: Доколку нема уставни измени тоа значи дека ќе ја пропуштите шансата за напредок

June 7, 2023
4 mins read

Сега мора државата да се фокусира на големите реформи кои мора да ги воведе. Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ, вели евроамбасадорот Гир

Во вечерашното интервју, евроамбасадорот Гир говореше и за договорот со Бугарија. Според Гир, договорот е тој и не постои друг и сега е на ред Северна Македонија, а во овој чекор не постои можност за вето, не постои можност за промена на одлуките, тие се веќе донесени

Вратата за Северна Македонија кон Европската Унија е отворена, но само доколку се направат уставните измени, рече евроамбасадорот Дејвид Гир во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

„Голем проблем се уставните измени. Тоа е прашање на суверенитет на државата. Но, мислам дека некои елементи ќе бидат особено важни и ќе треба да се земат предвид откако предлогот ќе биде објавен и достапен за јавноста. Ќе почнам со уставните измени. Мислам дека, пред сè, тајмингот и контекстот се клучни тука. Минатата година во јули ги започнавме пристапните преговори со Северна Македонија. Досега, процесот се одвива добро. Процесот е во тек, екипите се добро организирани и гледам позитивни промени. Има брзање за проширување и сите сега ја разбираат сериозноста на интересот да се оди напред во процесот на проширување на ЕУ. Мислам дека сега има голема шанса. Во овој момент вратата е отворена доколку се направат уставни измени. Така државата ќе премине на следниот чекор“,

вели Гир.

Според него, имаме голема можност која не треба да се пропушти.

„Во спротивно нема да има напредок. Се разбира, ќе биде важно луѓето да читаат што ќе биде напишано во текстот и да се фокусираат на него. Се чини дека има начини да се вклучат луѓе кои се декларираат како Бугари во Уставот. Веќе имате добри меѓуетнички односи. Ова само ќе ги зајакне. Може да се каже дека зборовите ќе ги поткрепите со своите постапки“,

рече Гир.

На прашањето што доколку не се направат уставните измени, Гир вели дека тоа значи дека ќе ја пропуштиме шансата, која други ќе ја искористат.

„Реков дека имате голема шанса. Постои залет. Залетот во политиката и дипломатијата е нешто што не се занемарува. Тоа е посебен миг. Ако напредувате, ќе го искористите залетот и ќе ги искористите шансите кои ви се укажуваат за да напреднете на патот кон ЕУ. Сега мора државата да се фокусира на големите реформи кои мора да ги воведе. Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“,

рече амбасадорот Гир.

Според него, парламентот треба да се фокусира на аргументите, да ја види пошироката слика и да донесе одлука.

„Парламентот треба да одлучи. Важно е да се фокусираат на аргументите, да ја гледаат пошироката слика и да донесат одлука. Секако постојат ризици ако се одложат уставните промени за по изборите. Да не зборуваме за тоа. Сега имате добра политичка шанса“,

вели Гир кој на прашањето дали може да ја изгубиме даде потврден одговор.

За лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМР-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Гир вели дека од вакви средби очекуваат политичките партии да најдат заедничко разбирање за реформите на ЕУ и за посветеноста. Според Гир, тоа не значи дека треба да бидат дел од истата гарнитура. Смеат да си имаат различни ставови, но треба да се посветат на европската иднина преку реформи во законодавството, додаде Гир.

Договорот со Бугарија е најдобриот што можеше да се постигне

Во вечерашното интервју, евроамбасадорот Гир говореше и за договорот со Бугарија. Тој порача дека меѓу Бугарија и Северна Македонија се постигнал билатерален договор и дека државата треба да го исполни.

„Прво, при вакви договори, внатрешната политика зависи од владејачката политика и опозицијата. ЕУ ги почна преговорите. Следниот чекор е гласањето, владината конференција, односно, уставните промени. Тој е договорот. Не постои друг. Тој е. Сега е на ред Северна Македонија. Во овој чекор не постои можност за вето, не постои можност за промена на одлуките. Тие се веќе донесени. Ако се направи промената, ќе продолжиме напред“,

додаде Гир.

Според него, вториот ризик е дека проблемот може да стане уште посложен оти различни групи даваат различни предлози за менување на Уставот.

„Исто така, сум загржен дека изборите може да го поделат народот. Така проблемот ќе се реши многу потешко. Ќе кажам дека веднаш треба да заборавите на две работи. Прво, нема да се постигне подобар договор со Бугарија по избори. Ги следев преговорите две години. Многу беа тешки“,

додаде Гир.

На прашањето точно ли е дека можат да се сменат преговорите, Гир рече дека тоа е неверојатно.

„Според мене е невозможно. Верувам дека овој договор е најдобриот што можеше да се постигне. Компромис е. Не е совршен. Ниеден компромис не е совршен. Но, ова е најдобриот договор“,

рече Гир.

Гир вели дека која партија и да дојде на власт по изборите ќе си има работа со истиот договор, а опозицијата, според него, тоа добро го знае.

„Која партија народот и да ја стави на власт, нема да постигне подобар договор. Втората работа е што не гледам можност за некакви гаранции од ЕУ. Понекогаш се споменува јазикот. Ниту тоа не го гледам како начин за напредок. Најдобрите гаранции за напредок се самите реформи“,

вели Гир.

Според евроамбасадорот, македонскиот јазик без никаква придавка е дел од преговорите.

„Тоа значи дека е темел на нашите преговори со Европската Унија. Тоа значи дека македонскиот јазик ќе стане јазик на Европската Унија. Од искуството со другите држави знаеме дека со самото приклучување во ЕУ јазикот се зацврстува. Постои целата армија на преведувачи и толкувачи, а и јазикот е во фокусот“,

рече Гир.

Во врска со идентитетот, Гир вели дека ниедна држава не го губи својот идентитет кога станува членка на ЕУ.

„Од 27-те членки знаеме дека нивните идентитети се зајакнуваат со тоа што станале членки на ЕУ. Нашето мото е обединето во различностите“,

додаде евроамбасадорот Гир.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Столтенберг: НАТО треба да дискутира за безбедносни гаранции за Украина по војната

Следно

Ново улично осветлување на неколку локации во општина Илинден

Latest from Blog

Ирански генерал загина во судирите меѓу режимот на Асад и антирежимските групи во Алепо и Идлиб

Бригадниот генерал Кејумерс Пурхашими, еден од командантите на Армијата на иранската револуционерна гарда, загинал во нападот што го изврши сириската опозиција на западниот дел на Алепо, известува Анадолу. Според веста на иранската

Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на Собранието на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На средбата беше изразено задоволство од

Стојановски: Приватните превозници го прифатија предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, цената за километар да биде 100 денари!

Мартин Стојановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, денеска истакна дека приватните превозници го прифатиле предлогот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а цената за километар ќе биде 100

Брисел: Креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот

Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени

Јакнење на македонско-британската соработка во делот на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон. На средбата
Go toTop