(ФОТОГАЛЕРИЈА+ВИДЕО) Општина Центар почна со затрупување на спорното градилиште кај Универзална: Инвеститорот градел спротивно на одобрението за градба

3 mins read

Во оваа држава постојат закони и тие мора да ги почитуваат сите. Секој што ќе го прекрши законот ќе биде санкциониран. Тоа се случува и денеска на улицата ‘9 Мај’. Пред неколку месеци настана проблем од страна на инвеститорот ‘Бинјапи инженеринг’, фирмата која го има одобрението за градба. Јамата не беше целосно обезбедена според даденото решение, односно зградите не беа целосно заштитени од страна на инвеститорот. Не беа поставени оние т.н. ‘шипови’ кои се за заштита на целото околно земјиште, вклучувајќи ги улицата и зградите, изјави градоначалникот на Општина Центар, кој денеска присуствуваше на затрупувањето на градилиштето

Часот е 8:50. Локацијата е градилиште на улицата „9 Мај“ во центарот на Скопје, во непосредна близина на Универзалната сала. Работници ги извршуваат своите активности околу градбата, поради која пред извесно време пропадна дел од улицата. Ништо не навестува дека за кратко време ќе дојде до промена на состојбата на градилиштето.

По неполн половина час на местото пристигнува градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со екипи на градежни инспектори од Општината за да го извршат решението за стопирање на градежните активности и враќање на парцелата во првобитна состојба бидејќи инвеститорот не градел согласно одобрението за градба. Инвеститор на објектот е фирмата „Бинјапи инженеринг“, а изведувач е „Ардико коп“.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во разговор со инвеститорот на спорниот објект/Фото: “360 степени“

За кратко време на локацијата пристигнаа и екипи на интервентната полиција за да пружат асистенција. Полициските екипи им наредија на градежните работници да запрат со работата и да ѝ овозможат на градежната механизација ангажирана од општината да почне со затрупување на јамата и она што досега е изградено на парцелата.

Пристигнувајќи еден по еден, камиони почнаа да истураат земја во непосредна близина на јамата, а багер почна со затрупувањето.

Како што можеше да се слушне од градежните инспектори на терен, во текот на денот ќе се сече и арматурата за да се оневозможи продолжување со градежните активности.

Градилиштето на кое се гради спорниот објект пред неколку месеци беше затворено од Општина Центар. На 4 март од општината преку соопштение информираа дека инспекцијата утврдила оти инвеститорот постапувал спротивно на издаденото одобрение за градење и ја искинал жолтата лента со која градежен инспектор на Општина Центар претходно му го затворил градилиштето.

Две недели подоцна од Општината Центар соопштија дека на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“ и на фирмата изведувач „Арадико коп“ им биле изречени пет казни во вкупна висина од 12 500 евра. Петте казни од вкупно 12 500 евра што ги изрекол градежниот инспектор од Општина Центар се: 4 000 евра за непреземање мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи инженеринг“; 7 000 евра за изведувачот „Арадико коп“; 500 евра за одговорното лице во правното лице „Ардико коп“; и 500 евра за градежниот инженер за изведба.

„Во оваа држава постојат закони и тие мора да ги почитуваат сите. Секој оној којшто ќе го прекрши законот, ќе биде санкциониран. Тоа се случува и денеска на улицата ‘9 Мај’. Пред неколку месеци настана проблем од страна на инвеститорот ‘Бинјапи инженеринг’, фирмата којашто го има одобрението за градба. Јамата не беше целосно обезбедена според даденото решение, односно зградите не беа целосно заштитени од страна на инвеститорот. Не беа поставени оние т.н. ‘шипови’ коишто се за заштита на целото околно земјиште, вклучувајќи ја улицата и зградите. Наместо еден, направени се два ката. Нашите инспектори и тогаш постапија, ставија жолта лента, беше стопирана градбата, но самиот инвеститор продолжи со градба. Ние како општина после извесен период постапуваме на терен, односно по пишаното решение од градежниот инспектор за враќање на првобитноста на самото земјиште. Истото денеска го спроведуваме, односно го враќаме земјиштето во првобитна состојба“,

изјави градоначалникот Герасимовски.

Прашан дали ќе биде доставена документација до надлежно обвинителство бидејќи има прекршување на законот и дали ќе му се одземе градбата на инвеститорот, градоначалникот изјави дека целата процедура ќе биде целосно спроведена од инспекциските служби на Општина Центар.

„Како што е законот и законските мерки, ќе постапи самата општина. Во моментов со ова решение се враќа самото градилиште во првобитна состојба за да се обезбедат целосно сите околни објекти, а дополнително од страна на општината ќе се разгледува можноста што понатаму и како ќе се решава самиот проблем“,

изјави градоначалникот на Општина Центар.

Одговарајќи на дополнително прашање, тој рече дека за среќа нема оштетувања на соседните објекти, односно имало мало оштетување, но тоа било санирано од инвеститорот.

„Има направено штета на самата улица за која има потпишано изјава дека треба да ја врати лично во првобитна состојба. Дополнително се обративме и до градот Скопје каде што и самиот се има заложено, мислам дека рокот беше до 20 мај улицата да се врати во првобитна состојба. Доколку истата не се врати, во наредниот период ќе биде санирана од Јавното претпријатие за улици и патишта, а сета направена штета ќе биде фактурирана на самата фирма“,

рече Герасимовски.

На местото беше присутен и инвеститорот на објектот, кој не сакаше да даде изјава за „360 степени“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ОПЕК побара раат од новинари во Виена

Следно

Борел: „Сторителите на насилството во Косово мора да бидат повикани на одговорност“

Latest from Blog