Опозицсикиот кандидат Киличдароглу не го призна поразот, но кажа дека и покрај сите притисоци, резултатите од изборите ја покажале волјата на народот за промена на авторитарната влада и обвини за „најнефер избори во последните години“
Претседателскиот кандидат на турската опозиција Кемал Киличдароглу, кој според прелиминарните изборни резултати загуби од Реџеп Таип Ердоган во трката за претседател на Турција, вечерва ѝ се обрати на нацијата и порача дека ќе продолжи да се бори за вистинска демократија.
Во говорот од седиштето на неговата партија во Анкара, Киличдароглу не го призна поразот, но кажа дека и покрај сите притисоци, резултатите од изборите ја покажале волјата на народот за промена на авторитарната влада. Борбата за демократија, порача тој, треба да се зачува поради децата, пензионерите, мајките и татковците, земјоделците и трговците.
Во својот говор, Киличдароглу обвини за, како што рече, „најнефер изборите во последните години“.
„Ги доживеавме најнефер изборите пред години. Сите државни средства беа мобилизирани за една политичка партија. Сите можности беа ставени под нозете на еден човек“,
рече опозицискиот кандидат на претседателските избори Кемал Киличдароглу.
Она што навистина ме растажува, рече Киличдароглу, се тешките денови и невојлата што ја чекаат Турција. На крајот од својот говор им се заблагодари на 25. милиони Турци кои гласаа за него и порача оти битката продолжува.
Со разлика од околу 2,2 милиони гласа, актуелниот претседател на Туција, Реџеп Таип Ердоган го победи својот опозициски противкандидат Кемал Киличдароглу во вториот круг од претседателските избори и си обезбеди уште еден петгодишен мандат.
Претседателот на Изборната комисија, кого го цитира Би-би-си, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број на обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто со речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите.
Ердоган ја прогласи победата на претседателските избори уште пред Врховната изборна комисија на Турција да го соопшти официјалниот изборен резултат.
Тој им се обрати на своите приврзаници, кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.
Откако пееше качен на автобус, тој ѝ се заблагодари на нацијата што на Турција ѝ дала „Ден на демократијата“, а својот противкандидат Кемал Киличдароглу го поздрави со зборовите „Збогум Кемал“.
Меѓу првите кои му ја честитаа победата беа унгарскиот премиер Виктор Орбан, српскиот претседател Александар Вучиќ, но и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Извор: 360stepeni.mk