„Метаверс сега оди на гробиштата на пропаднати идеи на технолошката индустрија. Меѓутоа неговиот краток живот и срамна смрт се и оценка за технолошката индустрија која го изроди,“ пишува Ед Зитрон во анализата за Бизнис инсајдер.
Од првиот ден постоење на Метаверс Закерберг го продаде проектот како „иднината на интернетот“ и така и се однесуваше кон него (финансиски и со други ресурси) се до пред некој месец. Метаверсот, на кратко, беше виртуелна реалност во која можеа да се сретнат виртуелните аватари на сите луѓе на планетава.
Ветувањата на Закерберг не се исполнија главно заради технички проблеми и недоработеност на продуктот, кој никогаш не стана вистински уверлива замена за реалноста како што тој тоа го ветуваше. Зитрон забележува и дека Метаверс никогаш немал јасен бизнис модел, туку постојано бил завиен во општи зборови, фрази и ветувања, кои немаат никаква реална вредност.
За успехот на Метаверс не помогна ни тоа што бизнис светот беспоштедно го прифати оптимизмот на Закерберг, па или се накачија на проектот на Мета или секоја поголема компанија почна да работи на сопствен метаверс, без разлика што и нивните не беше јасно што прават и за што служат. Ваквото расположение кон виртуелната реалност само беше засилено од наклонетоста на медиумите, кои без трошка критичност ги пренесуваа прогнозите за иднината на Метаверс, пример дека Метаверс би можел да генерира вредност до „5.000 милијарди долари.“
Проблем е што целиот овој хајп и целото верување во Метаверс се базираше на „нејасните ветувања на еден единствен ЦЕО, а кога луѓето добија шанса вистински да го користат, никој не седна да го употреби.“
Децентраленд, најдобро финансираниот Метаверс производ чиј екосистем се проценуваше на 1,3 милијарди долари имаше околу 38 корисници на ден (во 2021 Фејсбук има речиси 72.000 вработени). Официјалната верзија на Децентраленд е дека имале 8.000 корисници на ден, што и понатаму е само делче од бројот на луѓе кои секојдневно се вклучуваат да играат онлајн игри како Фортнајт. Подоцна Вол стрит журнал објави дека само 9% од световите креирани од корисниците имале повеќе од 50 играчи на ден, а Верџ пишуваше дека Метаверс е толку лошо изработен што дури и вработените на Мета го избегнуваат.
Откако во јануари Микрософт ги отпушти стоте луѓе што работеа на нивниот метаверс производ, а слично направија и Дизни и Волмарт, во март Закерберг објави дека компанијата ја прави најголемата единечна инвестиција во вештачка интелигенција и дека сега и тој самиот најголемиот дел од времето го минува на вештачка интелигенција.
Процената на Зитрон е дека Закерберг никогаш не бил вистински заинтересиран за Метаверс и технологијата зад него, туку дека почувствувал дека по толку години Фејсбук мора да понуди нешто револуционерно ново како би ја кренал цената на акциите на компанијата.
До овој момент, Мета имаше инвестирано над 100 милијарди долари во развој и истражување на Метаверс.
ИЗВОР: off.net.mk