Иако лагодноста и леснотијата на воведување санкции е неспоредлива (малку кој се буни колку време и кои се санкции си ги вовел, во споредба со галамата што се прави при донирање оружје) тие не се решение за сите гео-политички проблеми, „а како што покажаа украинските победи против Русија на военото поле, економското војување не е замена за вистинското војување“.
„САД и неговите сојузници треба да инвестираат во цел опсег на алатки за да ги одбранат своите интереси и вредности, наместо премногу да очекуваат од економското војување,“ пишува Питер Харел во текстот за Форин полиси.
Уште кон крајот на 2021 САД почнуваат да планираат тешки санкции против Русија кои во комбинација со воена помош за Украина и дипломатски притисок врз Москва, се сметаше дека ќе бидат доволни за да се пишмани Путин од започнување на инвазијата.
Санкциите реално беа далеку потешки и посурови од оние што и беа воведени на Русија во 2014 за присвојувањето на Крим, меѓутоа го немаа посакуваниот резултат.
Кога почна војната само се интензивираа финансиските и економски удари на Западот против Русија, од запленување на над 300 милијарди долари руски резерви во западни банки, до исклучување на Русија од СВИФТ и блокирање на соработката со руските банки.
Првичниот удар ги погоди и светските пазари и руската рубља која мораше да биде спасувана со серија државни мерки. Заради санкциите на компоненти Москва мораше да почне да соработува со Иран и Северна Кореја.
„Меѓутоа до крајот на 2022 стана јасно дека Русија подобро ја преброди првичната економска бура отколку што многумина западни функционери и експерти очекуваа,“ пишува Харел.
Според него руската економија се покажа отпорна заради три главни причини. Прво е што Русија првично можеше да профитира од сопствената војна, па земјата успеа приходите од нафта да ги зголеми за 20%. Второ, Русија со години се подготвуваше за војната и работеше на изолирање од западните системи а со тоа и од нивните санкции. Од повлекување на своите резерви од американскиот финансиски систем во 2018 до зголемување на златните резерви. Плус изградија сопствен систем за меѓубанкарски плаќања и многу ги продлабочија дипломатските односи со Кина, Индија и Блискиот исток. Трето, санкциите што САД ги наметна на Русија не беа сеопфатни како оние што ги има воведно против Иран и Северна Кореја. Западот никогаш не воведе санкции со кои ќе се бара држави како Кина или Емиратите да престанат да тргуваат со Русија.
Сето ова не значи дека санкциите немаат последици за Русија, чија економија според сите процени неизбежно длабоко ќе крвари на долг рок, а кон ова посебно ќе придонесе и тоа што некои си 500.000 главно висококвалификувани Руси ја напуштија државата од почетокот на војната.
„Сепак политичарите треба да сфатат дека санкциите и контролата на извоз нема да влијаат на стратешките пресметки на Путин, кои многу повеќе ќе бидат оформени од случувањата на военото поле,“ смета Харел.
Тој смета дека санкциите треба да бидат искористени за постигнување краткорочни цели, пример да се најде начин да се искористи замрзнатиот руски имот и ресурси за да се поддржи Украина, па наместо западот да плаќа за нејзина одбрана и обнова, парите да дојдат од руска сметка. Или парите собрани од дополнителните давачки наметнати за увоз на руски производи (пример алуминиум) да бидат искористени за финансирање на Украина. На долг рок кревањето санкции може да биде искористено години по завршувањето на војната во Украина како мерка за одоброволување на Русија.
„Главната лекција од западните санкции против Русија е истата која експертите за санкции и нивните извршители одамна ја знаат: функционерите не треба премногу да се потпираат на такви мерки. Санкциите се вредна споредна алатка но ретко кога се магичниот куршум или да имаат капацитет да ја сменат противничката математика на краток рок.
Украинската борба на военото поле и западната поддршка за украинската војска се далеку поважни причинители за рускиот неуспех во конфликтот. А успехот на украинската одбрана или неуспехот на руската војска ќе биде посилно во одвраќање од воен авантуризам на други потенцијални противници, како Кина, отколку опасноста од економската штета од истиот,“ порачува Харел.
За него е позитивно што САД и нивните сојузници периодов ја зголемија планираната воена потрошувачка и почнаа да ги шират своите регионални сојузништва (пример Австралија и Филипини). Она што според Харел е слабост на САД е ширењето на нивната порака во земјите во развој, каде Кремљ е далеку поуспешен во ширење на про-руски и анти-западен наратив околу конфликтот.
„Главната лекција од американските санкции е дека санкциите се многу помалку вредни како прва мерка, отколку како споредна алатка на американската безбедност. Вашингтон треба барем да е фокусиран на развивање и користење на други алатки како што беше на искористувањето на алатките за економска присила,“ пишува Харел.
ИЗВОР: off.net.mk