Американскиот претседател Доналд Трамп отвори можност во последните недели од 2026 година да се случи една од најголемите дипломатски сензации годинава, доаѓање на рускиот претседател Владимир Путин на самитот на групата Г20, кој на 14 и 15 декември ќе се одржи на Флорида.
Во разговор со новинарите по повод американскиот Ден на благодарноста, Трамп отворено порача дека би сакал да го види рускиот лидер на иста маса со челниците на најголемите светски економии.
„Ако Путин сака да дојде на самитот на Г20, секако дека може. На некои тоа нема да им се допадне“, изјави Трамп, откако рускиот претседател минатата недела, по разговорот со Трамп во Кина, најави дека ќе ја разгледа можноста за патување во Соединетите Американски Држави, додека Кремљ потврди дека конечната одлука сè уште не е донесена, пренесе „Ројтерс“.
Уште позначаен е контекстот во кој американскиот претседател зборуваше за евентуалното доаѓање на Путин, повторно проблематизирајќи го исклучувањето на Русија од некогашната група Г8 и сугерирајќи дека до војната во Украина можеби никогаш немало ни да дојде доколку Москва останела нејзина членка.
„Да останеше Путин член на Г8, можеби денеска немаше да имаме војна во Украина. Путин беше многу навреден кога тоа се случи. Обама сакаше да го исфрли. Сега имаме Г7, а сè што правиме е да разговараме за Русија“, рече Трамп, додавајќи: „Имаме состанок и разговараме за војната меѓу Русија и Украина. И тогаш јас велам: зарем не би било убаво и Русија да биде во просторијата?“.
Соработката со Русија во форматот Г8 беше суспендирана во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим, но Русија остана членка на групата Г20. Евентуалното доаѓање на Путин на Флорида би имало посебна симболичка тежина, со оглед на тоа што рускиот претседател лично не учествувал на самит на Г20 од 2019 година, па неговото појавување во друштво на западните лидери би означило значително отстапување од политиката на дипломатска изолација на Москва по почетокот на инвазијата врз Украина.
Извор: vecer.mk




