Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во собраниската расправа за интерпелацијата поднесена од Левица порача дека ја прифаќа можноста да даде отчет за досегашната работа, но побара и од подносителите одговорност за точноста на изнесените тврдења.
„Да се биде министер е одговорност и чест, а тоа се оправдува со работа. Им благодарам на пратениците што ја поднесоа интерпелацијата, со што ми дадоа можност да ја претставам нашата работа. Ќе побарам вие да ја прифатите одговорноста за точноста на тврдењата во барањето“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека ја поддржува контролната улога на Собранието и правото на опозицијата да бара одговорност од Владата. Посочи и дека внимателно ќе ги следи пратеничките дискусии за од нив да се извлечат корисни насоки.
Одговарајќи на критиките за електроенергетскиот сектор, Божиновска ги разграничи надлежностите на Министерството од одлуките на енергетските компании и независните институции.
Според неа, Министерството е одговорно за енергетската политика, сигурноста на снабдувањето, рударството и минералните суровини, додека не ги води набавките и не ги склучува комерцијалните договори на ЕСМ. Таа посочи и на законските граници во однос на МЕПСО, како и на независната улога на Регулаторната комисија за енергетика.
Во продолжение на обраќањето, министерката започна да ги претставува резултатите од работењето на Министерството, издвојувајќи го Законот за енергетика.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците на Левица поради критики за состојбите во енергетиката и финансиското работење на ЕСМ. Пратеникот Амар Мециновиќ претходно обвини дека компанијата има милионски долгови и дека власта не презела доволно мерки за нејзина финансиска консолидација.


