Со Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини за периодот 2026–2046 година се поставува долгорочна рамка за подобро искористување на геолошкиот потенцијал на Македонија, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Според неа, минералните ресурси треба да бидат двигател на домашната индустрија, да поттикнат нови инвестиции и отворање работни места, како и да придонесат за создавање поголема додадена вредност во македонската економија.
„Преку современи геолошки истражувања, развој на домашните производни и преработувачки капацитети и примена на нови технологии, создаваме услови поголем дел од економската вредност да останува во нашата земја“, порача Божиновска.
Таа нагласи дека одговорното управување со минералните суровини, заштитата на животната средина, транспарентноста и заштитата на јавниот интерес остануваат приоритети.
Стратегијата е подготвена во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, експерти и релевантни институции. Како што посочи министерката, документот ја поврзува визијата за развој со европските политики и отвора можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири.
Божиновска порача дека минералното богатство треба да се претвори во конкретни економски придобивки за граѓаните, нови можности за бизнисите и одржлива иднина за земјата.


