Божиновска: Со новите интерконекции ја зголемуваме енергетската сигурност на Македонија

October 6, 2026
1 min read

 

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Белград учествуваше на вториот министерски состанок на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, посветен на регионалната енергетска соработка и зајакнувањето на енергетската сигурност.

Во фокусот беа диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, регионалното енергетско поврзување и развојот на регионот како значаен енергетски коридор за Европа.

Една од клучните теми беше развојот на гасната инфраструктура. На состанокот беше поздравено вклучувањето на Македонија и Србија во Вертикалниот гасен коридор, како и најавата за скорешен почеток на изградбата на гасната интерконекција меѓу двете земји.

Интерконекцијата Србија–Македонија ќе биде поврзана со интерконекцијата Македонија–Грција, која е во изградба. Грчкиот дел се очекува да биде завршен до крајот на 2026 година, а македонскиот дел во 2027 година. За српскиот дел веќе се испорачани првите цевки, додека поставувањето на цевководот треба да започне во следниот период.

Со овие проекти Македонија ќе добие нов правец за снабдување со течен природен гас преку терминалот во Александруполис, покрај постојните правци преку Бугарија. На тој начин ќе се зголемат диверзификацијата и отпорноста на регионалниот енергетски систем.

Министрите ја потврдиле определбата за понатамошно развивање на Вертикалниот гасен коридор како сигурна енергетска порта кон Југоисточна и Централна Европа и Западен Балкан. Разговарано било и за можноста постојните и новите гасоводни капацитети во иднина да се користат и за транспорт на водород, во согласност со енергетската транзиција и процесите на декарбонизација.

Во електроенергетскиот сектор се разговарало за подготвеноста на преносните системи за зимската сезона, можностите за размена на електрична енергија, како и за развојот на обновливите извори, преносните мрежи, реверзибилните хидроелектрани и батериските системи.

Посебно внимание било посветено и на интеграцијата на електроенергетските пазари на земјите од Енергетската заедница со пазарите на Европската Унија, со цел поголема прекугранична размена и поголема сигурност на снабдувањето.

На состанокот бил разгледан и потенцијалниот развој на југоисточниот крак на националниот систем на нафтоводи по трасата Солун–Скопје–Ниш, кој би овозможил дополнително енергетско поврзување на Србија преку Македонија со пристаништето во Солун.

Министрите разговарале и за праведната енергетска транзиција и декарбонизацијата на Западен Балкан, како и за потребата од финансиска поддршка од Европската Унија и усогласување со европската регулатива, вклучително и Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување – CBAM.

Во македонската делегација беа и директорот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО Александар Пауноски и претставници на НОМАГАС.

По министерскиот состанок, Божиновска продолжува со работните активности во Белград, каде ќе оствари и билатерална средба со министерката за енергетика на Бугарија, Ива Петрова. На средбата ќе се разговара за натамошно унапредување на енергетската соработка и регионалното поврзување.

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Укинување на забраната за нуклеарно оружје во Литванија?

Следно

ВЛЕН: 428 полицајци Албанци добија унапредување во МВР

Latest from Blog

Проданоски: Буџетот за 2027 година го креираме со предлозите на прилепчани

Општина Прилеп ги заврши средбите со сите урбани заедници во градот во рамките на консултациите за подготовка на Буџетот за 2027 година. Градоначалникот Дејан Проданоски најави дека процесот продолжува со средби со

Николоски: Од 1 јануари само Државната лотарија ќе може да организира онлајн игри на среќа

Владата го измени Законот за игри на среќа, со кој јасно се ограничува организирањето на игри на среќа. Само Државната Лотарија ќе може да организира игри на среќа, дополнително се воведе ограничување

Божиновска: По три децении зависност од еден гасен правец, Македонија работи на нови врски со соседите

Македонија три децении зависела од само еден правец за снабдување со природен гас, а новите поврзувања со соседите треба да ја намалат таа зависност, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини,

Битола не ги заборава своите херои: Одбележана 82-годишнината од формирањето на Првата егејска македонска ударна бригада

Во Битола свечено беше одбележана 82-годишнината од формирањето на Првата егејска македонска ударна бригада, со положување свежо цвеќе, оддавање почит и пригодна културно-уметничка програма. Одбележувањето се одржа пред спомен-плочата кај Територијалната противпожарна

Божиновска: Гасните врски со Грција и Србија се приоритет за посигурно снабдување

Гасните интерконектори со Грција и Србија, Вертикалниот гасен коридор и повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје се меѓу проектите со кои Македонија работи на посигурно снабдување со енергија. Ова го истакна
Go toTop