Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска учествува на Вториот министерски самит во Белград, каде со колегите од Србија, Грција и Бугарија разговара за конкретни чекори за зајакнување на регионалната енергетска сигурност и отпорност.
Како што посочува Божиновска, самитот го продолжува дијалогот започнат во Атина, но овојпат фокусот е ставен на конкретни активности за подобро поврзување на енергетските системи во регионот.
Меѓу темите на состанокот се Вертикалниот гасен коридор, пристапот до LNG капацитетите преку Александруполи, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и зајакнувањето на регионалната соработка во електроенергетиката.
Божиновска истакнува дека Македонија е активен дел од овие процеси и дека нејзината географска положба, заедно со инфраструктурните проекти што се развиваат, создава можност земјата да биде важна енергетска врска меѓу југот и северот на Европа.
Во рамки на посетата на Белград, Божиновска ќе оствари и билатерална средба со бугарскиот министер за енергетика, на која ќе се разговара за натамошно продлабочување на соработката.
„Енергетската сигурност не завршува во нашите граници. Колку повеќе ги поврзуваме нашите системи, толку посигурен и поотпорен станува целиот регион“, порача Божиновска.

