Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет во Прилеп, каде на студентите им посака успешен почеток на новата академска година.
Проданоски истакна дека почетокот на академската година претставува почеток на важно животно и професионално поглавје за секој студент, а Економскиот факултет со децении има значајна улога во образовниот и економскиот развој на Прилеп.
„Овој факултет со децении е значаен дел од образовниот и економскиот развој на Прилеп, создавајќи генерации млади луѓе кои со своето знаење и професионалност придонесуваат за развојот на нашиот град и држава“, порача Проданоски.
Тој ги повика студентите да вложуваат во своето знаење, да веруваат во своите способности и предизвиците да ги гледаат како можности за личен и професионален напредок.
Според Проданоски, идеите, знаењето и енергијата на младите се од особено значење за иднината на Прилеп.
Градоначалникот посочи дека Општина Прилеп и во иднина ќе продолжи да создава можности и да ја поддржува младата генерација. Во таа насока, и оваа академска година Општината обезбеди награди за најдобрите студенти, како признание за нивниот труд, успех и посветеност.
На студентите им посака успешна академска година, многу знаење и лични достигнувања, како и убави студентски денови.


