Градоначалникот на Битола Тони Коњановски со претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска заедно со бруцошите ја споделија радоста од почетокот на новата академска година.
Пречекани од деканот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии проф. д-р Благој Ристевски, заедно со ректорот на битолскиот универзитет проф. д-р Игор Неделковски, беа дел од свечената церемонија со која почна новата академска година.
Градоначалникот во своето обраќање пред студентите и академската заедница кажа дека за студентите започнува еден нов многу важен период на стекнување на знаења и вештини, важни за секој од нив поединечно, но и за општеството во целина.
„Низ годините со образованието и вештините, но и предизвиците со кои ќе се стекнувате ќе ја градите вашата академска кариера, но и пријателствата со вашите нови колеги и студенти и професори, кои ќе бидат многу значајна алка во вашето понатамошно делување како млади луѓе, носители на промени, иноватори, визионери, лидери.
Амфитеатрите, кабинетите, лабораториите ќе бидат места каде секојдневно ќе стекнувате нови знаење. Нема ништо поважно за младите кога влегуваат во светот на високото образование, односно науката, а вашите ментори ќе ве водат по нејзиниот пат“ истакна градоначалникот на Битола.
Тој ја истакна и соработката која ја има Општина Битола и универзитетот „Св. Климент Охридски“, особено во делот на реализацијата на летната универзитетска пракса.
Денеска беше отворено студентското катче на овој факултет, кое беше опремено со волонтерска акција на МКЦ Битола во партнерство ФИКТ, поддржано од локалниот Совет за волонтерство на Општина Битола.
Градоначалникот денеска беше и на првиот академски час на Правниот факултет, каде имаше поздравно обраќање пред студентите заедно со деканката проф. д-р Светлана Вељановска и ректорот проф. д-р Игор Неделковски.
На студентите им посакувам успешна академска година, стекнување многу знаење и натпревар во знаење.
„Општина Битола и универзитетот „Св. Климент Охридски“ имаат одлична соработка, а сигурен сум дека бевме пионери и пример за други општини со воведувањето на универзитетската летна пракса за студенти во Општината, во Советот, во јавните претпријатија. Изминатото лето бевме домаќини на околу 40-тина студенти кои практично го надоградуваа она што го учеа низ семестрите, секој на својот факултет и струка.
Очекувам и се надевам дека дел од вас во годините пред вас ќе ја искористат таа можност, да бидат дел од нашата администрација како практиканти, а по дипломирањето можеби и наши колеги“ рече градоначалникот Коњановски на свеченоста по повод првиот академски час на Правниот факултет во Битола.


