Србија ќе има можност за поправен испит по неочекуваниот пораз од Грција на стартот од Лигата на нации. Северните соседи имаа предност до самата завршница, но Грците направија пресврт и славеа со 1-2.
Новиот предизвик за Србија следува веќе в недела, кога противник ќе биде Холандија, а селекторот Вељко Пауновиќ пред натпреварот откри и проблем во составот.
На последниот тренинг повреда заработи Лучиќ, кој го свртел зглобот. Неговата состојба дополнително ќе биде проценета.
„Имавме еден пех на тренингот, Лучиќ го сврте зглобот. Ќе видиме каква е неговата ситуација“, изјави Пауновиќ.
Селекторот на Србија повторно се осврна и на поразот од Грција, истакнувајќи дека неговиот тим имал доволно шанси натпреварот да го реши во своја корист.
„Можеше да заврши во нивниот шеснаесетник наместо во нашиот. Тоа е фудбалот и мораме да бидеме објективни. Доколку тоа се случеше, ние ќе бевме тие што ќе славеа“, порача Пауновиќ.
Тој е свесен дека репрезентацијата е во процес на создавање и дека на тој пат ќе има и непријатни моменти.
„Мораме да бидеме свесни дека ова е процес низ кој треба да поминеме. Ќе има и непријатни ситуации, но мораме да ги надминеме“, додаде селекторот.
Една од темите на прес-конференцијата беше и Лука Јовиќ. Напаѓачот против Грција имаше голема шанса, но не успеа да ја затресе мрежата. Пауновиќ застана во негова одбрана и побара трпение.
„Прво што му кажав беше да го заборави тој момент. Лука несомнено е мајстор. Мораме да имаме трпение со напаѓачите, па и со него“, рече Пауновиќ.
Селекторот потсети и на квалитетите на Јовиќ, кого го познава уште од младинските категории.
„Го познавам уште од Црвена ѕвезда и од репрезентацијата до 17 години. Се сеќавам на натпреварот против Германија на Европското првенство, кога беше 2-2. Знаејќи го него, неговиот репертоар и колку е ефикасен, верувам во неговите квалитети“, додаде тој.
Пауновиќ говореше и за Срѓан Бабиќ, кој не настапи против Грција. Според селекторот, дефанзивецот имал проблеми со повреди, но повторно е во конкуренција.
„Срѓан е фантастичен човек. Имаше малер со повредата, која беше посериозна. Ме израдува неговото враќање, потоа имаше и една контузија, но повторно се врати“, објасни Пауновиќ.
На крајот, селекторот испрати јасна порака до репрезентативците за нивниот статус во клубовите. Според него, местото во националниот тим се заслужува со добри настапи и минутажа на клупско ниво.
„Важно е да сфатиме дека во репрезентацијата имаме ограничено време. Повикот во националниот тим се заработува во клубот, каде што работите природно се одвиваат“, порача селекторот.
„Ако не играш во својот тим, мораш да ја разбереш пораката. Ако не си играл поради повреда, суспензија или некоја друга околност, тогаш мора да си кажеш: ‘Треба да го подигнам нивото’. Мора да покажеш глад, желба и самодоверба. Така функционираат работите“, заклучи Пауновиќ.
Извор: sportmanija.mk


