Манчестер сити би можел да остане без дел од шампионските титули освоени во ерата во која клубот се соочува со сериозни обвинувања за прекршување на финансиските правила во Премиер лигата.
Сè уште нема конечна одлука дали санкциите навистина би биле толку драстични што на Граѓаните би им биле одземени освоените трофеи, но англиските медиуми веќе прават различни сценарија за можниот епилог.
Покрај одземање на титулите, Манчестер сити би можел да се соочи и со одземање бодови, па дури и со испаѓање во понизок ранг.
Доколку навистина дојде до ретроактивно одземање на титулите, би се променила и листата на шампиони во Премиер лигата.
Почнувајќи од сезоната 2011/12, кога Сити ја освои титулата, па сè до сезоната 2023/24, последната во која клубот беше шампион, во неколку сезони трофејот би им припаднал на други клубови.
Така, титулата од 2011/12 би му припаднала на Манчестер јунајтед, додека во 2013/14 шампион би бил Ливерпул, што значи дека Стивен Џерард би се запишал како освојувач на титулата во Премиер лигата.
Манчестер јунајтед би ја добил и титулата од сезоната 2017/18, додека следната би завршила во витрините на Ливерпул.
Црвените ѓаволи би стигнале и до шампионскиот трофеј во 2020/21, а Ливерпул би бил прогласен за шампион во 2021/22. Последните две титули од овој период би му припаднале на Арсенал.
Токму на оваа тема, уште во 2024 година, Јирген Клоп имаше интересна изјава кога беше запрашан за можноста Ливерпул да добие дополнителни две шампионски титули.
„Ако биде организирана парада со автобус, јас сум таму! Вие организирајте автобус, јас ќе донесам пиво. Не е важно колку долго ќе треба да чекаме“, изјави тогаш Клоп.
Сепак, ваквото сценарио засега останува само хипотетичко, бидејќи конечната одлука за евентуалните санкции против Манчестер сити сѐ уште не е донесена.
Извор: sportmanija.mk


