Американскиот претседател Доналд Трамп му подари на кинескиот претседател Си Џинпинг скулптура на белоглав орел – птица карактеристична за Северна Америка и национален симбол на САД – за време на раскошната државна вечера во Вашингтон, објави „Би-би-си“.
Подарокот, кој беше откриен пред почесните гости на вечерата вчера, го отелотворува „слободниот и возвишен дух на Америка“, изјави Трамп.
Тој рече дека во дизајнирањето на статуата учествувале и тој и првата дама Меланија Трамп. Статуата е дел од важен, но понекогаш и чувствителен аспект на меѓународната дипломатија – размената на подароци.
„Би-би-си“ пишува дека таквите подароци се мал, но значаен елемент од пошироката цел на тридневниот самит меѓу Си и Трамп – градење лични односи меѓу лидерите на две глобални суперсили.
„Тие ќе разговараат за сите овие сложени прашања. Но, на крајот на краиштата, сепак станува збор за две човечки суштества. Затоа, личниот однос меѓу нив има значење. Мислам дека размената на подароци е клучен дел од тоа“, вели партнерот во консултантската компанија „Азија груп“, Даниел Критенбринк.
Критенбринк, кој повеќе од 30 години работел како американски дипломат, главно во Азија, вели дека личните односи се особено важни за Си.
Тој смета дека директната врска меѓу Трамп и Си е лепилото што го одржува „најсложениот и најзначајниот однос во светот“.
Според него, и Трамп ја цени онаа форма на дипломатија што Критенбринк ја нарекува „дипломатија на лидерско ниво“.
Подароците имаат посебно место во претседателствувањето на Трамп.
Што добил Трамп досега?
Американскиот претседател досега добил луксузен голем авион, златна плочка со гравура, златен прстен украсен со дијаманти и други скапоцени камења и многу други подароци.
Оле Јакоб Сендинг од Норвешкиот институт за меѓународни односи вели:
„Ако на тој начин размислувате за претседателствувањето на Трамп, сметам дека подарувањето, секако во поширока смисла, е важен дел од начинот на кој тој функционира“.
Кина ќе подари две панди
Си вчераутро најави дека две кинески панди ќе ѝ бидат подарени на зоолошката градина во Атланта, како и нова програма за размена на студенти, преку која во следните пет години 100.000 американски студенти ќе добијат можност да студираат во Кина.
„Џиновските панди беа амбасадори на пријателството меѓу Кинезите и Американците. За неколку дена, двете панди – Пинг Пинг и Фу Шуанг – ќе пристигнат во својот нов дом во зоолошката градина во Атланта и ќе се сретнат со американскиот народ“, рече Си.
Подароците внимателно се одбираат
Во контекст на подарување или примање луксузни подароци, во САД претседателот може да задржи подарок од странска влада вреден најмногу 525 долари. Поскапите подароци стануваат федерална сопственост, освен ако претседателот не ги откупи со лични средства.
За подароци што ги дава американскиот претседател над одредена вредност, пак, може да биде потребна согласност од Конгресот.
Изборот и размената на подароците внимателно се планираат со недели, бидејќи погрешниот избор може да предизвика дипломатска непријатност. Во 2013 година Барак Обама му подарил на Си Џинпинг клупа од калифорниско црвено дрво. Помалку успешна била размената со Гордон Браун во 2009 година: британскиот премиер му дал држач за пенкала изработен од историски брод, а Обама му возвратил со ДВД-дискови што не биле приспособени за британските плеери.
Подарокот од Трамп доаѓа во особено чувствителен момент. Неговата трета средба со Си во вториот мандат се одржува во услови на жестока технолошка конкуренција, стравувања поврзани со вештачката интелигенција и на привремено примирје во американско-кинеската трговска војна. Во таа атмосфера, протоколот, свеченоста и подароците служат за градење лична доверба и за одржување стабилни односи меѓу двете суперсили.
Извор: vecer.mk


