Вардар вечерва го пречекува тимот на Шкендија Арачиново во натпревар од осмото коло во Првата македонска фудбалска лига. Дуелот ќе се одигра на стадионот во комплексот на ФФМ со почеток од 20 часот и ќе биде прва меѓусебна пресметка на овие две екипи во елитното друштво.
Актуелниот шампион не влегува во најдобро расположение во овој меч. Вардар сезонава не игра според очекувањата, а во минатото коло пропушти победа против Башкими, одигрувајќи 3-3 на гостински терен. Според квотите, сепак, Вардар е голем фаворит.

Црвено-црните сега ќе бараат враќање на победничкиот колосек, но пред себе ќе имаат исклучително незгоден противник. Шкендија Арачиново е едно од најпријатните изненадувања на почетокот од сезоната и моментално се наоѓа на четвртото место на табелата, со два бода повеќе од Вардар.
„Вардар е актуелен шампион и секогаш размислуваме само за победа. Така е и пред вечерашниот натпревар против Шкендија Арачиново. Тие се во одличен ритам и нанижаа неколку победи, што за нас е дополнителен мотив да бидеме максимално подготвени и сериозно да му пристапиме на овој дуел.
Подготвени сме за надигрување и ги посакуваме трите бода“, изјави фудбалерот на Вардар, Михаил Маневски.
Од друга страна, гостите во Скопје пристигнуваат со огромна самодоверба. Шкендија Арачиново е во серија од четири победи во сите натпреварувања.
По поразот на домашен терен од Арсими со 0-2, арачиновци триумфираа на гостувањата кај Башкими (2-1) и Брегалница (1-0), а во Купот на Македонија славеа против Детонит Плачковица со 3-1. Во последното првенствено коло, пак, на домашен терен го совладаа Скопје со 1-0.
Капитенот Бесир Демири најавува дека гостите нема да се задоволат само со добар настап.
„Ова е натпревар како и секој друг и носи три бода. Во одлична форма сме, со четири победи по ред во Првата лига и Купот.
Го почитуваме противникот до почетокот на натпреварот, но на теренот влегуваме без никаков респект. Одиме исклучиво на победа, со цел да ја продолжиме позитивната серија и да ги израдуваме нашите верни навивачи“, порача Демири.
Извор: sportmanija.mk

