Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент ќе ја претстави најрадикалната промена на европската безбедносна архитектура и соработката во рамките на западното сојузништво предводено од НАТО, покажува ексклузивниот увид во нацртот на нејзиниот годишен говор за состојбата на Унијата што го објави „Еурактив“.
Според овој амбициозен план, лидерите на земјите членки на ЕУ, заедно со сојузниците како Украина, Велика Британија, Норвешка, Канада и други партнери, треба редовно да се состануваат во нов формат за заеднички да реагираат на сè поопасните геополитички закани.
– Тоа е сега уште похитно со оглед на природата и размерите на ризиците со кои сме соочени. Поради тоа ќе ги претставиме своите идеи за тоа како Европскиот совет за сигурност да го претвориме во реалност, се наведува во нацртот на говорот.
Безбедносен протокол по моделот на НАТО
Фон дер Лајен најавува креирање на нов европски „безбедносен протокол“, дизајниран по примерот на членот 4 од Северноатлантскиот договор. Со овој механизам, секоја поединечна членка на ЕУ ќе може да повика итни консултации со сите останати земји доколку процени дека нејзиниот територијален интегритет, политичка независност или сигурност се загрозени.
– Ја зајакнуваме нашата соработка со НАТО. Но, нашата доктрина, институции и начин на носење одлуки не го држаа чекорот со новата реалност, е пораката што се очекува од првата жена на Комисијата. Аналитичарите веќе предупредуваат дека ова ново тело би можело да прерасне во потенцијален пандан или дури конкурент на НАТО, што отвара прашања за тоа како на идејата ќе гледаат генералниот секретар Марк Руте и американскиот претседател Доналд Турмп.
Канада како клучн стратешки партнер
Во присуство на канадскиот премиер Марк Карни, Фон дер Лајен ќе ја позиционира Канада како еден од најважните европски партнери, предлагајќи формирање на „Сојуз за иднината“ за продлабочување на врските, иако формалното членство во ЕУ останува правно невозможно поради географската положба. Посебен фокус ќе биде ставен и на соработката во безбедноста на вештачката интелигенција.
Технолошки гиганти на удар и заштита на децата
Покрај безбедноста, говорот се фокусира на три клучни столба: климатските промени, вештачката интелигенција и индустриската конкурентност. Во четврток официјално ќе биде претставен новиот Kids Act, со кој се ограничува пристапот до одредени интернет услуги за деца помлади од 15 години.
– Свесна сум дека многумина моќта на големите технолошки компании ја доживуваат како голема. Европа има моќ да делува. Ние ги одредуваме своите правила, а не големите технолошки компании, порачува Фон дер Лајен.
Одговор на мигрантски кризи и топлотни бранови
Како одговор на неодамнешните кризи, Брисел го воведува и „Европскиот рамковен систем за вонредни состојби“. Овој механизам ќе овозможи строго дефинирана и временски ограничена флексибилност на стандардните процедури за државите чии граници се соочуваат со масовни миграциски бранови намерно предизвикани и користени како политичко или безбедносно оружје. Дополнително, Комисијата најавува и сеопфатен план на ниво на ЕУ за справување со екстремните топлотни бранови и подготовка на здравствените системи.
Извор: vecer.mk

