Министерството за внатрешни работи ги демантира наводите дека 700 државјанки на Филипините, кои се наоѓаат во Австралија, добиле македонско државјанство и македонски пасоши.
„Станува збор за целосно неточни и непроверени информации. Министерството за внатрешни работи не располага со податоци за таков случај, ниту е спроведена постапка со која на 700 филипински државјанки од Австралија им е доделено македонско државјанство и им се издадени македонски пасоши. Апелираме до медиумите и јавноста да не шират непроверени информации и фактите да ги проверуваат со надлежните институции.
Министерството за внатрешни работи останува целосно посветено на законито, транспарентно и одговорно спроведување на постапките за стекнување државјанство и издавање патни исправи“, велат од МВР.
Извор: zurnal.mk


