Винко Србљак бил млад студент кога разорниот земјотрес го затекнал во домот „Кузман Јосифовски – Питу“, каде што за влакно ја избегнал смртта. Тој се присетува на миговите на страв, на спасувањето на француските студенти и на деновите кога сите заедно помагале во обновата на разурнатото Скопје. По шест децении, неговото сведоштво останува приказна за човечноста, солидарноста и за времето кога луѓето си подаваа рака, без разлика на верата и нацијата.
Осумдесет и тригодишниот Винко Србљак и денес, по цели 63 години, живо ги носи сликите од она страшно јулско утро кога Скопје се разбуди под урнатини. На 26 јули 1963 година, наместо обичен летен ден, градот го доживеа еден од најтешките моменти во својата историја.
Србљак тогаш бил млад човек, студент, кој сосема случајно се нашол во срцето на трагедијата. Наместо да замине во Косовска Митровица по завршувањето на испитите, останал во Скопје да помогне.
– По завршениот јунски испитен рок, требаше да бидам во Косовска Митровица. Ама останав по избор на надлежните и на партиските државни институции да работам бесплатно, про боно, со уште неколку колеги од разни факултети. Јас бев претставник од Техничкиот факултет во комисијата за прием на студентите во домовите за новата студиска година. Комисијата беше сместена во домот „Кузман Јосифовски –Питу“, на вториот кат. Никој не можеше да претпостави дека баш таму ќе нè најде најголемата несреќа – се присетува Србљак.
Таа вечер, во домот пристигнала и група француски студенти, кои биле дел од студентска размена. Млади луѓе од различни краишта, собрани под ист покрив, не знаеле дека само неколку часа подоцна ќе се борат за живот.
– И тие се сместија на истиот кат. Млади со млади, како што е тоа кај младите – се дружевме, си зборувавме и рано си легнавме. Ама таа ноќ беше кобна. Потресот го почувствував одеднаш. Панде, не му го памтам веќе презимето, беше член на комисијата од општествените факултети и тој прв реагираше. Ме извлече од кревет и така ми го спаси животот. Подоцна видов дека преградниот ѕид од соседната соба паднал токму врз мојот кревет. Да останев уште некоја секунда таму, којзнае што ќе беше – раскажува со тивок глас Србљак.
Ходникот на вториот кат бил претворен во вистински хаос. Темнина, прашина, урнатини и човечки крици – слика која никогаш не се заборава.
– Во ходникот беше мрак. Ништо не се гледаше од прашината и од искршените ѕидови. Само се слушаа писоци. Француските студенти панично трчаа од едниот до другиот крај на ходникот, не знаејќи дека скалите се на средина на зградата. Ги видов како се изгубени, ги викнав, ги повлеков кај мене и заедно слеговме долу. Среќа, сите излеговме живи и неповредени – се сеќава тој.
Дури кога излегле на улица, сфатиле што, всушност, се случило.
– Дури тогаш разбравме дека е земјотрес. До тој момент само се боревме да излеземе. А кога излеговме надвор, тогаш го видовме ужасот. Сè околу нас беше сменето. Стравот дојде после, кога почнавме да гледаме што направила силата на природата. Тогаш сфативме од каква опасност сме се извлекле – вели Србљак.
Домот „Кузман Јосифовски – Питу“, според него, ја издржал силата на потресот благодарение на добрата градба и на архитектонското решение.
– Зградата добро се држеше. Беше направена во форма на подотворена буква Г. Речиси сите катови останаа неоштетени, освен вториот кат каде што се прекршуваше целиот објект. Тоа беше местото каде што удри најголемата сила – додава тој.
Србљак со посебна благодарност зборува за брзата реакција на тогашните институции и за луѓето кои веднаш се ставиле во служба на градот.
– Набргу добивме налози за работа во вонредни услови. Не се мислеше кој си и од каде си, сите гледавме само да помогнеме. Околу 11 часот го видов татко ми како доаѓа со уште еден човек во народна носија. Го препознав оддалеку. Првото што ме праша на српски јазик беше: „Јесу ли сви живи?“ После ме прегрна. Кога му реков дека не сакам да одам со нив во Митровица, ми кажа: „Жив и здрав си, тука треба да останеш и можеш нешто да помогнеш“. И така, останав – раскажува Винко.
Неколку дена спиел на ливадата пред домот, а потоа се приклучил на младинската бригада „Мирче Ацев“, која била повлечена од изградбата на автопатот „Братство Единство“ кај Белград за да помогне во санацијата на последиците.
– Беа тешки денови. Траумите остануваат. Млад си, имаш сила, ама таквите работи човек ги носи цел живот во себе. Не се забораваат ниту урнатините ниту луѓето што тогаш си подадоа рака – вели тој.
Посебно место во неговото сеќавање има непознатиот човек кој патувал со неговиот татко кон Скопје.
– Татко ми возеше стара „опел олимпија“. Патот до Скопје тогаш беше макадамски, се патуваше со часови. Беше човек што секогаш примаше стопери, без пари, таков беше. Кај Вучитрн качил човек што сакал да оди до Приштина. Кога чул што се случило во Скопје и каде оди татко ми, веднаш му рекол: „Вози што побрзо до Скопје, мојата работа може да чека. Одам со тебе“. Така јас ја почувствував прегратката на еден Албанец пред домот, човек што ниту името не му го знам. Паметам само како беше облечен и радоста во неговите очи што сум жив. Тоа беа времиња кога човекот прво го гледаше човекот, а не која нација или вера е – раскажува Србљак.
Тој вели дека долго време сакал оваа приказна да ја објави во весникот „Политика“, но не успеал. Денес сака неговото сведоштво да остане како потсетник дека во најтешките моменти луѓето знаат да бидат најблиски.
– Сакам да се врати тоа време кога соседот беше сосед, кога луѓето си помагаа без прашање кој од каде е. После дојдоа тешки години, црни облаци надвиснаа над нашата татковина. Ама јас верувам дека пак може да има повеќе мир, љубов и разбирање меѓу луѓето – порача Србљак.
Од денешно растојание, тој им оддава признание на сите луѓе од Македонија и од целиот свет кои тогаш помогнаа во обновата на Скопје.
– Не смееме да ја заборавиме таа огромна солидарност. Луѓето од целиот свет дојдоа да му помогнат на Скопје. Тоа е најголемата лекција од таа трагедија – дека човекот кон човек треба да биде човек – вели Винко Србљак.
Извор: zurnal.mk

