Гостиварци пиеле вода од чешма загадена со фекалии 48 пати над дозволените граници, покажале резултатите од земените мостри од Институтот за јавно здравје, кои што вечерва ги сподели Основното јавно обвинителство. Пумпите во Гостивар кои влечеле отпадна вода во централната водоводна мрежа од која пиеле граѓаните биле поставени на 26 јуни 2026 година, а престанаа да работат кога Обвинителството почна истрага, на 16 јули. Сите тие 20 дена, гостиварци пиеле вода со фекалии, се туширале со неа, ја употребувале во домаќинството како техничка вода итн.
По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје изврши анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал при што е констатирано дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето, велат од ОЈО.
Микробиологот професор доктор Никола Пановски за „Слободен печат“ објаснува што значи тоа „колиформни бактерии“ кои во водата се најдени 48 пати над дозволеното.
Името го носат по бактеријата ешерихија коли, а тоа коли е од колон (дебело црево). Тука спаѓаат и протеус, клебсиела итн. Сите овие бактерии во огромен број ги има кај секој човек во цревата и се исфрлаат преку фецесот. Тие се индикатори за фекално загадување на водата. Во водата пред пречистување може да има најмногу 50 клетки на 100мл, а по пречистување не смее да има ниту една клетка на 100 мл ако е градски водовод. Значи, ако има такви бактерии во водата, има мешање на водата со фецес. Тие бактерии не се опасни ако ги испиеме, но се индикатор дека во водата може да има патогени бактерии: салмонела, шигела и др. вируси, на пример хепатитис А, и многу други, па дури и протозои (амеби, ламблии) и јајченца од паразити, вели за „Слободен печат“ доктор Пановски.
Дополнително ОЈО наредило Институтот за јавно здравје да анализира и примерок земен од чешма на Ул. ЈНА во Гостивар каде е констатирано дека во водата имало високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л.
Најверојатно хлорот бил во покачени количини, зашто тие што ги поставиле пумпите, се обиделе да го „покријат“ делото со прочистување на водата со хлорот.
Поради ова, ОЈО Гостивар почна истрага против три лица за кривичното дело „тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење.
Осомничени се Артана Асани, директорка на гостиварски Комуналец, техничкиот раководител на секторот за технички работи Леон Нуредини и раководителот на одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши. Тие се осомничени дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем. Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување, информираше ОЈО.
Нејасно останува како Центарот за јавно здравје Тетово, на 29 јуни издал наод и мислење потпишано од доктор, дека водата е добра.
Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело. Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува да презема истражни дејствија за целосно испитување на настанот. Осомничените се лишени од алобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот.
Извор: zurnal.mk

