Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, информираше дека присуствувал на настанот „Мобилни социјални пунктови“, организиран од Советот за социјална заштита на Општина Битола во соработка со здруженија на граѓани од градот.
Според Коњановски, настанот им овозможил на граѓаните директно да добијат информации од претставници на институциите кои работат во областа на социјалната заштита, за нивните социјални права, достапните услуги и мерки, како и за постапките за нивно остварување.
Тој истакна дека ваквите активности имаат значајна улога во подобрувањето на информираноста на граѓаните и во олеснувањето на пристапот до социјалните услуги.
„Ваквите активности придонесуваат за поголема информираност, достапност на услугите и унапредување на социјалната вклученост во локалната заедница преку директен контакт со граѓаните“, порача Коњановски.
Настанот е дел од напорите за зајакнување на соработката меѓу локалната самоуправа, институциите и граѓанскиот сектор, со цел социјалните услуги да бидат подостапни за сите категории граѓани.

