Општинскиот штаб за заштита и спасување во Прилеп започна со интензивни подготовки за претстојната сезона на пожари, со цел навремена превенција и ефикасно справување со евентуални пожари на отворен простор.
Од Општината информираат дека веќе се одржуваат координациски состаноци на кои се утврдуваат мерките и активностите што ќе се преземаат доколку дојде до појава на пожари на територијата на општината.
Воедно, надлежните упатуваат апел до граѓаните строго да ги почитуваат законските прописи, бидејќи е целосно забрането палењето на стрништа, диви депонии и друг отпад или материјали на отворено. За прекршителите се предвидени високи парични казни, кои, како што посочуваат од Општината, можат да достигнат и неколку илјади евра.
Дополнително, од 1 јули до 31 август стапува во сила и забраната за движење во шумите без посебна дозвола. Секој што има потреба да престојува во шумските подрачја во овој период ќе мора претходно да обезбеди специјална дозвола од подружницата „Црн Бор“ при ЈП „Македонски шуми“.
Од Општинскиот штаб апелираат до граѓаните да бидат совесни и одговорни, бидејќи превенцијата е најдобрата заштита од пожари, особено во летните месеци кога високите температури значително го зголемуваат ризикот од нивно избувнување.


