Во судскиот процес „ПУЛС“, одбраната упати серија приговори на начинот на кој се изведуваат доказите, откако беше потврдено дека тие не се физички присутни во судницата за време на главната расправа.
Судијата пред присутните образложи дека доказниот материјал не се наоѓа во судската сала, ниту е директно достапен за судечкиот совет, судиите и судиите-поротници, туку е сместен во друга зграда, од безбедносни причини.
Ова, според одбраната, ја оневозможува можноста за непосреден увид во доказите што се презентираат, како и проверка на тоа за кој точно материјал станува збор и дали истиот е во оригинална форма.
Адвокатите истакнаа дека со ваквиот начин на изведување на доказите се доведува во прашање правото на целосна проверливост и процесна транспарентност, бидејќи ниту судот, ниту судиите-поротници немаат директна можност да ја утврдат автентичноста на материјалите.
Според нив, обврска во постапката е доказите да бидат физички достапни во судницата за време на нивното презентирање, со цел да се обезбеди еднаков третман на странките и целосен увид во материјалот.
Судијата, пак, наведе дека причината за ваквата организација се безбедносни ризици, односно дека не било соодветно доказите да се чуваат во објектот каде што се одржува судењето.
Одбраната сепак оцени дека ваквото образложение не ја елиминира потребата доказите да бидат достапни за непосредна проверка во текот на расправата.
Во текот на рочиштето биле презентирани скенирани и фотокопирани материјали, што дополнително предизвика реакции поради отсуството на оригиналната документација во судницата.


