19 мај 2026 година, Скопје– Најновото надворешно задолжување ќе се реализира под значително поповолни услови, со пониски каматни стапки и подолга рочност, што претставува индикатор за зголемена доверба на меѓународните финансиски институции кон македонската економија, кажа во интервју за Алфа телевизија министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска.
Како што потенцираше министерката за Законот за задолжување кај странски банки кој што влезе во собраниска процедура, Министерството за финансии испрати барање до 14 банки од кои понуда пристигна од осум. А каматните услови кои се добиени за кредитот се многу подобри споредено со земјите од регинот што значи дека Министерството за финансии обезбедило конкурентно финансирање.
“Согласно буџетот којшто беше донесен за 2026 година, јасно беше наведено дека имаме план за задолжување од 1 милијарда и 300 милиони евра на странски пазар, од кои 1 милијарда евра издавање на еврообврзница, што и го направивме на почетокот на годината, а останатите до 300 милиони евра дополнително исто така на надворешен пазар. Во тој процес добивме понуди од осум различни банки и најповолната понуда е со каматна стапка пониска од онаа која моментално ја има обврзницата што се тргува на секундарниот пазар.“ кажа Димитриеска Кочоска и потенцираше дека споредено со регионот Македонија обезбедува пониски трошоци на задолжување и подолг рок на отплата, што ја позиционира државата во поповолна финансиска позиција.
„Црна Гора на петгодишниот кредит има каматна стапка од еурибор плус 2,5 проценти, ние за седумгодишен кредит добивме еурибор плус 2,1 процентен поен. Романија во периодот кога ние издававме еврообврзница имаше каматна стапка која беше повисока од нашата, никаде над 5 проценти беше нивната каматна стапка“ кажа министерката и додаде дека ваквите резултати се доказ за подобрено управување со јавните финансии и за зголемена доверба кај меѓународните кредитори.
“Морам да кажам дека банките коишто учествуваа во финансирањето, станува збор за европски банки, банки од Обединетото кралство коишто се исто така реномирани банки јасно ја покажува дека довербата на странските финансиски институции, но и на меѓународните кредитори, во Македонија е голема„ кажа министерката.
Во однос на фискалната рамка, министерката нагласи дека во Буџетот за 2025 година се предвидени средства за редовно сервисирање на јавниот долг, со што се обезбедува стабилност, предвидливост и навремено исполнување на обврските, а состојбата со јавните финансии мора да се гледа низ реални бројки, споредби и контекст на управување со обврските.
“Македонија и понатаму е под нивото од 60% јавен долг во однос на БДП, што е значително подобра позиција во споредба со дел од земјите во регионот и земји членки на Европската унија. Романија има јавен долг од околу 63% од БДП, Унгарија околу 75%, Полска околу 70%, а Словенија околу 65%“ кажа министерката и потенцираше дека ваквите податоци покажуваат дека земјата сè уште одржува умерено ниво на задолженост и внимателен пристап во управувањето со јавните финансии.
Во однос на структурата на задолжувањето, министерката појасни дека значителен дел од новите средства се користат за сервисирање на постојни обврски и доспеани долгови, што претставува редовна практика за секоја држава која мора да обезбеди финансиска стабилност и континуитет во отплатата.
“Она што е важно е дека Владата води политика позајмените средства да не се користат за непродуктивни трошоци, туку пред сè да се насочуваат кон капитални инвестиции, инфраструктура и проекти што носат економски раст и долгорочен развој“ кажа министерката.
Паралелно со овие процеси, како што кажа Димитриеска -Кочоска во Министерството за финансии во тек е и подготовката на ребаланс на Буџетот.
„Во рамки на подготовката на ребалансот на Буџетот имаме интензивни разговори со сите министерства, при што се прават анализи каде има простор за заштеди, каде се останува во рамките на лимитите и каде има потреба од дополнителни средства за реализација на проекти и политики. Наша обврска е да ја задржиме фискалната стабилност и рационално да управуваме со јавните средства.“ кажа министерката
Извор: zurnal.mk

