Веруваме дека се наоѓаме во критичен момент. Сметаме дека Косово и Србија треба итно да се вклучат во дијалогот предводен од Европската Унија, која работи на сеопфатен договор за нормализација на односите фокусиран на взаемно признавање, рече Шоле на прес-конференција по средбите со државниот врв на Косово.
Советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле денеска во разговор со новинарите за време на посетата на Приштина рече дека Косово мора да ги исполни сите обврски од дијалогот со Белград , вклучително и формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
На прес-конференцијата, како што јавува „Косово онлајн“, присуствувале и американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер.
„Веруваме дека се наоѓаме во критичен момент. Сметаме дека Косово и Србија треба итно да се вклучат во дијалогот предводен од Европската Унија, која работи на сеопфатен договор за нормализација на односите фокусиран на взаемно признавање“,
рече Шоле.
Тој додаде дека прашањето на Заедницата е итно прашање кое доби уште поголемо значење по неодамнешните настани на северот на Косово.
„Очекуваме Владата на Косово да стави некои предлози на маса“,
истакна совеникот на Стејт департментот на САД.
Шоле подвлече дека САД не поддржуваат унија што би наликувала на ентитетот на Босна и Херцеговина – Република Српска.
„Не бараме Косово да поддржи каков било договор што не е во согласност со уставот и одлуката на уставниот суд од 2015 година“,
рече тој.
Имено, во рамките на дијалогот што се води со посредство на ЕУ беше договорено формирање на Заедница на српски општини, но уставниот суд на Косово утврди дека некои точки од договорот не се во согласност со косовските закони, но дека тие можат да се усогласат.
Шоле рече и дека дијалогот на високо политичко ниво треба да се одржи што е можно поскоро, но не прецизираше датум за одржување на состанокот.
Дијалогот на политичко ниво го водат премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Високиот советник на американскиот Стејт департмент изјави дека на средбата косовските власти му ја пренеле „силната желба на владата на Косово да се вклучи во дијалогот“ и додаде дека САД ќе направат се што е во нивна можност за да помогнат во олеснувањето на преговорите за нормализација. Тој не сакаше да зборува за рокови во кој може да се постигне конечен договор меѓу Косово и Србија.
Во разговор со новинарите во Приштина, Шоле рече дека САД имаат силни односи со Косово и дека визијата на САД е мултикултурно, независно, суверено, безбедно и демократско Косово.
Визијата за Косово, додаде тој, е целосна интеграција во евроатлантските структури и стекнување на статус на полноправна членка на меѓународните организации.
Шоле претходно за време на посетата на Косово се сретна со високи косовски претставници, а меѓу главните теми беше процесот на дијалог со Србија и европскиот план за нормализирање на односите.
Освен со косовската претседателка, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, Шоле разговараше и со претставници на Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.
Високиот американски функционер утре заминува за Белград, каде ќе разговара и со српските државен врв.
Косовската претседателка Вјоса Османи денеска изјави дека конечниот договор со Србија, кој ќе подразбира взаемно признавање, има за цел да го подобри животот на граѓаните и да постигне одржлив и долгорочен мир во регионот.
Во соопштението од претседателството на Косово, објавено по средбата меѓу Османи и високиот советник на американскиот Стејт департмент се нагласува дека ангажманот на САД е клучен во дијалогот.
„Косово е подготвено да продолжи да биде конструктивна страна, да се координира со САД, да дава предлози кои придонесуваат за постигнување таков договор“,
се наведува во соопштението за средбата.
Се наведува дека се разговарало и за последните случувања на Косово и во земјите од регионот, а биле истакнати и блиските односи меѓу Србија и Русија.
„Османи посочи дека Србија, со поддршка на Русија, продолжува да го дестабилизира и да го загрозува мирот во регионот“,
се посочува во соопштението.
На средбата меѓу Османи и Шоле , како што се наведува, биле потврдени одличните односи меѓу Косово и САД.
Шоле претходно разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти.
Владата на Косово соопшти дека косовскиот премиер со високиот американски функционер разговарал за односите меѓу Приштина и Белград, како и за дијалогот меѓу двете страни за нормализација на односите.
Курти напомена дека Соединетите Американски Држави се „незаменлив партнер и сојузник на Република Косово“, а целта е уште повеќе да се зајакне партнерството со САД.
Пред да замине за Косово, советникот на американскиот Стејт департмент престојуваше во Скопје, во рамките на балканската турнеја, каде имаше средба со премиерот, Димитар Ковачевски.
Од владината прес-служба по средбата соопштија дека на неа било констатирано дека стратегиското партнерство на Северна Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните.
Од амбасадата на САД во Скопје соопштија дека за време на посетата на земјава и средбата со претставниците на Владата, советникот на Стејт департментот истакнал дека патот напред за Северна Македонија, како и оној на остатокот од Европа, бара напорна работа и жртва, а Соединетите Држави се партнер во справувањето со тие предизвици.
Извор: 360stepeni.mk