Дел од улицата „Никола Карев“ во Пробиштип се реконструира за да се обезбедат подобри услови за одвивање на сообраќајот, информира градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.
Проектот предвидува целосно отстранување на стариот асфалт, поставување нова подлога и два слоја асфалт, како и изградба на потпорни ѕидови и нови тротоари.
Според најавата на Тоневски, доколку временските услови дозволат, новиот асфалт ќе биде поставен веќе следната недела. Паралелно со овие активности, предвидено е да се заврши и асфалтирањето на дел од улицата „Јаким Стојковски“.
„Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на патната инфраструктура, зголемување на безбедноста во сообраќајот и создавање поквалитетни услови за живот на сите наши сограѓани“, порача Тоневски.


