На аеродромот во Нук, Гренланд слета воен транспортен авион на кралската војска на Данска. Со авионот пристигнаа и неколку војници. Каква опрема носат засега не е познато, иако пораките се дека ова е извидничка мисија, која уште ја нарекуваат воена вежба.
Во заливот во Нук, забележан е и воен брод на данската војска.
Данска потврди дека испраќа дополнителен воен персонал во Гренланд. Во текот на вчерашниот ден, неколку европски партнери — вклучувајќи ги Франција, Германија, Обединетото Кралство, Норвешка, Шведска и Холандија —започнаа со испраќање симболичен број војници или ветија дека тоа ќе го сторат во наредните денови.
„Франција одлучи да се приклучи на вежбата што беше планирана и започната од Данска на суверен и независен начин, во рамки на „Arctic Endurance“. Почетен тим на француски воен персонал веќе е на терен и во наредните денови ќе биде засилен со копнени, воздушни и поморски ресурси. Им се заблагодарувам на началниците на Генералштабот на вооружените сили за брзата организација во координација со данските партнери и за одговорот на многу конкретните барања што беа упатени. Ова е улогата што Франција мора да ја игра: да биде подготвена и да се прилагоди по проценка на заканата, и да застане покрај суверена држава за да ја заштити нејзината територија“, изјави Макрон.

Движењата на трупите има за цел да ја прикажат обединетоста меѓу Европејците и да испратат порака до претседателот на САД, Доналд Трамп дека американско преземање на Гренланд не е неопходно, бидејќи НАТО, како целина, може да ја заштити безбедноста на арктичкиот регион во услови на растечки руски и кинески интерес. Но, според Белата куќа, ова нема да го промени ставот на Доналд Трамп.
Новинар: Ви благодарам, Каролин. Уште едно прашање за Гренланд. Се известува дека Европа испратила трупи таму. Дали тоа на кој било начин го менува она што го прави претседателот во врска со ова?
Каролин: Па, во врска со вашето прво прашање за Гренланд, не мислам дека присуството на европски трупи влијае врз процесот на донесување одлуки на претседателот, ниту пак влијае врз неговата цел за стекнување на Гренланд.
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцефелд, заедно со министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен имаа средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Белата куќа, но не успеале да им го сменат мислењето и намерата.
Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го заземаат островот, напомнувајќи дека очекуваат почитување на нивниот територијален интегритет. Островот беше данска колонија до 1953 година и остана дел од кралството, но во 2009 година доби автономија, што му овозможи самостојно да управува и да ја одредува сопствената внатрешна политика.
Извор: tv21


