„Подготвена
сум да одам. Не сакам да задоцнам“, ѝ рекла Елизабет Тејлор на медицинската
сестра на смртната постела, само неколку минути пред да ги затвори очите и да
почине. Тоа било на 23 март 2011 година. Имала 81 година, зад себе богат живот,
а она што таа го преживеала, некои од нас не би го доживеале ни за сто животи.
Којa беше
Елизабет Тејлор?
Ја обожаваа
ширум светот и ја сметаа за една од најубавите жени на планетата поради
нејзините заводливи облини и мачкести очи на чиј поглед тешко се одолеваше. И
четиринаесет години по нејзината смрт, животот на една од најголемите
холивудски диви на сите времиња, полн со професионални и приватни подеми и
падови, не престанува да ја фасцинира јавноста.
Во
биографската книга „Elizabeth Taylor: The Grit & Glamour of an Icon“
од авторката Кејт Андерсен Брауер, посебно внимание е посветено на нејзиниот
најнесреќен, седми брак со американскиот сенатор Џон Ворнер.
Заедно биле
шест години, од 1976 до 1982 година, а холивудската дива од тој брак едвај
излегла жива.
За тој
најбурен период од животот на својата мајка зборувал и нејзиниот син Кристофер
Вајлдинг, од нејзиниот втор брак со колегата Мајкл Вајлдинг, кој сведочел за сè
што таа поминувала.
„Ќе влезев
во нејзината соба, а мама седеше на работ од креветот во долна облека и во
прилично растроена состојба. Голташе лекови за смирување и против болки заедно
со апчиња за спиење, а од лекарите бараше и да ѝ препишат инјекции демерол, тогаш најмоќниот синтетички
опиоид“, раскажува Кристофер Вајлдинг.
Треперејќи,
го замолила синот да ѝ ја даде инјекцијата, а кога тој одбил, таа го погледнала
разочарано, длабоко вдишала и сама си го вбризгала аналгетикот.
Освен од
апчиња, Елизабет Тејлор била зависна и од алкохол, на кој се навлекла за време
на двата диви брака со најважниот маж во нејзиниот живот – Ричард Бартон.
„По Ричард
Бартон, животот во Вашингтон со Џон Ворнер за неа беше олицетворение на досада
и осаменост. Се чувствуваше како затвореничка во златен кафез, тој живот
едноставно не беше за неа и затоа се разведоа, а мама се врати во Лос Анџелес.
И продолжи по старо“, изјавил нејзиниот син.
Во тоа
време, Елизабет Тејлор земала толку многу различни апчиња и лекови што лекарите
кои ги виделе нејзините медицински извештаи во најкритичните периоди не можеле
да поверуваат дека – е жива.
Кога сфатила
дека работата станала сериозна, на крајот на 1983 година Елизабет Тејлор се
пријавила во клиниката „Бети Форд“ за лекување од зависност. Тоа ѝ помогнало
само привремено, но до крајот на својот живот во 2011 година продолжила да се
бори со своите демони.
Животот
со Ричард Бартон
Никој немал
потоксична врска од Ричард Бартон и Елизабет Тејлор, а сè започнало со
скандалозна неверa за време на снимањето на „Клеопатра“ во 1961 година.
Самиот
Бартон открил дека бил маѓепсан од моментот кога ја видел гола во сцената во
која Клеопатра се капе во када. Нивниот прв бакнеж пред камерите бил повторуван
повеќепати, а тие едноставно не престанувале – дури ни кога режисерот рекол
дека е доста.
Тејлор и
Бартон се запознале и меѓу нив веднаш искриле варници. Наскоро започнале
љубовна врска, потоа се венчале, се развеле, повторно се венчале и повторно се
разделиле во наредните 14 години. Заедно снимија 11 филмови, но нивните искри
надвор од екранот направија за нив да се зборува низ целиот Холивуд.
За време на
снимањето на филмот „Клеопатра“ во Рим во 1961 година, Елизабет ја
привлекол Бартон, груб велшки актер кој го толкувал ликот на Марко Антониј и
чија страст кон животот и љубовта била еднаква на нејзината.
Тогаш
избувнал голем скандал, бидејќи таа била мажена за својот четврти сопруг, Еди
Фишер (кој поради неа ја оставил Деби Рејнолдс), а тој бил во брак со својата
прва сопруга, Сибил Вилијамс.
– Тие беа
најпознатите луѓе на светот. И хемијата меѓу нив беше вистинска – изјавил
нивниот пријател, британскиот новинар сер Дејвид Фрост, за Vanity Fair
во 2003 година.
По нивната
страсна врска во 1962 година, Бартон и Тејлор првпат се венчале две години
подоцна, во Монтреал, откако се развеле од своите сопружници. Тој брак траел 10
години и бил исполнет со пијанства, скапи драгоцености и огромна љубов.
– Имав
несекојдневна среќа во текот на целиот свој живот, но најголемата среќа од сите
беше Елизабет. Таа ме направи морален човек, но не и скитник… може да ги
поднесе сите мои мани и моето пијанство, ја боли стомакот кога сум далеку од
неа, таа ме сака! Ќе ја сакам додека не умрам – напишал Бартон.
Но, колку и
да биле страсно вљубени, тие често се судрувале, што на крајот довело до
нивниот прв развод во 1974 година. Распадот на бракот толку длабоко влијаел врз
Бартон што престанал да ги води своите дневници.
Не биле
долго разделени – повторно се венчале во Боцвана во 1975 година. Иако тој брак
траел само девет месеци, нивното повторно соединување го натерало Бартон
повторно да земе пенкало и да ја изрази својата целосна љубов кон актерката.
– Ако сме се
карале, тоа новинарите го преувеличувале. Немало ништо слично на она што
навистина се случувало. Жал ми е што ги разочарав луѓето – изјавила Тејлор за People
во 2006 година.
Легендарните
бракови на Бартон и Тејлор останале во сенка на нивните експлозивни
раскинувања. Приказните за кавгите доминирале во печатот за време на нивните
бракови и разделби.
– Поголемиот
дел од времето беше прекрасно да се биде во нивно друштво – рекол братот на
Бартон, Греам Џенкинс. Но кога се карале, „тој го користел своето одлично
познавање на англискиот јазик за да испорача најразорни навреди“.
Тие првпат
се разделиле во 1974 година, по 10 години брак и по тоа што Бартон ги посвоил
нивните две деца, Марија и Лиза.
– Не можете
да си играте со стапови динамит, а да не очекувате дека ќе експлодираат – им
рекол Бартон на новинарите откако објавил дека првпат се разделуваат.
Нивниот втор
брак во 1975 година бил осуден на пропаст поради нивната континуирана борба со
алкохолот.
Бракот со
убавата Сузи траел само шест години, а таа уште од првиот ден била свесна дека
Елизабет секогаш ќе биде дел од нивниот живот. Во подоцнежните години, најмногу
поради децата, Елизабет и Бартон често се среќавале, оделе на вечери и заедно
работеле на нови проекти. Многумина се надеваа дека ќе се помират и по трет
пат, но тоа никогаш не се случило.
Во
меѓувреме, тој се оженил со нејзината асистентка Сели Хеј, со години бил
трезен, а потоа на 4 август 1984 година му се слошило. Се пожалил на главоболка
и зел аспирин. Кога се разбудил наутро, тешко дишел и итно бил префрлен во
болница. Лекарите вложиле сè за да го спасат, но починал на операциската маса,
на 58-годишна возраст, од тешко мозочно крварење.
Сепак,
Тејлор никогаш не престанала да го сака. Најдоброто време во нејзиниот живот,
како што им рекла на медиумите, „беше кога Ричард и јас бевме во брак, а децата
беа бебиња и живеевме како циганско племе“.
Извор: vecer.mk

