Кога ги читате и слушате сите локални магистерчиња и докторчиња, професорчиња и аналитичарчиња, новинарчиња и шефици на кабинети…, сите трагачи по „вистини“ и откривачи на „ѕверовите“ во нас и наоколу – а особено во редовите на владејачкава коалиција! – полека ви станува појасно зошто ние никако не можеме да излеземе од оваа провинциска дупка. Кога пак на тоа ќе го додадете распаметениот лидерско-опозициски говор на омраза против мигрантите, излезен како од времето на најцрното робовладетелство и споредлив единствено со оние закукулени ККК (Ku Klux Klan), ве јаде срам „ни криви ни должни“, веќе не знаете на кој господ да се помолите ум да им даде или да ги замолчи, за навек. И повторно, и повторно, ви станува јасно дека оваа земја страда токму од врвот, од оној застоен, одамна мувлосан „слој“ на самопрогласени интелектуалци доброволно впрегнати во функцијата на моторна сила на „идеологијата“ на регресот, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.
Во која или кон која „црна“ Европа се стремат овие луѓе со нивните лаги и омраза за другиот – политички противник, неистомисленик или (не дај боже) мигрант! – и како за само година и половина дефинитивно се разоткрија, целосно и недвосмислено, алчни за власт се спуштија на ова дно без дно од коешто нема назад? Или, всушност, никогаш и не биле погоре, зашто имаа цели седум години да покажат што знаат и умеат. Покажаа дека знаат само да крадат и умеат да лажат. Второво го умеат и денес, уште подобро. Првото им се измолкна од раце.
И кој сега би им верувал, како мислат повторно да влеат доверба кај гласачкото тело после сето ова што го направија, и го прават?
Знам, некој ќе рече: што па овој им го бере гајлето? Скраја да е, не берам ничие гајле, најмалку нивно. Тие де факто веќе воопшто и не се важни во оваа земја, без оглед што сѐ уште има „медиуми“ што така ревносно ни ги пренесуваат нивните „болести“ во вид на збор, слика, текст… Но важно е што ни покажаа колку всушност сме назад од светот, колку нештата – што би рекол Фројд – што ги сметавме неуништиви биле трошни, кршливи, па и лажни. Дури и зборовите и чувствата како патриотизам, култура, морал, идентитет…
Или, иако неволно, ќе ја парафразирам „госпожа“ Фон дер Лајен: Македонија каква што ја познававме повеќе не постои! Не дека онаа „другата“ беше којзнае што, но ова ги надмина и најцрните предвидувања. Оваа „прогресивна“ секта како секојдневно да го просветлува овој „грешен“ народ со нивните лаги, конструкции, манипулации…
Онаа некогашна прогресивна социјалистичка мисла, она гордо чувство на некогашна интелектуална моќ, па и надмоќ, барем во некои и некакви регионални рамки, сега преоблечени во некаков квазилиберализам и кванташка социјалдемократија, одамна отиде во парампарче заради овие и вакви интелектуални шпекуланти, експертски манипуланти, профитерски калкуланти… Македонија, или барем оној слој којшто требаше да биде моторната сила на развојот, полека се рони, се сипе, се губи во живиот песок на нивната корупција, криминал, лагата, омразата… А тие со себе, со нивната неспособност и неукост, ги повлекоа на дното и целиот образовен, научен и културен сегмент од општеството. Го растурија комплетно, го партизираа, го криминализираа, го корумпираа…, го присвоија, како што го присвоија и целиот систем. Ама сега се жалат на истиот, велат – не постои!
Останува нејасно како образовниот и научниот корпус во државава – но и власта, која и да е – толерира универзитетски „професори“ со крајно ригидни и сомнителни општествени ставови и промоција на бизарни „вредности“, со јавни настапи полни со навреди за дел од граѓанството, со искази што задираат во основните слободи и права на човекот.
Зошто државата, на чело со универзитетските првенци, дозволува граѓаните кои ги плаќаат да бидат нарекувани стока, неспособни, националисти…, дека никој освен нивната секта не дал ништо за оваа држава итн.
И каков пример е тоа за нивните студенти, за младите генерации, за македонското општество, вклучувајќи го и последниот „супрематистички“ фашизоиден говор на еден доктор и универзитетски професор кој во стилот на најмрачните времиња удира по говорницата и ги нарекува мигрантите со секакви погрдни имиња?
Кога Македонија слушала вакви „говори“, јавни обраќања со најпростачки зборови за кого и да е, не пак за луѓе во потрага по подобар живот, луѓе кои бегаат од воени жаришта, од терор или сиромаштија? Не сум заговорник на којзнае какви толерантни политики кон мигрантите, но да ги квалификувате со онакви „епитети“ како извлечени од „Mein Kampf“…? Луѓе кои „ствараат проблеми“, „насилства, протести, силувања, болести (…)“! И тој, со таа памет и таков речник, „сака развој“, сака „да сме дел од Европска унија“?!
И ова ли не го слушаат оние силни декани, ректори и какви сѐ други титулари има на македонскиот Универзитет, не го слушаат ли ни оние глуви и слепи во обвинителствата, има ли Македонија Хелсиншки комитет или тој се јавува само кога некој од нивното „идеолошко“ опкружување ќе го повлече за уши? И има ли во Македонија и други невладини организации коишто вообичаено се многу гласни кога станува збор за нечии други човекови права?
И до кога, ве молам, коекакви шапшали јавно ќе се изживуваат врз нас, ќе лечат свои комплекси, ќе нѐ „просветлуваат“ со нивните простачки изливи? Или овде, како што неодамна и по друг повод коментираше една шушумига која милува да глуми „теоретичарка на уметност“, навистина говориме за политички „турбо-фолк“ што доаѓа „од горе па надоле“?
Но тогаш, како и зошто и тие културни „елити“ се стројат зад такви турбо-фолк политиканти? И кој е тогаш двигател на културната – а во случајов и на политичката – девастација на општеството?!
Извор: kurir.mk


