Директорот на пазарниот инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски во објава на Фејсбук напиша дека леб во маркетите има и се продава по 33 денари. Тој кажа дека инспекторите се на терен и како и Владата претходно, најави дека дополнително ќе се замрзнуваат цените и на другите производи.
Тој вчера напиша дека доколку се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни во согласност со Законот за трговија, а бидејќи казните се во опсег од 800 до 10 000 евра, апелираше да се почитуваат одлуките на Владата.
„Граѓаните не смеат да трпат заради туѓи лични интереси! Мерките се насочени кон тоа да им се олесни состојбата на граѓаните во ваков кризен период и нивната злоупотреба е апсолутно недозволива. Кризата не е време за мислење само на себе и на профит, туку потребно е да имаме разбирање едни кон други, да помагаме и да бидеме солидарни“,
напиша вчера Трајковски.
Претходно, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат ги контролираа трговците дали се почитува Одлуката овие типови леб да се продаваат по замрзната цена од 33 денари, а од извршените контроли рекоа дека се изречени казни за три скопски и една кумановска фирма. На четирите фирми им се изречени парични казни од над 300 000 денари.
Откако три дена граѓаните не можеа да купат бел и полубел леб, од денеска на полиците во продавниците и маркетите тој повторно може да се најде, но сега по замрзната цена од 33 денари.
Полиците за леб останаа празни откако Групацијата на мелничко-пекарската индустрија донесе одлука да не произведуваат и носат бел и полубел леб, согласно Одлуката на Владата тој да се продава по замрзната цена од 33 денари, а образложението им беше дека на тој начин ќе претрпат огромни загуби.
По два дена бојкот, од Групацијата вчера донесоа одлука дека овие типови леб од денеска ќе се продаваат за 33 денари, а на Владата ѝ порачаа дека битката против оваа одлука ќе ја водат на правна основа.
Од Групацијата рекоа дека одлуките на Владата прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра и оти поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се приспособи и да ги намали цените за одредени видови леб, но и да намали на бројот на вработени за да опстане во иднина.
Одлуката на Групацијата дојде откако Владата им наложи на производителите и трговците дека имаат обврска да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена. Ваква одлука Владата имаше донесено во четвртокот на седница, а таа веднаш беше објавена во „Службен весник“, со што стапи во сила.
ИЗВОР: 360stepeni.mk