На 3 јуни 1989 година е отворена границата меѓу Бугарија и Турција. Неколку дена претходно, диктаторот Тодор Живков одржа говор во кој јасно стави до знаење дека бугарските муслимани не се посакувани и треба да ја напуштат земјата. Така започнува летото на етничкото чистење, кое подоцна ќе биде наречено со подбив — „големата екскурзија“, пишува Еми Барух за Дојче Веле..
„Ќе чекаме подобри денови, кога ќе се вратите“
Илјадници луѓе фактички се протерани од своите домови. Сите заминуваат кон југ со по еден врзоп облека. Две недели подоцна, историчарката-османист Антонина Желјазкова им се обраќа на своите колеги од Институтот за балканистика и на членовите на Клубот за поддршка на гласноста и промените, преку отворено писмо по повод протерувањето на лингвистот и фолклорист Салих Бакладжиев, како и на сите бугарски граѓани што се самоопределуваат како муслимани.
Тоа претставува исклучителен чин на граѓанска храброст во време кога таквите дејства можеа да доведат до непропорционална одмазда од страна на репресивната држава. И покрај започнатата перестројка, бугарското општество сѐ уште живееше во состојба на понижувачки страв, покорно подредување и тивка послушност.
Претходно веќе беше спроведена насилната промена на имињата на бугарските Турци- и на живите и на починатите, пред очите на нивните соседи. Бугарската комунистичка партија успеа да поттикне националистички страсти, чија проекција во мешаните региони доведе до поделби меѓу населението.
Во своето отворено писмо, Антонина Желјазкова пишува:
„Во овие трагични настани, ние- нивните сограѓани, парализирани од сопствениот страв, не сме во состојба да им подадеме рака. Како што не можеме да ѝ помогнеме ни на нашата земја, турната во невидена економска и политичка криза, ни на сопствените деца, кои ќе го наследат срамот од денешните настани, ни на нашата иднина. […] Вие, десетици илјади сограѓани, кои веќе сте во изгнанство или на патот кон него: нека имате среќа, нека не страдате многу, нека сте здрави и нека брзо најдете засолниште и средства за живот во странство. Ќе чекаме подобри денови, кога ќе се вратите, кога ќе си ги простиме грешките и кога повторно ќе можеме заедно да живееме и да работиме како рамноправни и слободни граѓани на нашата татковина – Бугарија.“
Минати се 36 години од тогаш. Простивме ли? Се сеќаваме ли на тој период од поновата историја? Какви траги остави таа траума? Постои ли споделено сеќавање, или масовната бугарска свест сѐ уште одбива да го признае тивкото отстапување од човечноста кон луѓето со кои до вчера се делеле и радости и таги?
Познато е дека организираното протерување барало создавање бирократска машинерија, рутински процедури и функционална распределба на задачите. Но, не се познати имињата на конкретните извршители, на луѓето на терен – таму каде што до тогаш мирно соживувале христијани и муслимани.
Се прашувам — од каква емоционална дистанца сето тоа го набљудувале библиотекарката од читалиштето, продавачот, наставничката, медицинската сестра?
Каков бил интелектуалниот одговор на бугарската хуманистика во тие денови? Зошто молчеле оние што молчеле? Поети, новинари, филозофи, универзитетски професори…
Тоа прашање ме прогонува отсекогаш: зошто оние што до вчера со соседите разменувале чубрица или сирење преку оградата, одеднаш го вртат погледот од она што му се случува на соседот, ја купуваат неговата тава и теписи за ситни пари, го земаат добитокот и молчешкум се повлекуваат?
Нивните деца и внуци се наши современици. Не паметам некој да побарал прошка за стореното од своите предци.
Отпор против заборавот
На 3 јуни, во стрелиштето на гарнизонот, денес познато како „Изложба за национално помирување“, ќе биде отворена фотографска изложба организирана од ФотоФабрика, посветена на оваа човечка трагедија. Селекцијата се базира на „Визуелниот архив на асимилацијата“, создаден од турската професорка Зејнеп Зафер и новинарката Дијана Иванова.
Фотографиите на двајцата турски фоторепортери, Сулејман Акман и Бехич Ѓуналан, нѐ доближуваат до оние слоеви од минатото што и понатаму се затрупани под нашата неспособност да ги почувствуваме. Тие се повик да не ги архивираме пребрзо досиејата од заедничкото минато. Тие се отпор против заборавот.
ОРИГИНАЛНИОТ ТЕКСТ НА ЕМИ БАРУХ ЗА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ
Извор: kurir.mk