Жан Митрев доби обвинение за измама, му се заканува затворска казна од 1 до 10 години

3 mins read

Во текот на истрагата ОЈО Скопје пратило покана до пациентите и нивните семејства, при што 283 се јавиле и рекле дека се приклучуваат на прогонот и имаат чувство дека се измамени

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен акт против докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената клиника, за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Обвинителен предлог за измама има и за клиниката како правно лице.

За кривичното дело за кое е осомничен Митрев предвидена е затворска казна од 1 до 10 години, додека на клиниката и се заканува парична казна.

Сепак, прво обвинението треба да биде оценето од Основниот кривичен суд Скопје, па доколку биде прифатено да почне судската постапка.

Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.

Од ОЈО Скопје појаснуваат дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациентите, но таа е ограничена, кај најтешки пациенти, со тешка клиничка слика. Исто така, појаснуваат и оти обвинението не е во насока на тоа дека пациенти починале од хемофилтрација и не е предмет несовесноста на лекувањето туку се однесува конкретно на тоа што на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведени во заблуда.

„Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,

велат од ОЈО Скопје.

Исто така, додаваат, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од ковид-19.

Во текот на истрагата ОЈО Скопје пратило покана до пациентите и нивните семејства, а 283 од нив се јавиле и рекле дека се приклучуваат на прогонот и имаат чувство дека се измамени. Голем дел од луѓето кога се јавиле рекле и дека не знаат како се чувствуваат, некои дека не се чувствуваат измамено, но имало и такви што се излекувале, но рекле дека се измамени. Меѓу нив има и пациенти од странство, пред сè, од Косово.

Пресметките на Обвинителството се дека од овие луѓе што рекле дека се измамени биле наплатени
97 461 000 (околу 1,6 милиони евра) денари за хемофилтрација.

Со обвинението поднесен е и предлог пасошот на Митрев и понатаму да биде одземен како и да стои гаранцијата од еден милион евра која тој ја даде претходно како доказ дека нема да избега.

Во пресрет на денешната информација за обвинението, Жан Митрев, синоќа во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека не се плаши од обвинение и не планира да се спогодува бидејќи тврди дека не направил никаква измама.

„Не се плашам од обвинение. Нема измама. Ќе се докажуваме, ако треба 100 години ќе се докажувам пред суд бидејќи нема такво нешто“,

рече синоќа Митрев.

Третманот на ковид-пациенти во клиниката „Жан Митрев“ ја бранува јавноста од јули минатата година, кога на оваа тема Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“.
Според новинарското истражување, приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) од што практично податоците биле користени за клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.

Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“, кои ги објави ИРЛ, пишуваше и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдеа и дел од роднините на починати пациенти во болницата кои зборуваа во документарниот филм. Од друга страна, пак, Според Центарот за јавно здравје – Скопје, приватната клиника ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган.

По објавувањето на документарецот кон средината на јули 2022 година, веднаш беше оформен предмет во обвинителството. На почетокот на август, пак, предистрагата напредуваше во истрага. Како мерка на претпазливост, обвинителството побара, а судот одобри да се одземе патната исправа на Жан Митрев поради опасност од бегство. Докторот потоа достави и гаранција од еден милион евра дека нема да избега.

Во неколкуте јавни настапи, пак, што ги имаше по објавувањето на „Нечиста крв“ негираше дека пациентите и нивните семејства ги доведувал во заблуда со методот на хемофилтрација односно дека за истиот никогаш не кажал дека е лек за корона туку дека со него се лечат последиците.

„Никогаш не сум рекол дека тоа е нешто што лекува корона, туку дека тоа е можно да им помогнеме на некои пациенти“,

зборуваше докторот во последниот јавен настап.

Тврдеше и дека има согласности од пациентите, а негираше и дека биле правени клинички студии од третманот со хемофилтрација туку дека тоа било следење и анализирање на клиничките резултати.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Првиот американски јуриш на Русија

Следно

Славески се огласи по повод барањето за итна седница на Советот на Скопје за загадувањето

Latest from Blog