ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије ќе продолжи цврсто да стои покрај Турската Република Северен Кипар (ТРСК) секогаш кога ќе ѝ биде потребна поддршка, како што правеше и во минатото, јавува Анадолу.
„Туркије ќе продолжи да дава силна поддршка во сите области, од зајакнување на односите со туркискиот свет до прекинување на неправедната изолација на кипарските Турци“, рече Ердоган на церемонијата на отворање на Претседателскиот комплекс на ТРСК во Лефкоша.
Ердоган додаде дека Претседателскиот комплекс на Турската Република Северен Кипар претставува „манифестација на волјата на државата да постои наспроти неправдата и незаконитоста“.

Тој рече дека комплексот, чија изградба започна во 2022 година, се простира на 639.475 квадратни метри и се состои од Претседателската палата, Републичкото собрание, Високиот суд и градина отворена за јавноста.
– Повеќедецениниското кипарско прашање –
На Кипар постои повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци и покрај низата дипломатски напори на Обединетите нации (ОН) за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклави поради нивна безбедност.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци за анексија на островот од страна на Грција предизвика воена интервенција на Туркије како гарантна сила за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар (ТРСК).
Во последните години имаше повремени мировни процеси, меѓу кои и неуспешна иницијатива во Швајцарија во 2017 година под покровителство на земјите гаранти Туркије, Грција и Велика Британија.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во Европската Унија (ЕУ) во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го блокираа планот на ОН за ставање крај на долгогодишниот спор.
Извор: Anadolu Agency (AA)


