Со проекција на филмот TeraForma, во Кинотека на Македонија се одржа Пролетното издание Ecoscop на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали (Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК Браќа Манаки).
-22 април, не случајно е избран за оваа проекција, бидејќи се одбележува Денот на планетата Земја и на овој начин ние се приклучивме на акцијата за одбележување на овој ден, истакна директорот на ИФФК Браќа Манаки, Димитрија Доксевски, кој им посака добредојде на присутните и ги покани по проекцијата да ја проследат панел дискусијата со експертот по екологија Ханес Јекл и Ѓорѓи Митревски, координатор на програмата за заштита на реките во „Еко-свест“.

Публиката ја исполни салата во Кинотека и сведочеше на приказната насловена TerraForma која говори за оддалечениот вулкански остров Вознесение, кој тлеел милиони години сè до неговата радикална трансформација со процес на „тераформирање“ во тропски рај. Тоа е приказна за тоа што таа трансформација може да значи за нашата планета во иднина каде што може да дојде до тераформирани пејзажи создадени од човекот кои го искривуваат нашето разбирање за самата „природа“. На овој остров има повеќе отколку што се гледа. Новата средина, навидум рај, всушност е фатаморгана- огледална слика на нивната амбиција, нивната империја и нивното разбирање за светот…
-Започнавме со 10 општини и 1.000 волонтери, но за пет години „Генералка викенд“ прерасна во огромна акција во која сега се вклучени 81 општина и 45.000 волонтери, раскажа Ханес Јекл, извршен директор и ко-основач на „Man and Mountain“, компанија со седиште во Скопје, која креира проекти за еколошка свест – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – СОНЧЕВА ГОРА, зелени градови , развој на Национални паркови и природни локалитети, зелена економија, органско земјоделство, рурален развој – економски, културен и социјален развој, туризам, зелена енергија…

Тој посочи дека верува оти Македонија може да се исчисти од ѓубре до 2031 година, и е среќен што тоа не е само негово ентузијастичко верување, туку дека таква мисла имаат сите учесници во акциите кои ги спроведуваат. Посочи дека следната акција ќе се организира за чистење на Аквадуктот на 9 мај и повика за поголемо учество.
-Сметам дека е наша обврска да ја исчистиме оваа земја, бидејќи ова е наша земја, полна со талентирани, креативни и љубезни луѓе и ако сакаме навистина можеме да ги решиме сите наши проблеми бидејќи ова е мала држава, истакна Јекл.

Од луѓето кои учествувале во акциите кои ги организираат слушнал бројни искуства и смета дека денеска тие не ја познаваат повеќе својата земја.
-Ова пред се поради тоа што во филмот гледавме реалност која луѓето сакаат да ја пресоздадат, која ним им одговара. Во Македонија сега луѓето не ја познаваат сопствената земја. Пред 20 години немало толку отпад, немало загадување на воздухот, но ова тераформирање не се однесува само на животната средина, туку и на општеството. Сметам дека филмот и филмската сцена и овој проект на ИФФК Браќа Манаки се исклучително важни, бидејќи уметничкото влијание е неверојатно и затоа сакам сета наша енергија да ја вложам во тоа Македонија да стане земја во која сите ние сакаме да живееме, рече Јекл.
На панел дискусијата покрај Ханес Јекл учествуваше и Ѓорѓи Митревски од Еко-свест.
-Соработката со уметници и културни центри сметам дека е најдобра. Таа е поврзана и со вечерашнава тема, но и со филмот кој го гледавме, едноставно поради тоа што на овој начин ги комуницираме пораките, идеите кои сакаме да ги пренесеме, рече Ѓорѓи Митревски, кој е координатор на програмата за заштита на реките во Еко-свест.

Тој посочи дека пред пет години одлучиле директно да комуницираат со независни културни центри, фестивали, уметници итн. со цел да ја подигнат свеста за заштита на природата и животната средина.
-Уметноста или културата во една поширока смисла е можеби најмоќниот медиум за пласирање на идеите за подигање на свеста за животната средина, рече Митревски, кој како продуцент, активно соработува со независни културни колективи и уметници, креирајќи филмови, театарски претстави, изложби и инасталации со цел да ја прошири еколошката порака и да поттикне поширока јавна поддршка.
Во својата работа тој ги промовира принципите на граѓанската наука, развивајќи алатки и методологии што овозможуваат активно учество на граѓаните во мониторингот на реките. Преку ваквиот интердисциплинарен пристап ја обединува науката, уметноста и заедницата во заедничка заложба за заштита на природата и одбрана на живиот свет.
-Кога го гледав филмот мене најмногу ми остави впечаток еден од говорниците кој рече дека природата е социјален конструкт и ние во јавните комуникации ја реконструираме таа идеја цело време. Тоа во голем мера е вистина. Еве на пример кога говориме за реките во Швајцарија, таму има изградено повеќе од 3.600 мали хидроцентрали и не постои ниту една река со слободен тек и ниту еден природен автохтон систем. За разлика од тоа, неколку земји на Балканот – Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и дел од Косово се единствени места на Европскиот континет каде постојат реки кои се слободни од извориштето до одлевањето, комплетно недопрени…, раскажа Митревски, посочувајќи дека Македонија е можеби последното упориште на недопрени речни екосистеми на Европскиот континент и тоа е битката што тие ја водат.
За оние кои не беа во можност да ја проследат бесплатната проекција во Кинотека, филмот ќе биде достапен една недела онлајн на ондеманд платформата на линкот: https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/.
фото: Татјана Ранташа
ИЗВОР: racin.mk