АКО НЕ ИМ ДАДЕМЕ КНИГИ НА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ, ЌЕ ЗАБОРАВАТ ДА ЧИТААТ, РЕЧЕ МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА ЗА НОВАТА НАГРАДА „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“ ОД „АРС ЛАМИНА“

March 11, 2025
3 mins read

Мојата мајка имаше многу сериозен однос кон литературата за деца и многу сакаше да открива нови таленти. Затоа сум сигурна дека востановувaњето на наградата „Оливера Николова“ ќе даде голем придонес во заживувањето на литературата за деца, емотивно рече композиторката Јана Андреевска на денешното објавување на новата награда.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ денес, на роденденот на Николова, која почина на 4 ноември на 88 години, објави дека ја востановува наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади. Во топла и емотивна атмосфера, членките на жирито за наградата Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), професорката Весна Мојсова-Чепишевска и писателката Јагода Михајловска-Георгиева зборуваа за значењето на Николова, како мајка на сите македонски писателки, за муабетите со неа, за иднината на романите за деца во Македонија.

Наградата ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денес и трае до 11 јуни. Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември годинава, а ќе биде доделена на посебна свеченост. Наградата е откупна и се состои од 60 илјади денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на „Арс Ламина“.

Како што рече Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“ на денешната прес-конференција, со оваа награда сакаат да ја зачуваат и продолжат големата книжевна традиција што ја остави Николова.

„Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето на нови светови за најмладите. Во време на книжевноста за деца и притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена“, рече Бугариска.

Ана Несторовска-Саздовска и Бранка Бугариска од „Арс Ламина“, на прес-конференцијата со членките на жирито: Ќорвезироска, Мојсова-Чепишевска и Михајловска Георгиева. (Фото: „Арс Ламина )

Ќорвезироска кажа дека оваа награда не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македоскиот книжевен живот.

„Речиси сите одевме на книжевна причесна кај Оливера Николова. Ѝ ги носевме своите книги. Макар да ги допре. Востановувањето на оваа награда е исто така причесна за македонската книжевност. Преку неа раскажувачката рака на Николова ќе продолжи да чука како срце и да бие како камбана“, рече Ќорверзироска.

Според Мојсова-Чепишевска, оваа идеја да се воведе награда „Оливера Николова“ ќе направи еден сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни.

„Времето ќе ги исфилтрира, ќе ги исцентрифугира преку тоа каков прием навистина тие ќе имаат кај самите деца-читатели. И ќе бидам среќна кога по само неколку години, а особено за десет години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде не само преполна со книги, туку и полна со добри книги кои ќе го задржуваат вистинското внимание на детето на 21. век преку добрите приказни. Приказни што ќе знаат да го забавуваат и кои ќе ја поттикнуваат неговата љубопитност, неговата фантазија, но и ќе му помагаат да го развива својот интелект и да ги објаснува своите чувства. Ако не им дадеме книги на децата, посебно на младите, ќе заборават да читаат“, рече Мојсова-Чепишевска.

Михајловска-Георгиева рече дека за ниту една друга награда не се израдувала како за оваа.

„Имам пет внуци на возраст од три до тринаесет години. Ми се поплакуваат дека македонските дела не биле интересни како странските, особено лектирите. Не тврдам дека се сосема во право, па сепак… Што бара младата читателска публика? Бара книги блиски до нивниот начин на комуникација, забава, блиски до нивните интереси, возбудливи книги, богати со фантазија, духовити, поттикнувачки, не ‘попувачки’, не ‘мудрувачки’, не дидактички, иако вклучително и тоа, но вешто камуфлирано. Младите бараат да се препознаат во ликовите, јунаци на кои можат да им веруваат, да се угледуваат на нив… Затоа, според мене, е најтешко да се пишува за овие читатели, но и најчудесно. Еве го мојот ‘рецепт’: се нурнувам во сопственото детство, го наслушнувам детето во мене, а паралелно, будно ги набљудувам „новите клинци“. Па, сепак, секој автор си го открива својот начин. Најважна е смелоста да се влезе во таа авантура… и да се пишува, пишува, пишува“, кажа  Михајловска-Георгиева.

Право на учество на конурсот имат сите полнолени лица кои ќе пратат необјавен ракопис –  роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописот може да биде во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници) што ќе ги достават самите автор по електронска пошта на konkurs@arslamina. com како Ворд или ПДФ документ со назнака:  за конкурсот „Оливера Николова“.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Се полнат амбулантите со пациенти кои имаат алергии од полен

Следно

Собранието изгласа интерпелација на Весна Дамева

Latest from Blog

Лицата со дијабетес бараат инсулински пумпи за сите лица со дијабет тип 1

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес (СЗДСМ) бара од Владата, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес пред престојната јавна набавка на инсулински пумпи да се осигураат минимум критерумите за

Зајдисонце на езерото Ван

СКОПЈЕ (АА) – Зајдисонцето над езерото Ван создаде прекрасна глетка во истоимената турска област, на чиј источен брег се наоѓа градот Ван, јавува Анадолу. Тимот на АА го сними овој природен феномен,

Одбојкарите на Струмица во младинска конкуренција се шампиони на Македонија

Одбојкарите на Струмица 47&72 се ново-стар шампион во машка младинска конкуренција. Оваа екипа ја продолжи доминацијата во конкуренција до 21 година, откако во финалето на Ф4 турнирот во Скопје со 3-0 (25-16,

Трамп воведува 100 % царина за филмовите снимени во странство

ВАШИНГТОН (АА) – Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ги овластил Министерството за трговија и американското трговско претставништво да започнат процес на воведување 100 % царини за сите филмови произведени во
Go toTop