Милев заминал пред неколку дена на свое барање, а во текот на целиот ангажман во Царинската управа работниот однос му бил продолжуван со договори на определено време
Додека директорите на Царина се менуваа, Игор Милев, сопруг на апелациската судијка Тања Милева и човек од доверба на Зоран Заев, продолжуваше да важи за моќна и влијателна фигура во оваа институција, како што го портретираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
По речиси пет години поминати на висока позиција во Царинската управа, Игор Милев ја напушти оваа институција.
Милев заминал пред неколку дена на свое барање, а во текот на целиот ангажман во Царината, работниот однос му бил продолжуван со договори на определено време. Информацијата за неговото повлекување за „360 степени“ ја потврдија и од Царинската управа.
„Работниот однос на Игор Милев во Царинската управа е престанат на 21.2.2023 година на негово барање. Тој беше вработен во Царинската управа на работно место советник на директорот со склучување договори на определено работно време почнувајќи од април 2018 година“,
велат од Царинската управа.
„360 степени“ се обиде и лично да го праша Милев од кои причини си оди од Царина, но тој не одговори на нашите телефонски повици.
Директор во сенка
Иако се споменуваше во комбинации да застане на чело на Царинската управа, тој никогаш формално не стана директор. Од јавните објави, па и од профилите на Царина на социјалните медиуми може да се види дека во петте години стаж Милев бил помошник-директор на Секторот за контрола и истраги.
Додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, помошник-директор на Секторот за контрола и истраги во Царината беше Дарко Дулиќ, а непосредно по преземањето на премиерската позиција во 2017 г., Зоран Заев сведочеше за големиот интерес токму за тоа место.
,,Премиерот што ја води Владата на Република Македонија ги слушаше тие пусти разговори. И сега знае сè и затоа сега сите кај мене се тепаат кој да биде на местото на Дулиќ во Царина и на местото на Влатко Мијалков. И што тоа? Викам – колкава е платата? Мала е платата, не е голема. Епа, не бива таа работа“,
изјави тогаш Заев алудирајќи на моќта што ја носи тоа место.
Малку подоцна токму Игор Милев ќе ја заземе таа позиција.
А, својата кариера во Царинската управа Милев ја почна во 2018 година, во времето на директорот Ѓоко Танасоски, кој беше назначен на функцијата по формирањето на првата влада на Заев во 2017 година. Милев остана во Царина и по разрешувањето на Танасоски и именувањето на Горан Сугарески за нов директор во јануари 2021 г. Непотврдени информации говореа дека Танасоски е сменет затоа што не одобрувал дел од постапките на Милев.
На работното место советник на директорот Милев остана и откако Сугарески си даде оставка од Царинската управа поради кандидатурата на локалните избори во 2021 г., а на негово место во јули истата година беше назначена актуелната директорка Славица Кутиров.
Додека директорите на Царина се менуваа, Милев продолжуваше да важи за моќна и влијателна фигура во оваа институција. Така го портретираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите што кружат во Царината, Игор Милев добил одврзани раце да ги спроведува партиските задачи. Имено, веднаш по вработувањето, Игор Милев има овластување од страна на директорот на Царинската управа да извршува задачи на помошник-директор на Сектор за контрола и истраги, најважниот сектор задолжен за спречување криминални дејанија и шверц. Според кои квалификации е вработен Милев? Дали криминалниот картел го награди Милев за аминувањето на криминалните локални избори во октомври лани со место во Царинската управа“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на 29 април 2018 година, месецот кога Милев беше вработен во институцијата.
Од адвокат, член на ДИК до …
Пред да се пробие како функционер од редовите на СДСМ, Игор Милев беше адвокат. Според серија медиумски објави, своевремено му бил бранител и на Зоран Заев.
Неговата политичка кариера во СДСМ вклучува кандидатура за градоначалник на Радовиш на локалните избори во 2013 година, кога загуби од Сашко Николов од ВМРО-ДПМНЕ. По пржинските преговори во 2015 година, во пресрет на парламентарните избори одржани наредната година, тој беше избран за член на Државната изборна комисија (ДИК) по предлог на СДСМ.
Во ДИК остана до декември 2017 година, кога заедно со дел од неговите колеги си поднесоа оставки откако тогашниот американски амбасадор Џес Бејли откри дека членовите на ова тело си изгласале дополнителни примања за парламентарните избори во 2016 и локалните во 2017 година.
Сопруг на апелациската судијка Тања Милева
Името на Милев во јавноста често се споменува и во контекст на неговата сопруга, судијката Тања Милева. Таа околу осум години работеше како судијка во Основниот суд Велес, а во ноември 2017 година беше избрана за апелациски судија во скопска Апелација. Иако беше трета на ранг-листата, Судскиот совет ѝ даде предност во однос на прворангираниот при тој избор, судијата Лазар Нанев од Кавадарци.
Бидејќи Апелацискиот суд во Скопје има недостиг на судии кривичари веќе со години, судијката Милева често е дел од советите што одлучуваат за јавно експонирани случаи, вклучувајќи ги и оние на СЈО.
Таа првично во 2017 година беше дел од судечкиот совет во случајот „Поткуп“, каде што обвинет беше Зоран Заев и требаше да се одлучува дали видеоснимката обезбедена со посебни истражни мерки ќе се користи како доказ во постапката пред првостепениот суд. Меѓутоа, Милева, која нецел месец претходно беше избрана за апелациска судијка, побара изземање од предметот токму поради партиската блискост на нејзиниот сопруг со Заев.
Има случаи кога нејзино изземање од советите бараа ексфункцинери од ВМРО-ДПМНЕ. Адвокатскиот тим на Никола Груевски во август 2018 година, неколку месеци пред тој да избега, побара таа да биде изземена од советот што требаше да одлучува во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“. Причината за нивното барање, како што објаснија, беше што таа е сопруга на Игор Милев – поранешен кандидат за градоначалник од СДСМ и тогашен советник на директорот на Царината.
ИЗВОР: 360stepeni.mk