Георги Унковски: „Ди-Џеј Ахмет“ е филм за љубовта и за судирот на светови

March 2, 2025
9 mins read

Долгометеражниот првенец на Георги Унковски „ДиЏеј“, кој на фестивалот на незвисен филм беше овенчан со две награди – на публиката и на стручното жири со наградата за креативна визија, веќе е продаден во 15-тина земји, открива во интервју за Рацин.мк режисерот на филмот.

„Сега филмот ќе си има свој живот, нас ни останува да го пратиме и да навиваме за него. Имаме прекрасни вести после пазарот во Берлин (на филмското Берлинарел). Филмот ќе биде дистрибуиран сега за сега повеќе од 15-тина земји. Само еден месец по својата премиера. Очекувам да има долг живот и да го гледаме по кина и фестивали во светот“, вели Георги Унковски.

После Берлин „ДиЏеј Ахмет“ ќе оди и на други фестивали и филмски „берзи“, а на пролет се очекува европската премиера за кога е се најавува и неговата македонска премиера и живот во кината ширум државата, истакнува во интервјуто за Рацин.мк, Георги Унковски.

Во ова интервју режисерот Георги Унковски говори за инспирацијата за филмот.

Вели дека бил поттикнат од повеќе, меѓу кои едната е поместувањето на генерациите, доаѓање на една генерација која расте комплетно различно со технологија од претходната генерација.

Но, Унковски инсистира дека „ДиЏеј Ахмет“ е една љубовна приказна. Инспирација за филмот е и документарецот на Билјана Гарванлиева – „Девојчето и Тутунот“ кој прикажува еден многу интересен дел од јуручката култура и живот и така сето тоа во комбинација со една идеја која беше опсесија за еден овчар кој ги губи овците на едно техно забава во македонско планинско село, така сето тоа како комбинација се случи.

Со Георги Унковски разговараше Зоран Бојаровски

Бојаровски: Благодарам многу за можноста да го снимиме ова интервју, како дел од серијалот „Имаме неколку прашања за Вас“ на Рацин.мк. Се вративте од САД после светската премиера на „ДиЏеј Ахмет“, со две награди. Едната од публиката, а другата од стручното жири за креативна визија. Пред да го снимими ова интервју, рековте дека помина еуфоријата. Објаснете го тоа.

Унковски: Се соочуваме со реалноста и се спремаме за да видиме што е следно. После еуфорија секогаш доаѓа еден период на судир со реалноста, така што сега сме во таа фаза.

Се надевам дека тој судир со реалноста ќе биде дополнителен поттик и проекти. Како што реков за 2-те награди, ме интересира, еве за првата, за онаа на публиката, што е тоа што ја плени публиката на фестивалот Санденс? Што е тоа што вие успеавте, ти и целата екипа околу проектот, филмот „Диџеј Ахмет“, да го исцедите и да добиете нешто што ќе биде суштина и што ќе го препознае публиката во Амррика и ќе му даде награда на филмот?

Па мислам дека тоа што на крајот беше пресудно да кажам е тоа што имаме една автентична приказна, автентични, непретенциозни ликови со борби и дилеми животни кои се универзални. Мислам дека тука и музиката игра многу важна улога во поврзување на тие два света, како и хуморот кој се покажа дека може да биде смешен и во Америка.

Ова ве прашувам заради тоа што пренесовте еден амбиент, ликови кои дури и во Македонија припаѓаат во едно прилично изолирано, етно подрачје, во етно амбиент, но сепак профункционира таа комуникација која освои публика, тоа беше многу интересно. Дали се работи за егзотика?

Сигурно има дел егзотика во она шо ја привлече публиката. Но, мислам дека е многу важно да разбереме дека Јуруците и проблемите на Јуруците, оние со кои се соочуваат, се многу слични со дилемите со кои сите ние се соочуваме. Така да во тој однос таа универзалност на приказната дали се случува во јуручко село или во предградие, мислам дека тоа е тоа што успеа да ја поврзе публиката.

Втората награда. За креативна визија. Кое беше образложението на жири комисијата, што е тоа што нив ги плени за да дадат една ваква, за мене, многу интересна и значајна награда?

Би сакал повеќе да раскажам за објаснувањето на жирито, меѓутоа кога се појави моето име на екран како добитник на наградата малку се изблокирав не успеав да го слушнам објаснувањето. Се уште бараме видео запис од доделувањето но се уште немаме комплетен видео запис. Така што, објаснувањето на жирито ми се промакна во тие моменти кога ми се случи тоа.

Но сепак како човек кој припаѓа во оваа креативна индустрија, веројатно ти значи многу – Креативна Визија- сепак тоа е многу сериозен комплимент.

Многу ми е драго. Многу убав комплимент, признание за нашата работа. Рамо до рамо не ставија со многу поискусни големи земји од нас. Така што посебно ми е драго што успеавме да се избориме за едно такво признание.

„Ди-Џеј Ахмет“ ќе биде дистрибуиран сега за сега повеќе од 15-тина земји

Што се случува сега со филмот? Обично се вели кога ќе излезе филмот и кога ќе се искаже прво на премиерското платно тогаш почнува еден свој сопствен живот во кој вие немате нешто многу удел освен тоа дека е потпишан со вашите имиња, вашите кредити, ќе го шири гласот за вас низ светот. Но што се случува сега со филмот?

Сега филмот ќе си има свој живот, нас ни останува да го пратиме и да навиваме за него. Имаме прекрасни вести после пазарот во Берлин. Филмот ќе биде дистрибуиран сега за сега повеќе од 15-тина земји. Само еден месец по својата премиера. Очекувам да има долг живот и да го гледаме по кина и фестивали во светот.

Во Берлин беше само дел од маркетот, така што се уште бараме европска премиера. Се надевам дека во Македонија крајот на пролетта ќе имаме шанса да го видиме во кината.

Значи во Македонија ќе биде и европската премиера?

Па да, најверојатно. Можеби паралелно ќе се случи и во повеќе земји, но ќе видиме, се уште работиме на тоа.

Што беше мотивацијата и инспирацијата да се направи филмот? Што беше тоа што првично го препознавте како некој запис, како некој претходен филм? Имате спомнато мислам некој филм на Билјана Гарванливеа?

Имаше неколку инспирации. Едната беше тема која што за Македонија е многу актуелна а тоа е едно поместување на генерации, доаѓање на една генерација која расте комплетно различно со технологија од претходната генерација. Меѓутоа, важно е да се спомене дека филмот пред се е една љубовна приказна. Инспирација за филмот е и документарецот на Билјана Гарванлиева – „Девојчето и Тутунот“ кој прикажува еден многу интересен дел од јуручката култура и живот и така сето тоа во комбинација со една идеја која беше опсесија за еден овчар кој ги губи овците на едно техно забава во македонско планинско село, така сето тоа како комбинација се случи.

Кога одлучи дека филмот ќе го правиш со „натуршчици“, со луѓе кои произлегуваат од амбиентот каде што е правен филмот? Што беше пресудно да биде така?

Тоа беше одлука од самиот почеток мислам дека имаше клучност да филмот биде, да добие на автентичност. Генерално јас секогаш сакам ако веќе е претставена некоја заедница или некоја култура, ликовите и глумците да бидат од таа заедница, култура, тоа е многу важно за филмот да добие на емоција, кредибилитет и автентичност. Така што, од тој аспект самиот кастинг се одвиваше во поголем дел од јуручките села, школи и заедници низ Македонија.

Филмот има две раѓања

Ти веќе спомна дека филмот може да зборува и да се гледа од аспект на судир на светови. Од една страна имаме едно типично рурално, затворена заедница која функционира во еден вон временски простор и која во одреден момент како што, претпоставувам, не го знам филмот целосно но од она што го читав, јунакот во тој филм се среќава со нешто што е култура што произлегува од техно музиката, рејв журките инт, тоа е едниот судир. Другиот судир може да биде концептот на една средина ова социјалните мрежи, медиуми, интернет и оваа затворена средина. Се работи ли за судир на светови?

Да, апсолутно има судир на светови и тоа е голем дел од драмата. Но, судирот нема акцент премногу тој судир на светови, туку тоа е нешто што е прифатено, нешто што е така и тоа е позадината на приказната.

Oд она што гледаме, добив впечаток дека прилично сте се забавувале додека сте го правеле филмот. Точно ли е тоа?

Па не е точно. Мислам дека треба една демистификација да се направи дека снимање на филм е забавна работа. Според мене не е баш така. Може да биде доста… Снимањето на филм е полно со сомнежи, несигурности, тешки услови и многу страдање генерално. Никој од сабалје не станува и е возбуден да оди на снимање според мене. Меѓутоа сите стануваат и сите одат и ја завршуваат својата работа. Ние велиме дека филмот за време на снимањето умира, бидејќи тука сите идеи се судираат со реалноста и многу е важно човек да се адаптира на реалноста за да може да го создаде дел од тоа што го замислил. Така што, не би рекол дека се забавував, но би рекол дека сум многу горд на тоа што го направивме и сепак некако сум возбуден за тоа што ќе се случува следно.

Ме заинтригира ова „за време на процесот филмот умира“, може ли малку да ни го објасниш тоа?

Па да. Филмот се раѓа кога се пишува, кога се раѓа идејата. За време на снимањето поголем дел од тие идеи умираат во смисла да ништо не е така како што си замислуваме, туку е некоја верзија на тоа, некоја реална верзија на тоа. Исто се случува и комплетна деконструкција да се губиме во процесот бидејќи не се снимаат хронолошки сцените, така што се губи драматрушкиот тек на приказната и на крај на снимањето најчесто тешко е да се каже дали има добар или нема добар филмот. Потоа филмот се раѓа пак во монтажата и таму го добива својот живот пак.

Второто раѓање. Спомна сомнежи. Имаше ли?

Апсолутно да. Мислам дека снимањето на овој филм и темата и јазикот, снимање на филм којшто не го зборувам… Тоа се ме доведе до границите на моето знаење, на моите можности. И тоа беше некое свесно предизвикување, можеше многу лесно да заврши различно од како што заврши во смисла на неговиот успех. Но, на крај сето тоа допринесе да имаме квалитетен филм.

Но сигурно имаше моменти кога рече „Ова е тоа, имаме добар филм“?

Да, да. Во второто раѓање. Во монтажата, после првата верзија на филмот веќе беше јасно имаме нешто специјално.

Меѓу европската и американската филмска естетика

Во твојата биографија има запишано дека си студирал Рочестер, во САД, тоа е за фотографија и потоа магистратура во филмската школа во Прага. Можеш ли сега да ги споредиш овие 2 школи и колку тие 2 школи имаат влијание во филмот што го направи?

Да сигурно. Во САД сфатив дека не ме интересира толку многу фотографија, уште за време на студиите почнав да снимам филмови. Додека во Прага мислам дека за прв пат сфатив што значи да се биде режисер и кои вештини и одговорности ги има режисерот. Како да се раскаже една приказна преку слики итн. Европа и Америка се различни стилови на образование, едното многу поорганизирано, другото многу похаотично, но со свои предности и двете.

Дали од тоа можеме да кажеме или ти кажи ми, дали Прага, таа школа и естетика остави посилен печат кај тебе?

Па не знам дали ја имам таа естетика. Јас сум пораснал со американски филмови воглавно. Во Прага човекот кој ми беше ментор, професорот Иво Трајков, да кажам најмногу од него имам извлечено во однос на драматургија, како се раскажува приказна, како да се сними филм. Но, не зборувам од естетски пристап туку повеќе од драматуршки пристап што за мене беше нешто ново и да кажеме. Не би кажал дека сум го научил таму бидејќи мислам дека уште го немам научено до крај, но таму почнува таа опсесија.

Спомна дека си израснал на американските филмови, но веројатно во некоја позрела фаза или кога малку поинаку ги рационализираш филмовите што ги гледаш, се случи ли да речеш за некој филм, или за некој режисер ова е мојот модел, ова е нешто што мене ме интересира и кога тој го направил тоа веројатно можам и јас да го направам.

Не би се споредувал, во смисла дека и јас би можел да направам нешто. Секогаш се тоа режисери кои мислам дека се светска класа, имам уште многу за работа до таму. Но, браќата Коен се многу силно влијание и естетски и драматуршки би рекол. Пол Томас Андерсон исто ми е еден од омилените. Рој Андерсон кој малку „штрчи“ од овие двајца. Меѓутоа сите овие, сите имаат некои вештини, некои стилови кои ми се многу драги и тоа се луѓето кои со нетрпение чекам да видам што ќе направат.

Може да се каже дека со овој филм ти се подотвори вратата на светот на филмот. Ме интересира дали го препознаваш овој влез во тој свет, со овој филм кој веднаш доживеа успех и кој веројатно ќе донесе уште награди, барем јас имам такво чувство и едвај чекам да го гледам. Но, дали размислуваш кои би биле твоите чекори во тој свет Што би било тоа што би сакал ти да остави трага кога веќе влегуваш во таа врата?

Вратата е подотворена, меѓутоа дали ќе успееме да влеземе тоа е  посебна приказна. Јас се надевам дека идеална идејата ми е да покажеме дека Македонија е атрактивно место за правење на филм. Многу би сакал да успееме да донесеме странски продукции во Македонија, да се крене квалитетот на продукцијата во Македонија, да младите луѓе имаат каде да го градат занаетот, бидејќи филм не се учи во школо, за жал или за среќа. Така што, да се создадат услови и да се гради една екипа која што ќе може да се носи рамо до рамо со најдобрите.

Како помина ова во Берлин, во САНДЕНС претходно со луѓето кои се од тој свет?

Има интерес, меѓутоа тоа е многу тешко да се предвиди дали ќе вроди со плод. Секако многу е важно овие наредни 3-4 месеци многу активно да се искористат од наша страна, да се понудат конкретни проекти, конкретни сценарија, конкретни приказни.

Имате ли нешто со кое што може да најавите некоја нова идеја, филм?

Сега за сега, не. Работиме, се надевам дека ќе најавиме. Меѓутоа за да најавиме треба да бидеме сигурни.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Иле Михајловски од Свети Николе е на листата на 50 најдобри наставници во светот

Следно

ДУИ со поддршка за новата Директива на Комисијата на ЕУ за борба против корупцијата

Latest from Blog

Апелација му ја намали казната на Боки 13!

Апелациониот суд донел одлука за намалување на казната на осуденикот Бојан Јовановски попознат како Боки 13. Неговата казна од девет години се намалува на пет години затвор, што значи дека му остануваат уште

Има работа, кој сака да работи – На крајот на 2024 година имало 9.562 слободни работни места

Бројот на слободни работни места во четвртиот квартал лани изнесува 9 562, а најголем број, 2 149, има во втората група занимања – Стручњаци и научници, објави денеска Државниот завод за статистика.

Ангелова: Дигитална трансформација и квалитет на УКИМ ни се клучни приоритети

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ овој месец почнува со целосна дигитална трансформација. Најпрво ќе ги дигитализира сите студентски сервиси и планот е до почетокот на учебната 2025/2026 основните сервиси да бидат целосно

Национална конференција „Заедно сме посилни”

Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес денеска ја организираше годинашната Национална конференција „Заедно сме посилни” – со нагласок на можностите, предизвиците и способностите на жените и девојките

Се повлекува познатата „Дубаи чоколада“ од БиХ

Агенцијата за безбедност на храна на Босна и Херцеговина соопшти дека од пазарот се повлекуваат „Дубаи“ чоколатцата, произведени во Турција, откако потрошувач пријавил дека во едно од нив пронашол штраф. Според агенцијата
Go toTop